108/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 октомври 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на устав­носта на член 38 став 3 од Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 25/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005 и 37/2006).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на меѓусебната согласност на:

– член 38 став 3 со член 2 став 2, член 40 и член 47 од Законот означен во точка 1 на ова решение и

– член 38 став 3 од Законот означен во точка 1 на ова решение со основните начела на Законот за персоналниот данок од доход .

3. Александра Илиева, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба од Законот со која се утврдува дека обврската за плаќање на придонесот за здравствено осигурување останува без оглед дали е исплатена плата, надоместок на плата, пензија односно друг паричен надоместок согласно со закон, била во спротивност со член 32 став 3 од Уставот. Имено,со оспорената одредба се давал приоритет на обврската за плаќање на државните давачки, т. е. придонесот за здравствено осигурување пред исплатата на платата, односно соодветната заработувачка, без оглед на тоа дали и колку работодавецот остварил приходи во работниот месец, со што се засегало во уставното право на работодавецот и вработениот на соодветна заработувачка или попрецизно, државата навлегувала во правото на заработувачка на вработениот, со тоа што го задолжувала по секоја цена да даде приоритет на придонесот, иако можеби во месецот не остварил ниту доволно средства за подигнување на плата или пак остварил само егзистенцијални средства (трошоци за кирија, струја, вода), но не и доволно за да го уплати придонесот.

Оспорената одредба значела охрабрување на Фондот за здравствено осигурување да ги тужи самовработените лица и работодавачите за неплатен придонес за здравствено осигурување, со крајна цел присилно извршување пред приватен извршител. Ваквите активности на Фондот биле во спротивност со уставните начела на социјална сигурност и правда на граѓаните како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Оспорената одредба била во спротивност со член 2 став 2 од Законот за здравствено осигурување, што било во спротивност со начелото на солидарност како темелна уставна вредност, како и во спротивност со член 40 и член 47 од истиот закон, затоа што оспорената одредба создавала обврски за уплата на придонес и доколку нема исплата на плата, надоместок на плата, пензија или друг паричен надоместок.

Исто така, се укажува дека согласно член 48 од Законот за здравственото осигурување, за пресметување, уплатување, стасаноста, застареноста и отпишувањето на придонесот за задолжително здравствено осигурување, како и за казнените камати, се применувале прописите за пресметување и наплата на персонален данок од доход, а согласно Законот за персоналниот данок од доход, основен услов за било какво оданочување претставувал било каков остварен приход, меѓутоа, оспорениот член предвидувал обврска и кога не постои приход. Поради тоа, оспорената одредба била во спротивност со основните начела на Законот за здравственото осигурување и на Законот за персоналниот данок од доход.

Практичната примена на оспорената одредба, преку тужбите на Фондот за здравствено осигурување кон граѓаните, произведувала правно дејство кое било во спротивност со начелото на хуманизмот како темелна вредност на уставниот поредок во Република Македонија.

Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд на Република Македонија да ја поништи оспорената одредба.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 38 став 4 од Законот за здравственото осигурување, обврската за плаќање на придонесот од ставот 1 на овој член останува без оглед дали е исплатена плата, надоместок од плата, пензија односно друг паричен надоместок согласно со закон.

5. Уставот на Република Македонија во членот 1 став 1 определил дека Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Според членот 8 алинеја 8 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, а според членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во членот 34 од Уставот е предвидено дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според член 35 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Согласно членот 39 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита, а граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Од наведените уставни одредби произлегува дека здравственото осгурување, како елемент на правото на социјално осигурување, за своја темелна основа ја има определбата на Уставот според која Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност, како и уставната определба дека хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок.

Тргнувајќи од уставната определба со закон и со колективен договор да се уредат правата на граѓаните во сферата на социјалното осигурување врз основа на наведените уставни начела, со Законот за здравственото осигурување се уредува здравственото осигурување на граѓаните, правата и обврските од здравственото осигурување, како и начинот на спроведување на здравственото осигурување.

Здравственото осигурување на граѓаните со Законот е уредено преку востановување на задолжително и доброволно здравствено осигурување и во тие рамки се уредени правата и обврските на овие два диференцирани облици на здравствено осигурување.

Задолжителното здравствено осигурување се востановува, според член 2 од Законот, за сите граѓани на Република Македонија заради обезбедување на здравстени услуги и парични надоместоци врз начелата на сеопфатност, солидарност, еднаквост и ефективно користење на средствата под услови утврдени со овој закон, а доброволното здравствено осигурување се установува за обезбедување на здравствени услуги кои не се опфатени со задолжителното здравствено осигурување.

Во членот 3 од овој закон е определно дека задолжителното здравствено осигурување го спроведува Фондот за здравствено осигурување на Македонија, кој согласно членот 53 се основа за таа цел, дејноста која ја врши е од јавен интерес и врши јавни овластувања утврдени со овој закон. Во делот на одредбите во Законот кои се однесуваат на задолжителното здравствено осигурување, со членот 4 е определено дека осигурени лица, во смисла на овој закон, се осигурениците и членовите на нивното семејство.

Во согласност со начелата на задолжителност и сеопфатност, во член 5 став 1 од Законот, таксативно се утврдени лицата – осигуреници кои подлежат на задолжителното здравствено осигурување, а во ставот 2 на овој член е утврдена можност граѓаните кои не се опфатени со задолжително здравствено осигурување доброволно да пристапат кон него. Освен на овие лица, според член 6 од Законот, задолжителното здравствено осигурување се обезбедува и на членовите на нивните семејства, ако тие лично не се осигурени по некој основ од членот 5 на овој закон.

Со задолжителното здравствено осигурување на осигурените лица, согласно член 8 од Законот, им се обезбедува право на основни здравствени услуги под услови утврдени со овој закон, во случај на болест и повреда надвор од работа и во случај на повреда на работа и професионално заболување.

Согласно член 27 став 1 од Законот, правата од задолжителното здравствено осигурување во рамките на обемот на правата утврдени со овој закон, осигурените лица ги остваруваат врз основа на здравствена легитимација или картичка за здравствено осигурување и доказ дека придонесот за задолжителното здравствено осигурување е платен.

Средства за задолжителното здравствено осигурување, согласно член 37 на Законот, се обезбедуваат од: 1) придонеси од бруто платите и надоместоците на платите на вработените, пензиите и надоместоците од пензиското и инвалидското осигурување, приходите на лицата кои самостојно вршат дејност, средства за невработените лица и средствата на другите обврзници на придонес; 2) дополнителен придонес за случај на повреда на работа и професионално заболување; 3) учество на осигурениците; 4) буџетот на Републиката; 5) камати и дивиденда; 6) подароци, легати и 7) други приходи.

Во член 38 од Законот е предвидено дека осигурениците од член 5 на овој закон плаќаат придонес за задолжително здравствено осигурување, со точно набројување на надлежните органи за пресметување, задржување и уплатување на придонесот, во која смисла, согласно став 2 точка 1 од овој член, се утврдува дека за осигурениците – лица во работен однос и лица кои се избрани или именувани на постојани должности, јавни и други функции, ако за вршењето на таа функција примаат плата, придонесот за задолжителното здравствено осигурување го пресметуваат, задржуваат и уплатуваат работодавачите.

Согласно оспорениот став 3 на овој член, обврската за плаќање на придонесот од ставот 1 на овој член останува без оглед дали е исплатена плата, надоместок од плата, пензија односно друг паричен надоместок согласно со закон.

Од наведената законска регулатива произлегува дека при утврдувањето на правата и обврските на субјектите во системот на осигурување во сферата на здравството, законодавецот се определил дека осигурените лица правата ги остваруваат врз основа на платен придонес за задолжително здравствено осигурување, односно дека осигурувањето е условен однос на субјектите кои ги примаат и кои ги пружаат здравствените услуги. Преку задолжителното здравствено осигурување кое се заснова врз плаќање на придонес и финансиска дисциплина на осигурениците, се обезбедува еднаква здравствена заштита на сите осигуреници, што според Судот (Решение У. бр. 209/2005 од 15 март 2006 година), претставува законска регулатива која во потполност ги изразува определбите на Уставот, дека Република Македонија е социјална држава; дека темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија се хуманизмот, социјалната правда и солидарноста; дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви; дека Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност, и дека на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита, а граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба од член 38 од Законот, според која обврската за плаќање на придонесот за задолжително здравствено осигурување останува без оглед дали е исплатена плата, надоместок од плата, пензија односно друг паричен надоместок согласно со закон, е токму во насока на обезбедување услови за остварување на уставно утврденото право на социјална сигурност и социјално, односно здравствено осигурување и остварување на здравствената заштита, како израз на социјалниот карактер на Република Македонија и не значи повреда на уставното право на соодветна заработувачка.

Имено, според член 105 став 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/05 и 106/2008), работникот има право на заработувачка – плата, согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување. Според член 109 ставовите 1 и 2 од овој закон, платата се исплатува за периоди кои не смеат да бидат подолги од еден месец. Платата се исплаќа најдоцна 15 дена по изминувањето на исплатниот период. Според член 264 став 1 точка 11 од истиот закон, глоба во износ од 8.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за сторен прекршок на работодавач – правно лице, ако не исплатил плата, односно најниска плата и не уплатил придонеси од плата (членови 105 до 114).

Според член 67 став 1 од истиот закон, работниците на кои работодавачот не им исплатил плата и не им уплатил придонеси од плата три месеца последователно, имаат право да покренат иницијатива пред надлежен суд за престанок на работодавачот.

Согласно член 40 ставовите 1 и 2 од Законот за здравственото осигурување, основица за пресметување и плаќање на придонесот за задолжително здравствено осигурување, за осигурениците на кои се утврдува плата е бруто платата и надоместокот на платата. Бруто плата, во смисла на овој закон, претставува платата во која се содржани и придонесите и даноците што се плаќаат од платата, односно надоместокот на плата. Согласно став 7 на истиот член, работодавачите се должни, месечно, да го пресметаат и уплатуваат придонесот за задолжителното здравствено осигурување од плата, поединечно за секој осигуреник заедно со исплатената плата и надоместоци од плата за соодветниот месец.

Според член 48 став 1 од истиот закон, обврската за плаќање на придонесот за задолжително здравствено осигурување пристигнува на денот на подигање средствата за плата, а ако платата не е исплатена, последниот ден во месецот за претходниот месец, а за обврзниците кои се сами за себе обврзници за плаќање на придонесот, последниот ден во месоцот за претходниот месец.

Согласно член 88 став 1 точка 2 од овој закон, со парична казна од 200.000 до 300.000 денари ќе се казни за прекршок работодавачот, ако изврши исплата на плата, надоместок на плата, пензија и друго парично примање, а не уплати придонес за задолжителното здравствено осигурување или придонесот за задолжителното здравствено осигурување го уплати во помал износ (членови 40 до 47).

Од наведената законска регулатива произлегува дека законодавецот утврдил јасни и прецизни одредби за обврската на работодавачот да му исплаќа плата и надоместоци на плата на работникот и дека предвидел санкции за повреда на ваквите одредби. Придонесот за задолжително здравствено осигурување претставува елемент на бруто платата на работникот и работодавачот има законска обврска за исплата на овој придонес, исто како и обврската за исплата на нето платата и другите даноци и придонеси кои ја сочинуваат бруто платата на работникот.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека обврската за исплата на придонесот за задолжително здравствено осигурување до последниот ден во месецот за претходниот месец, без оглед дали е исплатена платата на работникот, не значи повреда на уставното право на соодветна заработувачка, како што се наведува во иницијативата. Ова затоа што работодавачот има законска обврска за исплата на плата и придонеси од плата во утврдени рокови, а плаќањето на придонесот за задолжително здравствено осигурување не го ослободува работодавачот од обврската за исплата на платата.

Имајќи предвид дека платениот придонес за задолжително здравствено осигурување е услов за остварување на здравствената заштита на осигуреникот, според Судот, обврската за континуирано, месечно уплаќање на овој придонес, е во функција на обезбедување поголема социјална сигурност во сферата на здравствената заштита, во согласност со начелото на солидарност, кое во Законот за здравственото осигурување се изразува преку заемниот однос помеѓу самите осигуреници во здравственото осигурување кои независно дали имаат потреба да ги користат здравствените услуги, имаат обврска за континуирано плаќање на придонес за задолжително здравствено осигурување, заради создавање на материјални можности за обезбедување услови и средства за остварување на правата утврдени со Законот, за осигурениците на кои тоа им е потребно. Поради тоа, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспореното законско решение со начелото на социјалната правда и солидарноста како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека наводите во иницијативата дека оспореното законско решение значело охрабрување на Фондот за здравствено осигурување да ги тужи самовработените лица и работодавачите за неплатен придонес за здравствено осигурување, се неосновани. Ова затоа што Законот за здравственото осигурување го дефинира Фондот за здравственото осигурување како институција надлежна за спроведување на задолжителното здравствено осигурување, преку која се остваруваат правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување, во која смисла, Фондот е надлежен за прибирање на средствата од придонесите за задолжително здравствено осигурување, како услов за остварување на основната здравствена заштита. Обврската за плаќање на задолжителното здравствено осигурување е утврдена со закон, поради што дејствијата што Фондот ги презема за обезбедување на овие средства, во рамките на правата и обврските на Фондот утврдени со закон, се во функција на остварување на здравствената заштита на граѓаните во рамките на востановениот здравствен систем во Републиката.

6. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Наводите во иницијативата за тоа дека оспорената одредба од Законот била во спротивност со начелото на солидарност утврдено во член 2 став 2 од Законот за здравствено осигурување, како и во спротивност со член 40 и член 47 од истиот закон, затоа што оспорената одредба создавала обврски за уплата на придонес и доколку нема исплата на плата, надоместок на плата, пензија или друг паричен надоместок, во суштина претставува барање за меѓусебна оцена на одредбите од ист закон, што согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не спаѓа во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија. Поради тоа, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

Наводите во иницијативата за тоа дека оспорената одредба била во спротивност со основните начела на Законот за персоналниот данок од доход претставува барање за оценка на меѓусебната согласност на два закона, што исто така, не спаѓа во надлежност на Уставниот суд, поради што Судот оцени дека иницијативата и во тој дел треба да се отфрли во согласност со член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

Уставниот суд, исто така, не е надлежен за оцена на примената на законите, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на наводите во иницијативата за тоа дека примената на оспорената одредба, преку тужбите на Фондот за здравствено осигурување кон граѓаните, произведувала правно дејство кое било во спротивност со начелото на хуманизмот како темелна вредност на уставниот поредок во Република Македонија,.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.108/2008
29 октомври 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски