Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 29 октомври 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 82 став 2 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2006, 36/2007 и 106/2008).
2. Димитрија Атанасовски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 82 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата ги цитира оспорената одредба и членовите 8 став 1 алинеја 3, 51 и 55 став 2 од Уставот и наведува дека оспорената одредба е спротивна на означените уставни одредби, бидејќи ги ставала граѓаните на Република Македонија во положба да плаќаат надомест за моќност на електирична енергија, изразена во индекс од 33% и тоа при факту-рирањето на испорачаната електрична енергија. Фактурирањето и наплатата во паушален износ изразен во проценти не било во согласност со правилото „владеење на правото“ од причина што граѓаните плаќале за нешто што не можеле да го измерат како потрошено, дали воопшто било потрошено, колку било потрошено и дали испорачаното одговарало на наплатеното.
Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата смета дека со ваквиот паушал дистрибутерот се стекнувал со незаработени средства за испорачана стока, што било резултат на монополската положба на дистрибутерот на пазарот. Колку за споредба, во Законот за енергетика, вакви одредби немало по однос на испораката на другите видови енергија, како што биле природниот гас, нафтените деривати и слично. На пример при купување на нафтени деривати граѓаните плаќале на самата безинска пумпа според цената на литар бензин, колку купувале толку плаќале и не плаќале никаков паушал за посебен квалитет на бензинот. Истото се однесувало и за природниот гас.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 82 став 2 од Законот за енергетика, снабдувачот на електрична енергија за тарифни потрошувачи на мало врши фактурирање на испорачаната електрична енергија и моќност, согласно со тарифниот систем, врз основа на извршените мерења.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 55 од Уставот, се гаранитира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека стопанските субјекти се слободни на пазарот и во тие рамки можат слободно да ги определуваат критериуми те и мерилата за утврдување на цената на нивните производи и услуги, но секогаш преку почитување на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Во членот 8 од Законот за енергетика е определено значењето на изразите употребени во овој закон. Според точката 15 од овој член од Законот, „Снабдување со енергија” е набавка и продажба, вклучително и препрoдажба на енергија на потрошувачите.
Според точката 16, “Тарифа” е цена на енергија формирана според прописите за формирање на цени и тарифниот систем. Според точката 17, “Тарифен систем за продажба на енергија” е акт кој ги одредува елементите за формирање на тарифите. Според точката 21, „ Регулиран производител на електрична енергија“ е производител на електрична енергија кој има обврска да обезбеди потребни количини на моќност и електрична енергија за целокупните потреби на моќност и електрична енергија на тарифните потрошувачи. Според точката 33, “Тарифен потрошувач на електрична енергија” е потрошувач кој купува електрична енергија по пропишани тарифни ставови, за сопствена потрошувачка.
Во членот 80 алинеја 8 од Законот, е определено дека, операторот на дистрибутивниот систем е должен, по претходно одобрување од Регулаторната комисија за енергетика, да ги донесе и објави во “Службен весник на Република Македонија” мрежните правила за дистрибуција со кои, меѓу другото, особено се уредуваат и функционалните барања и класата на точност на мерните уреди, како и начинот на мерење на електричната енергија и моќност.
Врз основа на изнесените одредби произлегува дека во оспорената одредба, но и во целината на Законот не се утврдува индекс од 33% кој треба да го плаќаат граѓаните како надомест за моќноста на електрична енергија. Имено, целосната престава за тоа како се врши испораката и фактурирањето на испорачаната електрична енергија и моќност се добива преку законската регулатива, но и преку прописите за формирање на цените и тарифниот систем донесени во функција на извршување на Законот, меѓу кои:
– Тарифниот систем за продажба на електрична енергија („Службен весник на Република Македонија„ бр.45/1982, 15/1985, 22/1988, 29/1989, 47/1989, 28/1992 и 24/1999),
– Условите за снабдување со електрична енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.6/2001),
– Мрежни правила за дистрибуција на електрична енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2008) и
– Одлука на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за одобрување на Тарифните ставови за снабдување со електрична енергија и моќност на тарифните потрошувачи приклучени на дистрибутивната мрежа („Службен весник на Република Македонија“ бр.30/2007). Притоа, според точката 2.2. „Тарифни потрошувачи на низок напон“ од наведената одлука, произлегува дека основниот придонес за пресметковна моќност на кориснците од категоријата потрошувачи „домаќинства“ и категоријата „останата потрошувачка II-тарифен степен“ учествува во вкупната вредност на електричната енергија од 25%, а се пресметува на таков начин што вредноста на през емената активна енергија (kWh) се зголемува за 33,33% за секој корисник.
Според напред изнесеното, произлегува дека оспорената законска одредба ги третира испорачаната електрична енергија и моќност како елементи од кои се формира цената на испорачаната електична енергија, без да утврди колкав процент од цената на енергијата се однесува на моќноста. Од значење е и околноста што целината на законскиот текст прави разлика помеѓу електрична енергија и моќноста како посебни елементи. Оттаму, во елементите на електричната енергија преку кои се пресметува нејзината вредност несомнено влегува, покрај активната енергија, и нејзината моќност што го изразува нејзиниот квалитет, од каде корисниците на енергијата ја плаќаат моќта на енергијата, како елемент на нејзината вкупна вредност, според критериумите и мерилата односно тарифните ставови за нејзино пресметување. Притоа, со начинот на пресметување на моќноста како елемнт на цената на електричната енергија се обезбедува таа да се плаќа сразмерно со потрошената активна енергија во секој пресметковен период, според мрежните правила и според тарифните ставови и други акти, а во рамките на соодветните тарифни системи за продажба на електрична енергија. Во нив пак се разработуваат тарифните ставови по однос на пресметковната величина што ја чинат моќноста, односно основниот придонес за пресметковна моќ искажан во kW и енергијата, односно преземената работна енергија искажана во kWh и kvarh, потоа, тарифното време, видот на потрошувачот, видот на тарифното броило и друго.
Врз основа на изнесеното, произлегува дека е неоснован наводот од иницијативата дека граѓаните плаќале за нешто што не можеле да го измерат како потрошено, дали воопшто било потрошено, колку било потрошено и дали испорачаното одговарало на наплатеното со што се повредувало правилото “владеење на правото“. Ова и од причина што самата законска одредба определува дека фактурирањето на испорачаната енергија и моќност се врши врз основа на извршените мерења, а самиот систем на мерења, можностите за корекција на евентуално неоправдано наплатената, а непотрошена енергија детално се разработени во наведените подзаконски акти и посебно во поглавието 5.4.1 Проверка и потврда на точноста на мерните податоци (чл. 123 до 129) од Мрежните правила.
Тргнувајќи од напред наведеното Судот оцени дека оспорениот член 82 став 2 од Законот е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 51 и членот 55 став 2 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.139/2008
29 октомври 2008 година
С к о п ј е
м.л.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски