Вовед
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 7 став 2 точка 3, точка 4 во делот
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорените законски одредби предвидувале дека самото изрекување на прекршочна санкција го прави странецот неподобен за вработување односно странецот трпел штета по сила на самиот закон, а не како последица од санкција што ја изрекол суд или друг надлежен државен орган со конечна или правосилна одлука. Со тоа се повредувал уставниот принцип на претпоставена невиност и принципот на законитост во казнувањето, како и се ограничувало правото на работа.
Подносителот на иницијативата наведува дека „правните последици од осудата не можат да настапуваат автоматски по сила на Законот како што е тоа предвидено во оспорените законски одредби, туку тоа може да се прави само и исклучиво со конечна или правосилна одлука на суд или друг надлежен орган“.
Врз основа на изнесеното, подносителот на иницијативата смета дека наведените одредби од Законот не се во согласност со одредбите на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, член 11 став 1, член 13 став 1, член 14 став 1, член 25, член 29 став 1, член 32 ставовите 1 и 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.
3. а) Судот на седницата утврди дека Законот за вработување и работа на странци ги уредува условите и постапката под кои странци можат да се вработуваат или да работат во Република Македонија (член 1 став 1 од Законот).
Според член 7 став 2 од Законот „барањата за издавање на работни дозволи за странец, поднесени од работодавачи основани во Република Македонија ќе се одбијат во следниве случаи, ако:
– точка 3: во рок од три години пред поднесувањето на барањето за издавање на работна дозвола на работодавачот, му била изречена прекршочна санкција за сторен прекршок пропишан со одредбите на овој и друг закон, за незаконска работа или незаконско вработување;
– точка 4: работодавачот покажал негативни резултати во работењето за претходната година, ако платите исплатени на неговите вработени биле под нивото утврдено со соодветниот грански колективен договор, ако ја прекршил законската регулатива за работните односи (оспорен дел, н.з.) или ако не ги намирил своите обврски за даноци и придонеси.“
Според член 8 став 11 од Законот: „барањето за работна дозвола треба да биде пропратено со писмена изјава од барателот дека не му е изречена прекршочна санкција за сторен прекршок согласно со овој закон и (оспорен дел, н.з.) дека нема добиено државни средства од Буџетот на Република Македонија за сочувување на продуктивните работни места.“
Членот 12 став 10 од Законот определува дека: „личната работна дозвола наведена во ставот 8 од овој член може да се продолжи ако странецот може да докаже дека својата дејност ја вршел во периодот на важност на претходната работна дозвола, ако не му била изречена прекршочна санкција за сторен прекршок согласно со овој закон во тој период (оспорен дел, н.з.) и ако приложи позитивно мислење од Министерството за економија за реализација на деловниот план.“
Ставот 11 од овој член на Законот предвидува дека: „барање за лична работна дозвола со важност за период од три години може да поднесе странец кој ја претставува компанијата (трговското друштво) врз основа на правото за основање, како и странец кој ја извршува својата дејност како единствен сопственик или странец кој самостојно извршува стручна дејност, во Република Македонија без прекин во период од една година и кој во тој период не му била изречена прекршочна санкција за сторен прекршок утврден во овој закон.“(оспорен дел, н.з.).
Во став 12 од овој член на Законот се пропишува дека: „лична работна дозвола која важи за период од три години може повторно да се издаде на странец за истиот период, ако странецот за време на важноста на претходната работна дозвола не му била изречена прекршочна санкција согласно со овој закон и (оспорен дел, н.з.) ако приложи позитивно мислење од Министерството за економија за реализација на деловниот план.“
Според член 13 став 2 од Законот: „дозволата за вработување може да се издаде само врз основа на поднесено барање, ако:
– точка 4: две години пред поднесувањето на барањето за дозвола за вработување на странецот не му била изречена прекршочна санкција за сторен прекршок согласно со овој закон.Оваа одредба не важи за странец кој го изгубил статусот на самовработено лице.“
Според член 15 став 5 од Законот: „дозволата за работа на странец ќе се издава врз основа на барање поднесено од странски работодавач-давател на услуги. Согласно со овој закон давателот на услуги е обврзан да ја регистрира работата изведена од преместени странски работници, ако во последните три години пред поднесување на барањето за работна дозвола на странскиот работодавач или странец, не му била изречена прекршочна санкција согласно со овој закон.“(оспорен дел, н.з.).
Член 22 став 3 од Законот предвидува дека: „дозволата за работа ќе се издаде како дел од квотата која е определена за сезонска работа. Дозволата ќе се издаде, доколку во последите две години пред поднесување на барањето за работна дозвола на странецот, не му е изречена прекршочна санкција за сторен прекршок согласно со овој закон.“(оспорен дел, н.з.).
Членот 25 став 6 од Законот предвидува дека: „дозволата за работа може повторно да се продолжи, доколку работодавачот докаже дека компанијата (трговско друштво) или сопственикот ја извршувале својата дејност во текот на рокот на важење на претходната дозвола за работа и доколку за странецот како физичко лице немало изречена прекршочна санкција во текот на тој период за извршен прекршок, во согласност со овој закон.“(оспорен дел, н.з.).
Членот 26 став 3 од Законот определува дека: „дозволата за работа може да се издаде повеќе од еднаш во една календарска година, но за вкупен период од најмногу 90 дена. На странците кои даваат услуги во полето на науката, културата, спортот, здравството, образованието можат да им се издаваат дозволи за работа со важност од една година, доколку не постојат услови за засновање работен однос. Дозволата за работа се издава, доколку последните три години пред да се поднесе барањето за работна дозвола на клиентот, кој ја врши услугата или лицето кое е наведено во ставот 1 на овој член, не му била изречена прекршочна санкција за извршен прекршок во согласност со овој закон.“(оспорен дел, н.з.).
Членот 42 став 1 од Законот предвидува дека: „глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност се изрекува за прекршок на работодавач (правно лице или сам сопственик) за лажна изјава за изречена прекршочна санкција за прекршок согласно со овој закон или (оспорен дел, н.з.) лажна изјава за примање на државни средства од државниот буџет за заштита на продуктивни работни места (член 8 став 11).“
Со ставот 3 од истиот член на Законот се предвидува дека:„глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност се изрекува за прекршок на работодавач (како физичко лице) за доставување на лажна изјава за изречена прекршочна санкција за прекршок согласно со овој закон или (оспорен дел, н.з.) лажна изјава за примање на државни средства од државниот буџет за заштита на продуктивни работни места (член 8 став 11).“
б) Од изнесените законски одредби произлегува дека со нив се определуваат штетни последици за работодавач од Република Македонија или странство и за странец ако им била изречена прекршочна санкција според овој или друг закон во одреден претходен период. Последиците се движат од обврска да даваат податоци за изречените прекршочни санкции, преку одбивање на барањата за продолжување на дозволите за работа, до парична казна за давање на невистинити податоци околу изречените прекршочни санкции.
Со други зборови, оспорените законски одредби предвидуваат и други последици, покрај оние последици кои порано се изречени со правосилна судска одлука врз основа на конкретна фактичка состојба и утврдена вина.
4. Според член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија: „лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.“ Според член 14 став 2 од Уставот: „никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука.“
Од изнесените уставни одредби, покрај другото, произлегува дека само со правосилна судска одлука може да се утврдат фактите, вината и да се определи казна за конкретно лице како последица на утврдената вина. Излегувањето надвор од рамките на односот казниво дело и судски изречена казна за неговиот сторител претставува повреда на слободите и правата на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот на Република Македонија.
Со оглед на тоа што со оспорените законски одредби се излегува надвор од односот казниво дело и судски изречената казна за неговиот сторител, на тој начин што со закон и надвор од евентуално изречена судска казна се определуваат и други последици за определени лица, со што се ограничуваат слободите и правата на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот на Република Македонија, Судот оцени дека може да се постави прашањето за согласноста на тие законски одредби со член 13 став 1 и член 14 став 2 од Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.2/2008
15 октомври 2008 година
С к о п ј е
лк/Ју
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски