120/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 октомври 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на
– Одлуката за одобрување на еднократна парична помош бр. 07-239/8 – за лицето Илија Шаркоски од Обршани;
– Одлуката за одобрување на еднократна парична помош бр. 07-239/10 – за лицето Ладе Ефтинџиоски од Обршани;
– Одлуката за одобрување на еднократна парична помош бр. 07-239/11 – за лицето Трајан Чагароски од Кривогаштани;
– Одлуката за одобрување на еднократна парична помош бр. 07-239/12 – за лицето Кирил Најдоски од Крушеани, и
– Одлуката за одобрување на еднократна парична помош бр. 07-239/13 – за лицето Васо Мицески од Годивле, донесени од Советот на општина Кривогаштани на 16 април 2008 година.

2. Горан Каравиловски – градоначалник на општина Кривогаштани на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуките означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, овие акти биле неуставвни и незаконити.

Имено, подносителот на иницијативата наведува дека иако Советот на Општината знаел дека во Буџетот на Општината за 2008 немало средства за еднократна помош на финансиски загрозени лица и семејства, сепак донесол одлуки кои не би можело да се реализираат. Според него, во членот 47 од Законот за социјална заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/2006) децидно било кажано дека барателите на еднократна помош требало да се упатат во Центарот за социјална работа, кој имал право да одлучува по согледаните околности, да ја утврдел потребата и да доделел еднократна парична помош.

Поради наведените причини, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одлуки.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Кривогаштани на седницата одржана на 16 април 2008 година донесе одлуки за еднократна парична помош за овие лица: Илија Шаркоски, Ладе Ефтинџиоски, Трајан Чагароски, Кирил Најдоски и Васо Мицески.

Cпоред чен 1 од Одлуката бр.07-239/8, се одобрува еднократна парична помош на лицето Илија Шаркоски од н.м. Обршани.

Според член 2 од Одлуката, средствата кои се одобрени да му се исплатат на барателот Илија Шаркоски се во висина од 3000 денари.

Според член 3 од Одлуката, за исплатата на одобрените средства, како еднократна парична помош ќе се донесе посебно Решение.

Според член 4, оваа Одлука влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен гласник на Оштина Кривогаштани”.

Судот на седницата исто така утврди дека и другите оспорени одлуки содржински се исти како горенаведената одлука.

4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од називот и содржината на оспорените одлуки неспорно произлегува дека тие се поединечни акти со кои се врши одобрување на еднократна парична помош на лица кои со барања за финансиска помош се обратиле до Општина Кривогаштани, a не се прописи со кои на општ начин се уредуваат определени односи, односно прашања или се утврдуваат односи на неопределен број на субјекти во правото, што е карактеристично за секој вид на пропис.

Co оглед на тоа што оспорените одлуки не се прописи во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку се поединечни, односно конкретни акти, Судот оцени дека не е надлежен да ja оценува нивната согласност со одредбите на член 47 од Законот за социјална заштита (“Службен весник на Република Македонија” (Пречистен текст ) – бр. 50/97, бр. 16/2000, бр. 17/2003, бр. 65/2004, бр. 62/2005, бр. 111/2005 и бр. 21/2006 година ).

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.120/2008
15 октомври 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски