Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 октомври 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 5 став 1 точка 1 во делот
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, определувањето работниот однос да е, покрај другото, непрекинато извршување на работата од страна на работникот, можело да се сфати и дека работникот мора непрекинато и ден и ноќ, без никаков дневен, неделен и годишен одмор да ја извршува работата иако според член 264 точките 17, 18, 19 и 20 од Законот за работните односи работодавачот ќе биде казнет ако на работникот не му обезбеди соодветно дневно работно време, ноќна работа, дневен, неделен и годишен одмор. Поради тоа, самото постоење на зборот „непрекинато“ во член 5 став 1 точка 1 од Законот создавало правна несигурност кај работникот поради непрецизноста, неопределеноста, нејасноста, па одредбата била во спротивност со начелото на владеењето на правото и ги повредувала член 8 став 1 алинеја 3, член 32 ставовите 4 и 5, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека членот 5 од Законот за работните односи е систематизиран во Глава I. Општи одредби. Со него се определува значењето на изразите употребени во Законот: „работен однос“, „работник“, „работодавач“, „помал работодавач“.
Член 5 став 1 точка 1 од Законот се однесува на значењето на изразот „работен однос“, при што одредбата гласи: “„Работниот однос“ е договорен однос меѓу работникот и работодавачот во кој работникот доброволно се вклучува во организираниот процес на работа кај работодавачот, за плата и други примања, лично непрекинато ја извршува работата според упатствата и под надзор на работодавачот“.
Од изнесената законската одредба произлегува дека е тоа општо правило со кое се определува смислата на работниот однос. Тоа правило е понатаму разработено со друго, конкретно, практично применливо правило – ако работникот неоправдано изостане од работа три последователни работни дена или пет работни дена во текот на една година, работодавачот може да му го откаже договорот за вработување без отказен рок (член 82 став 1 точка 1 од Законот).
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.
Во член 32 од Уставот се определува дека: „секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат“(став 4) и дека: „остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори“ (став 5).
Според член 51 од Уставот: „во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон“(став 1) и „секој е должен да ги почитува Уставот и законите“(став 2).
Според член 52 став 2 од Уставот: „законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.“
Од изнесените уставни одредби, покрај другото, произлегува дека правата на вработените се уредуваат и со закон, при што на вработените мора да им се обезбеди платен дневен, неделен и годишен одмор.
Со оглед на тоа што оспорениот дел од член 5 став 1 точка 1 на Законот не може да го има значењето – работникот да мора да работи и ден и ноќ, без никаков дневен, неделен и годишен одмор, какво што значење му се дава со иницијативата, бидејќи соодветните конкретни правила од Законот тоа не го предвидуваат (членот 116 ставовите 1 и 2 од Законот определува дека полното работно време не смее да биде подолго од 40 часа неделно и дека работната недела по правило трае пет работни дена), Судот оцени дека делот „непрекинато“ од означената законска одредба не ја доведува во прашање правната сигурност на работникот како елемент на начелото-владеењето на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и е во согласност со член 32 ставовите 4 и 5, член 51 и член 54 став 2 од Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.18/2008
15 октомври 2008 година
С к о п ј е
лк/Ју
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски