Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 октомври 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Зоран Милков од Скопје за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.
2. Зоран Милков од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и изразувањето на мислата, политичка припадност и дискриминација по основ на пол, раса и социјална општествена положба, повредени со Решение на Генералниот секретар на Владата на Република Македонија број 04-4644/1 од 14 декември 2004 година.
Според наводите во барањето, со решението донесено од Генералниот секретар на Владата на Република Македонија, како и со пресудите донесени од Основниот суд Скопје II – Скопје, Апелациониот суд во Скопје и Врховниот суд на Република Македонија, спротивно на темелните вредности на Уставот, владеењето на правото, непочитувајќи ја аксиомата предвидена во член 52 став 4 од Уставот на Република Макекдонија, забрана за повратно дејство на закон, освен кога е тоа поповолно за граѓанинот, биле повредени слободите и правата на подносителот на барањето предвидени во членот 110 алинеја 3 од Уставот.
Имено, подносителот на барањето бил државен советник во Владата на Република Македонија, но со решение на Генералниот секретар на Владата бил прераспореден на пониско работно место – раководител на одделение. Таа постапка за прераспоредување не била спроведена во согласност со законот и истата се водела врз дискриминаторска основа, односно од причина што истиот не бил припадник на политичката партија на СДСМ, бил прераспореден на друго работно место.
Во текот на остварувањето на своите права пред судовите во Република Македонија, тужбата за поништување на решението за прераспоредување била одбиена, со правосилна пресуда на Основниот суд Скопје II – Скопје П.бр.306/2005 од 4 мај 2006 година, а Врховниот суд на Република Македонија со Решение Рев.бр.653/2007 од 4 јуни 2008 година поднесената ревизија ја отфрлил како недозволена бидејќи Законот за парнична постапка не допуштал вонредно правно средство – ревизија за работни спорови. Но, според подносителот Врховниот суд на Република Македонија применил закон кој бил понеповолен за тужителот.
Оттука, подносителот на барањето смета дека со ваквите дејствија преземени со Решение на Генералниот секретар на Владата на Република Макекдонија, како и на судовите биле повредени неговите права за слободата на уверувањето, совеста, мислата и изразувањето на мислата, политичката припадност и дискриминација по основ на пол, раса, социјална и општествена положба, предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Македонија, на седницата одржана на 17 јануари 2000 година, донела Решение број 17-155/2 од 17 јануари 2000 година со кое Зоран Милков, дипломиран економист, го именувала за републички советник.
Генералниот секретар на Владата на Република Македонија, со Решение број 04-4644/1 од 14 декември 2004 година врши прераспоредување на државниот службеник Зоран Милков кој дотогаш бил распореден на работно место државен советник за економски прашања, на работно место раководител на Одделение за стратешко планирање и следење на спроведувањето на стратешките приоритети – Сектор за стратегија, планирање и следење.
Против ваквото решение, подносителот вложил приговор до Агенцијата за државни службеници, која одлучувајќи по приговорот, со Одлука од 1 март 2005 година, истиот го одбил како неоснован, а решението на Генералниот секретар на Владата на Република Македонија го потврдил. Откако ова решение станало конечно, подносителот на барањето Зоран Милков, до Основниот суд Скопје I Скопје поднел тужба за поништување на решението, кој по одржаната расправа донел Пресуда П.бр.306/2005 од 4 мај 2006 година, со која ја одбил тужбата по барање на тужителот Зоран Милков за поништување на предметното решение како неоснована.
Апелациониот суд во Скопје, одлучувајќи по жалбата на тужителот Зоран Милков, со Пресуда Реж.бр.38/2007 од 14 февруари 2007 година истата ја одбил како неоснована, а пресудата на Основниот суд во Скопје ја потврдил во целост.
Одлучувајќи по ревизијата изјавена против правосилната пресуда на Основниот суд во Скопје, Врховниот суд на Република Македонија, истата ја отфрлил како недозволена со Решение Рев.бр.653/2007 од 4 јуни 2008 година, бидејќи во случајов не се работело за спор од работен однос по повод престанок на работен однос, туку за поништување на решение за прераспоредување што во смисла на член 372 став 3 точка 3 од Законот за парничната постапка тужбата е недопуштена.
4. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната за дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејствие му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеца од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Со оглед на наведеното, Уставниот суд нема надлежност да одлучува за примената на законите и другите прописи од страна на надлежните органи, ниту има надлежност на инстанционо – повисок суд да ја оценува законитоста на постапките и одлуките на судовите и другите органи по конкретни предмети на граѓаните.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Имено, видно од содржината на доставеното барање за заштита на слободите и правата поднесено од подносителот Зоран Милков (кое по барање на Судот е дополнително прецизирано), во истото не се содржани наводи за тоа дека со донесување на актите на Владата на Република Макекдонија и судовите во Република Македонија била извршена повреда на слободите и правата што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата ниту пак е извршена дискриминација на подносителот по основ на пол, раса, социјална и политичка припадност.
Според Судот барањето за заштита на слободи и права практично претставуваат барање Уставниот суд да се постави во позиција на инстанционо надреден арбитер и да се впушти во оцена на законитоста на работата на извршните органи, како и на судовите кои постапувале во овој предмет, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува.
Поаѓајќи од напред наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на барањето.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.196/2008
22 октомври 2008 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски