205/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 октомври 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за избор на вршител на должноста на градоначалник на општината Карпош бр. 07-2318/8 од 27.08.2008 година, донесена од Советот на општина Карпош.

2. Игнат Виларовски – заменик на градоначалник на општина Карпош на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, Советот на општина Карпош на својата шеесетиседма седница одржана на 27 август 2008 година, донела Одлука за избор на вршител на должноста на градоначалник на општина Карпош. Во иницијативата се наведува дека оспорената одлука не била во согласност со членот 8 од Уставот на Република Македонија и член 54 став 5 од Законот за локалната самоуправа.

Имено, подносителот на иницијативата наведува дека биле повредени принципите на владеењето на правото и слободниот избор на носители на јавни функции.

Поради наведените причини, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата биде поништена или укината.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Карпош на седницата одржана на 27 август 2008 година донесе одлука за избор на вршител на должноста на градоначалник на општина Карпош бр. 07-2318/8.

Cпоред чен 1 од Одлуката, за вршител на должноста на градоначалник на општина Карпош се избира членот на Советот на општината Карпош, Сашо Димиќ.

Според член 2 од Одлуката, на членот на Советот Сашо Димиќ кој е избран да ја врши должноста на градоначалник на општината Карпош му мирува функцијата член на Советот за времето на вршењето на должноста на градоначалник на општината.

Според член 3, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на Општина Карпош“.

4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од називот и содржината на оспорената одлука неспорно произлегува дека оспорената одлука е поединечен акт со кој се избира вршител на должноста на градоначалник на општина Карпош, а не пропис со кој на општ начин се утврдуваат односи на неопределен број на субјекти во правото, што е карактеристично за секој вид на пропис.

Со оглед на тоа што оспорената одлука не е пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија туку е поединечен, односно конкретен акт, Судот оцени дека не е надлежен да ја оценува нејзината согласност со член 8 од Уставот на Република Македонија и член 54 став 5 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002 година).

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.205/2008
29 октомври 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски