17/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 29 октомври 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 59 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” бр. 153/2007).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 59 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба е проблематична од неколку уставно-правни аспекти.

Прво, одредбата зависела исклучиво од волјата на Владата на Република Македонија, дали и кога ќе утврди повисок процент на усогласување на пензиите од процентот на усогласување определен во членот 37 од Законот, што пак создавало правна несигурност.

Второ, во оспорената одредба не била определена висината на процентот на зголемувањето и врз основа на кои критериуми и параметри можел да се утврди повисок процент. Во случајот, Владата можела по сопствени критериуми, независно од Уставот и законот, да утврди повисок процент на усогласување на пензиите, со што неминовно ќе се создавала нееднаквост на граѓаните, корисници на пензија и

Трето, повисокиот (точен) процент на усогласување, можел да биде утврден само со закон, но не и со одлука, или според волјата на Владата на Република Македонија, бидејќи таа како носител на извршната власт морала да има законски критериум и параметар за извршување на законите, што во случајот не било така.

Оттаму, оспорената одредба ги повредувала член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9, член 34, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 88 и член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека с поред членот 59 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” бр. 153/2007), од 1 јануари и од 1 јули секоја година, a до 31 декември 2009 година Владата на Република Македонија може да утврди повисок процент на усогласување на пензиите од процентот на усогласување утврден согласно со членот 37 од овој закон.
4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните врености на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Bo членот 34 од Уставот се гарантира правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кои се утврдуваат со закон и со ко лективен договор, a според членот 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалнита сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според членот 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Според членот 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт и своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите, a според членот 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено на уредување со закон и колективен договор. Уставот, исто така ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјална праведност. Според тоа, прокла-мацијата на тие уставни принципи произлегува од социјалниот карактер на државата, a видовите на правата од социјалното осигурување, начинот, постапката и условите за остварувањето на овие права на граѓаните се резер-вирани за законодавната власт која ги уредува релевантните односи од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните.

Пензиското и инвалидското осигурување како елемент на правото на социјалното осигурување е предмет на уредување со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Co овој закон се уредува задолжителното пензиско и инва-лидско осигурување на работниците во работен однос и на физичките лица кои вршат дејност, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и ивалидското осигурување (член 1).

Согласно член 37 од овој закон, усогласувањето на старосната пензија се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50% и движењето на просечно исплатената нето плата на сите вработени во Република Македонија во висина од 50%. Пензијата од став 1 на овој член се усогласува од 1 јануари и од 1 јули секоја година според процентот кој се добива како збир на движењето на индексот на трошоците на животот во претходното полугодие и процентот на движењето на просечно исплатената нето плата на сите вработени во Република Македонија во предходното полугодие во однос на полугодието кое му предходи.

Во оспорениот член 59 од Законот е предвидено од 1 јануари и од 1 јули секоја година, a до 31 декември 2009 година Владата на Република Македонија може да утврди повисок процент на усогласување на пензиите од процентот на усогласување утврден согласно со членот 37 од овој закон.

Co оваа одредба законодавецот утврдил правен основ Владата, во период од две години (до 31 декември 2009 година), да може да определува повисок процент на усогласување на пензиите од процентот на редовното усогласување на пензиите определен со Законот (членот 37 од Законот), со цел да се ублажи состојбата предизвикана од фактот дека секоја година учеството на просечната пензија во однос на просечната плата се намалува со што се намалува реалната вредност на пензијата. Имено, според податоците од мислењето на Владата на Република Македонија, доставено до Уставниот суд на Република Македонија, како одговор на иницијативата (акт на Владата бр. 19-783/1 од 25 февруари 2008 година), платите во однос на пензиите, во периодот 2004-2007 година биле зголемени за околу 15% повеќе од порастот на пензиите што за истиот период овој пораст на пензиите изнесувал 6%.

Поаѓајќи од ваквата состојба, Владата на Република Македонија е овластена врз основа на оспорената законска одредба да може да утврди повисок процент на усогласување на пензиите од процентот на усогласување утврден соглаоно со член 37 од Законот, од каде произлегува дека законодавецот ја овластил Владата, да може да утврди повисок процент за усогласување на пензиите од процентот до кој се доаѓа со примената на членот 37 од Законот. Притоа и препуштил на Владата да го утврди механизмот за пресметка на повисокиот процент, што значи дека Владата, при утврдувањето на повисокиот процент за усогласување на пензиите, треба да го има предвид процентот за усогласување на пензиите пресметан според член 37 од Законот, и тоа како појдовен податок за тоа над кој износ треба да го определи поголемиот процент за усогласување на пензиите. Освен тоа, критериумите од член 37 на Законот, се применети при редовното усогласување на пензиите, a интенцијата на законодавецот била да се зголемат пензиите над тој износ, што е единствено можно со примена на друг критериум, различен од веќе применетиот.

Според тоа ако се има предвид дека во членот 37 од Законот како критериум за усогласување се јавува процентот кој се добива од збирот на движењето на индексот на трошоците на животот во претходното полугодие и процентот на движењето на просечно исплатената нето плата на сите вработени во Република Македонија во предходното полугодие во однос на полугодието кое му предходи (во сооднос 50% : 50%) произлегува дека овој ист критериум е појдовен при утврдувањето на повисокиот процент на усогласување на пензиите. Оттаму, неосновани се наоводите од иницијативата дека Владата на Република Македонија е овластена да утврди поголем процент на усогласување на пензиите без за тоа да има законска рамка и критериуми.

Имајќи предвид дека, средствата за исплата на вака пресметаниот поголем процент на усогласување на пензиите се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија, од една страна, како и местото и улогата на Владата во организацијата на државната власт, која како носител на извршната власт е самостојна и независна во утврдувањето на политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието, во донесувањето на прописи за извршување на законите и во вршење на другите работи врз основа и во рамките на Уставот и за коните, од друга страна, произлегува дека овластувањето на Владата да утврди повисок процент на усогла-сување на пензиите, подразбира право Владата покрај појдовните во членот 37 од Законот да утврди соодветен критериум за пресметка на повисокиот процент и право да го утврди самиот процент, водејќи сметка за обезбедување на социјалната сигурност и социјалната заштита на граѓаните, во рамките на материјалните и финансиските средства со кои располага државата.

Ова особено затоа што поголемиот процент на усогласување на пензиите е замислен како корективен механизам на исплатените пензии за определен период и има за цел да ја подобри материјалната и социјалната сигурност на корисниците на пензии, поради што Судот смета дека е во функција на доследно реализирање на начелото на социјална праведност како едно од уставните начела во остварувањето на правата од социјалната заштита и социјалата сигурност гарантирани со член 35 став 1 од Уставот. Притоа, неспорно е дека со усогласувањето се опфатени сите корисници на пензија и дека зголемувањето на пензиите се однесува на сите корисници.

Тргнувајќи од наведеното, произлегува дека се неосновани наводите во иницијативата дека на таков начин Владата ги доведувала до нееднаков третман граѓаните и дека од нејзината волја зависело дали ќе дојде до примена на механизмот кој обезбедувал поголем процент на усогласување на пензиите. Имено, овој механизам ќе се примени секогаш кога редовното усогласување на пензиите нема да може во доволна мера да го избалансира порастот на платите по однос на порастот на пензиите, a воедно од Буџетот на Република Македонија ќе можат да се издвојат средства за таа намена.

Поаѓајќи од напред наведеното, Судот оцени дека оспорениот член 59 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9, член 34, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 88 и член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.17/2008
29 октомври 2008 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски