Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 ноември 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 32 став 13, во делот
2 Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата делот од оспорената одредба „и критериумите“ не бил во согласност со уставната одредба на членот 96 од Уставот, бидејќи критериумите можеле да се пропишуваат само со Уставот и законите, а не и со подзаконски акт, како што било предвидено со оспорениот законски дел. Оспорениот дел од законската одредба на бил во согласност и со член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, а дотолку повеќе што во Законот за градење не биле предвиденни елементите, параметрите за определување на критериумите за издавање, продолжување и одземање на овластувањата од членот 32 од Законот за градење.
Од наведеното, подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот законски дел се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 32 од Законот за градење е предвидено дека:
(1) Работите на изработка на проектна документација како одговорен проектант, на ревизија на проектна документација и на надзор над изведувањето на градбите може да ги врши физичко лице со овластување за вршење на овие работи, издадено од Комората. За градби од прва и втора категорија утврдени во членот 50 на овој закон се добива овластување А, а за градби од трета, четврта и петта категорија овластување Б.
(2) Со барањето за добивање на овластување А за изработка на проектна документација потребно е да се достави:
– доказ дека има завршено високо образование од соодветната струка,
– доказ дека има најмалку пет години работно искуство во вршењето на изработка на проектна документација од соодветната област и
– референтна листа за извршените работи на изработка на проектна документација.
(3) Со барањето за добивање на овластување Б за изработка на проектна документација поттребно е да се достави:
– доказ дека има завршено високо образование од соодветната струка,
– доказ дека има најмалку две години работно искуство во ршењето на изработка на проектна документација од соодветната област и
– референтна листа за учество во вршење на работи за изработка на проектна документација.
(4) Со барањето за добивање на овластување А за ревизија на проектна документација потребно е да се достави:
– доказ дека има завршено високо образование од соодветната струка,
– доказ дека има најмалку седум години работно искуство во вршењето на ревизија на проектна документација од соодветната област и
– референтна листа за извршена ревизија на проектна документација од соодветната област.
(5) Со барањето за добивање на овластување Б за ревизија на проектна документација потребно е да се достави:
– доказ дека има завршено високо образование од соодветната струка,
– доказ дека има најмалку четири години работно искуство во вршењето на ревизија на проектна документација од соодветната област и
– референтна листа за учество во вршење на работи на ревизија на проектна документација од соодветната област.
(6) Со барањето за добивање на овластување А за вршење на надзор над изведувањето на градби потребно е да се достави:
– доказ дека има завршено високо образование од соодветната струка,
– доказ дека има најмалку седум години работно искуство во вршењето на надзор над изведување на градби и
– референтна листа за извршени работи на надзор од соодветната област.
(7) Со барањето за добивање на овластување Б за вршење на надзор над изведувањето на градби потребно е да се достави:
– доказ дека има завршено високо образование од соодветната струка,
– доказ дека има најмалку четири години работно искуство во вршење на работи на надзор од соодветната област и
– референтна листа за учество во вршење на надзор од соодветната област.
(8) За издавање на овластувањата од ставот (1) на овој член се плаќа надоместок, согласно со ценовникот за јавни услуги од членот 95 став (1) точка 7 на овој закон.
(9) Средствата остварени од надоместокот за добивање на овластувањата на овој член се приход на Комората на овластени архитекти и овластени инженери и истите се уплатуваат на сметка на Комората на овластени архитекти и овластени инженери.
(10) За издадените овластувања од ставот (1) на овој член Комората на овластени архитекти и овластени инженери води регистар.
(11) Овластувања од овој член се издаваат за период од пет години со можност за нивно продолжување.
(12) Овластувањата од ставот (1) на овој член може да се одземат доколку се утврди дека лицето не ги исполнило некои од пропишаните услови за нивно добивање.
(13) Начинот и критериумите за издавање, продолжување и одземање на овластувањата од овој член, формата и содржината на образецот на овластувањата, начинот на водењето на регистарот, ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот.„
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, министерот меѓу другото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон. Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување, а според член 61 став 1 од овој закон, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.
Од анализата на целината на Законот за градење произлегува дека законодавецот предвидел овластување за министерот кој раководи со органот за државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот да ги пропишува начинот и критериумите за издавање, продолжување и одземање на овластувањата од членот 32 на Законот за градење, како и формата и содржината на образецот на овластувањата и начинот на водењето на регистарот.
Имено, ваквото овластување во Законот министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот да пропишува начин и критериуми за издавање, продолжување и одземање на овластувањата дефиниран во ставот 1 на член 32 од Законот за градење, според Судот, не е во спротивност со уставните норми. Ова од причина што во Законот, поточно во целината на членот 32 (кој по укинувањето од Уставниот суд на Република Македонија во Одлука У.бр.155/2005 од 22 март 2006 година во целост е изменет) се содржани критериумите, како и начинот за издавање, продолжување и одземање на овластување А и Б за изработка на проектна документација за овластување А и Б за ревизија на проектна документација, како и за овластување А и Б за вршење на надзор над изведувањето на градби.
Од анализата на целината на членот 32 од Законот за градење, кој што е содржан во Глава III со наслов „Учесници во изградбата“ и во потточка 7 „Овластувања“, јасно произлегува дека законодавецот ги определува општите критериуми врз основа на кои може да се добие овластување за вршење на работите на изработка на проектна документација и на надзор над изведувањето на градбите, а кое се издава од Комората, односно за градби од прва и втора категорија утврдени во членот 50 на овој закон се добива овластување А, а за градби од трета, четврта и петта категорија овластување Б.
Тргнувајќи од наведеното не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорениот дел од законската одредба на членот 32 став 13 „и критериумите“ се повредува темелниот принцип на владеењето на правото, ниту темелниот принцип на поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, бидејќи овластувањето на министерот дадено во определената законска одредба е во функција на операционализација на законот, а не навлегување на извршната во законодавната власт. Имено, критериумите за издавње на овластувањата за работите на изработка на проектна документација како одговорен проектант, на ревизија на проектна документација и на надзор над изведувањето на градежните работи, според Судот, се пропишани на општ начин во самата одредба и тоа од став 2 до став 7 од членот 32 на Законот, а нивното транспонирање во подзаконски пропис, според Судот, не значи утврдување на права и обврски спрема граѓаните кои произлегуваат од подзаконски акт, како што се тврди во иницијативата, туку само доразработка на Законот.
Имајќи го предвид наведеното, како и Законот во целина, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека Законот не содржи критериуми за издавање на овластување за работите на изработка на проектна документација, за ревизија над истата и на надзор над изведувањето на градежните работи, од што произлегува дека оспорениот дел од законската одредба е во согласност со Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.168/2008
5 ноември 2008 година
С к о п ј е
лк/сд
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски