132/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 8 октомври 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 3 алинеја 3 од Правилникот за формата и содржината на барањето за добивање дозвола, како и формата и содржината на дозволата за оператор на депонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 140/2007).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 3 алинеја 3 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата, по цитирање на оспорената одредба од Правилникот и член 33 од Уставот, наведува дека во рамките на уредувањето на начинот на плаќање на данок и другите јавни давачки постоеле законски механизми за извршување на тие обврски. Поради тоа смета дека пропшишувањето на услов кон барањето за добивање на дозвола за оператор да се приложи и уверение дека се платени даноците и другите јавни давачки значело излегување надвор од соодветните законски механизми и намалување на обемот на правото на работа, слободен избор на вработување, достапност на секое работно место секому под еднакви услови, поради што смета дека оспорената одредба не е во согласност со членот 32 ставови 1 и 2 од Уставот.

Врз основа на наведеното предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената
одредба, меѓутоа во иницијативата не се содржани наводи кои одредби и од кои закони се повредуваат со оспорената одредба.
3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 84 став 7 од Законот за управување со отпадот („Службен весник на Република Македонија” бр.68/2004, 71/2004-исправка и 107/2007, министерот за животна средина и просторно планирање донел Правилник за формата и содржината на барањето за добивање дозвола, како и формата и содржината на дозволата за оператор на депонија.

Во оспорениот член 3 алинеја 3 од Правилникот е предвидено дека, кон барањето за добивање на дозвола за оператор на депонија, меѓу другото, се приложува уверение од Управата за јавни приходи за платени даноци и други јавни давачки пропишани со закон.

4. Според членот 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1). Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2).

Според членот 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека Уставот го гаранира правото на работа, слободниот избор на вработување и го промовира принципот за достапност секому, под еднакви услови на секое работно место. Исто така, граѓаните се должни да плаќаат данок, при што начинот на плаќање се уредува со закон.

Во членот 84 став 7 од Законот за управување со отпадот е предвидено дека, министерот кој раководи со органот на државна управа надлежен за работите од областа на животната средина ги пропишува формата и содржината на барањето за добивање дозвола, како и формата и содржината на дозволата за оператор на депонија.

Тргнувајќи од анализата на оспорениот член 3 алинеја 3 од Правилникот произлегува дека со него се предвидува кон барањето за добивање на дозвола за оператор на депонија, меѓу другото, да се приложи и уверение од Управата за јавни приходи за платени даноци и други јавни давачки пропишани со закон.

Co оглед на тоа што во рамките на уредувањето на начинот на плаќање на данок постојат законски механизми за неизвршување на таа обврска, произлегува дека пропишувањето на услов кон барањето за добивање на дозвола за оператор на депонија да се приложи и уверение од Управата за јавни приходи за платени даноци и други јавни давачки пропишани со закон може да значи излегување надвор од соодветните законски механизми и намалување на обемот на правото на работа, слободен избор на вработување, достапноста на секое работно место секому под еднакви услови.

Тргнувајќи од наведеното пред Судот се постави прашањето за согласност на оспорениот член 3 алинеја 3 од Правилникот со член 32 ставовите 1 и 2 и член 33 од Уставот.

При состојба на вака изразено сомнение за уставноста на одредбата и при состојба кога подносителот на иницијативата само декларативно изјавува сомнение по однос на законитоста на оспорената одредба, без да наведе причини за нејзината несогласност, како и во отсуство на наводи за повредените законските одредби, Судот оцени дека е ирационално, по сопствена оцена, да се навлегува, во анализа на законитоста на одредбата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.132/2008
8 октомври 2008 год.
Скопје
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски