117/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 8 октомври 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 39 став 1 точка и), член 55 став 1 точка и) и член 79 став 5 точка ѓ) од Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија” бр.7/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 39 став 1 точка и), член 55 став 1 точка и) и член 79 став 5 точка ѓ) од Законот означен во точката од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорените одредби од Законот се повредувале членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 11 став 1, членот 12 став 3, членот 13 став 1, членот 14 став 1, членот 32 ставови 1 и 2 и членот 54 став 1 од Уставот, затоа што никој немал право да бара од граѓаните и правните лица да поднесуваат докази за нивната осудуваност или неосудуваност што било изрично пропишано во членот 106 став 5 од Кривичниот законик. Освен тоа, со оспорените законски одредби правните последици од осудата настапувале автоматски по сила на закон, a не како конкретна казна што ја изрекувал суд во рамките на видовите казни, односно санкции со што се повредувале наведените уставни одредби. Исто така, не постоеле кривични дела нелегални активности со опојни дроги и прекурзори, како што било наведено во оспорените одредби, туку постоело Кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори од членот 215 од Кривичниот законик, од каде произлегувало дека оспорените одредби не биле јасни и прецизни и не можело да се спроведуваат. Воедно, не постоела прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност во областа на правото, банкарството, сметководството, осигурувањето, управувањето со средства и инвестирање, управување со пензиски фондови или финансиски услуги, како што било наведено во оспорените одредби, туку постоела само прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност согласно член 13 точка 5 и член 22 од Законот за прекршоците. Оттаму, произлегувало дека овие законски одредби не се ниту јасни и прецизни, поради што и не можело да се спроведуваат.

По однос на оспорениот член 79 став 5 точка ѓ) од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека секој има уставна обврска да ги намирува јавните давачки и дека во рамките на начинот на плаќање на јавните давачки постоеле законски механизми за нивно исполнување. Поради тоа смета дека поставувањето на услов во оспорената законска одредба да се приложи документ со кој се потврдува дека ниту еден од акционерите нема заостанат неплатен данок и придонеси за социјално осигурување, како услов за добивање на дозвола за основање на ново друштво за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови значело пречеко-рување на дозволениот праг и излегувало надвор од соодветните законски механизми и водело до состојба исполнувањето на обврските од еден статус да влијаат на остварувањето на права од друг статус што не било уставно дозволено. Ова водело и кон намалување на обемот на правото на работа и достапноста на работните места секому, под еднакви услови, поради што можело да се постави прашањето за согласност на одредбата со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 9, член 32 ставови 1 и 2, член 33 и член 51 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот членот 39 став 1 точка и) од Законот, меѓу другото, е предвидено, кон барањата од членот 38 став 1 на овој закон да се достават уверенија дека на лицата кои се членови на органите на раководење и управување на друштвото за управување со доброволни пензиски фондови не им е изречена прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност во областа на правото, банкарството, сметководството, осигурувањето, управување со средства и инвестирање, управување со пензиски фондови или финансиски услуги.

Bo оспорениот член 55 став 1 точка и) од Законот, меѓу другото, е предвидено кон барањата од членот 54 став 1 на овој закон да се достават уверенија дека на лицата кои се членови на органите на раководење и управување на друштвото не им е изречена прекршочна санкција забрана на вршење на професија, дејност или должност во областа на правото, банкарството, сметководството, осигурувањето, управување со средства и инвестирање, управување со пензиски фондови или финансиски услуги.

Според оспорениот член 79 став 5 точка ѓ) од Законот, кон барањата од ставот 3 на овој член, друштвата за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови, меѓу другото, треба да достават документи за финансиската состојба на акционерите на секое друштво, за сите години од неговото основање a најмногу за период од пет години кој претходи на датумот на поднесување на барањето, вклучувајќи и документи со кои се потврдува дека ниту еден од акционерите нема заостанати неплатени даноци и придонеси за социјално осигурување.
4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.

Според членот 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда.

Според членот 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според членот 33 став 1 точка 3 од Кривичниот законик, (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004 и 81/2005), забраната за вршење професија, дејност или должност е предвидена како вид на казна.

Co одредбите од општиот дел од Кривичниот законик е уредено прашањето на казнената евиденција. Според членот 106 став 1 казнената евиденција ја води првостепениот суд надлежен според местото на раѓање на осудениот. Според ставот 2 на истиот член, за лицата родени во странство или за оние чие место на раѓање е непознато како и за правните лица казнената евиденција ја води судот определен со закон.

Co одредбите од ставовите 3 и 4 од овој член од Криви-чниот законик е пропишан ограничен круг на овластени субјекти на кои можат да им се направат достапни податоците од казнената евиденција. Имено, овие податоци можат да му се дадат на судот и на јавното обвинителство во врска со кривичната постапка што се води против порано осудениот и на надлежните органи што учествуваат во постапката за давање амнестија и помилување. Податоците од казнената евиденција можат на образложено барање да им се дадат на државните органи, правни или физички лица ако уште траат определени правни последици од осудата или казни што се состојат во забрани или ако за тоа постои оправдан интерес заснован врз закон.

Согласно ставот 5 на овој член од Законикот, никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осуду-ваност или неосудуваност, a според ставот 6 на граѓаните по нивно барање, може да им се дадат податоци за нивната осудуваност или неосудуваност само ако овие податоци им се потребни заради оства-рување на нивните права во странство.

Според член 1 од Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, со овој закон се уредуваат доброволното капитално финансирано пензиско осигурување, основањето и работењето на доброволните пензиски фондови, друштвата за управување со доброволни пензиски фондови и друштвата за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови, како и организирањето на професионалните пензиски шеми за своите вработени од страна на работодавачи и за своите членови од страна на здруженија на граѓани.

Според ставот 2 на истиот член од Законот, доброволното капитално финансирано пензиско осигурување претставува пензиско осигурување на доброволна основа финансирано со капитализација на средствата. Во ова осигурување се вклучени лица кои не се опфатени во задолжително пензиско осигурување и лица кои се опфатени во тоа осигурување заради остварување дополнителен приход.

Во членот 37 став 1 од Главата IV од Законот, со наслов „Основање на друштво за управување со доброволни пензиски фондови”, е определено дека друштво за управување со доброволни пензиски фондови се основа врз основа на дозвола издадена од Агенцијата, a no основањето, од Агенцијата добива одобрение за управување со доброволен пензиски фонд. Според член 4 точка 7 од Законот, Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенција која го регулира и супервизира задолжителното и доброволното капитално финансирано пензиско осигурување.

Според членот 38 став 1 од истиот закон, заради добивање на дозвола за основање на друштво за управување со доброволни пензиски фондови заинтересираните лица до Агенцијата доставуваат барање со документацијата наведена во членот 39 од овој закон и деловен план кој ги содржи деталите за сите надоместоци и провизии што ќе се наплатуваат согласно со овој закон. Барање за одобрение за управување со доброволен пензиски фонд се доставува заедно со барањето за дозвола за основање на друштво.

Во Главата V од Законот, со наслов: „Основање на друштво за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови” се уредени, меѓу другото условите и постапката за нивно основање и спојување.

Тргнувајќи од членот 11 став 1 и членот 25 од Уставот, произлегува дека нивната содржина ја истакнуваат вредноста и неприкосновеноста на човечката личност како основа и смисла на гарантирањето на човековите права. Човечкото достоинство, во таа смисла, не е само едно од субјективните човекови права што изречно се препознава во член 25 од Уставот, туку и темелна вредност на демократското општество што ужива универзална заштита.

Почитувањето на моралниот интегритет и достоинството на граѓанинот во себе ја опфаќа и улогата на државата која треба да гарантира заштита на интегритетот и достоинството на начин со кој ќе обезбеди заштита во случај кога овие вредности се загрозени од друг, но и со избегнување на поединецот да му се наметнуваат правни обврски кои во конкретниот случај во постапка на давање на одобрение можат службено да се проверат.

Bo тој контекст одредбата од член 106 став 5 од Кривичниот законик со која се забранува од граѓаните да се бараат докази за нивната осудуваност или неосудуваност е јасен израз на овој втор аспект на заштита на човековото достоинство, како што тоа е општо прифатениот принцип на забрана за самообвинување на осомничениот во казненото право, кој што е изграден подеднакво врз презумпцијата на невиност и заштитата на достоинството на поединецот.

Тргнувајќи од содржината на оспорените член 39 став 1 точка и) и член 55 став 1 точка и) од Законот произлегува дека со нив се предвидува дека друштвото за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови при основањето треба да приложи доказ дека на лицата кои се членови на органите на раководење и управување на друштвото за управување со доброволни пензиски фондови не им е изречена прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност во областа на правото, банкарството, сметководството, осигурувањето, управување со средства и инвестирање, управување со пензиски фондови или финансиски услуги.
Во конкретниот случај, барањето доказ од друштвата за околноста дали на лицата кои се членови на органите на раководење и управување на друштвото за управување им е изречена наведената прекршочна санкција се сведува на барање изјава за нивната осудуваност или неосудуваност, со оглед на тоа што забраната за вршење на дејност е споредна казна што се изрекува како дел од осудителната пресуда. Иако овие докази не се бараат во кривичноправен контекст, односно немаат самообвинувачки квалитет, обврската за нивното соопштување има ефект врз однесувањето на поединецот, што е проблематично како од аспект на заштита на човековото достоинство, така и од аспект на претпоставката на невиност на која се надоврзува забраната од лицето да се бара било доказ за осудуваност, било доказ за неосудуваност.

Притоа, за Судот не е спорно дека забраната за вршење на дејност изречена со една осудителна пресуда мора да биде ефективна, односно дека не може да се дозволи лицето под таква забрана да ја врши таа дејност се додека таа забрана трае. Меѓутоа, утврдувањето на тој факт не може да биде обврска на поединецот кој е во прашање, туку на надлежниот орган што одлучува за давање на соодветни дозволи за вршење на дејноста и кој што за утврдување на таа законска обврска ја има на располагање службената казнена евиденција, како инструмент за правилно применување на законот. Впрочем во членот 39 став 3 и членот 55 став 3 од Законот е дадена можност Агенцијата дополнително да испита одделни факти во врска со барањата и документацијата и за таа цел може да се обрати до други надлежни регулаторни и супервизорски органи и институции во Република Македонија и во странство, или да прибира документи и податоци од други извори. Оттаму, во врска со постапката за основање, на Агенцијата можат да и се дадат податоци од казнената евиденција врз основа на образложено барање, ако уште траат определени правни последици од осудата, или казни што се состојат во забрани секогаш кога за тоа постои оправдан интерес заснован врз закон.

Врз основа на изнесеното произлегува дека оспорените член 39 став 1 точка и) и член 55 став 1 точка и) од Законот можат да се доведат под сомнение по однос на нивната согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 11 и членот 25 став од Уставот на Република Македонија.

Тргнувајќи од содржината на членот 32 ставови 1 и 2 и членот 33 од Уставот, произлегува дека Уставот го гаранира правото на работа, слободниот избор на вработување и го промовира принципот за достапност секому, под еднакви сулови на секое работно место. Исто така, граѓаните се должни да плаќаат данок, при што начинот на плаќање се уредува со закон.

По однос на оспорениот член 79 став 5 точка ѓ) од Законот произлегува дека со него се предвидува во постапката за основање или спојување на друштвата за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови, да се достават и документи за финансиската состојба на акционерите на секое друштво, за сите години од неговото основање a најмногу за период од пет години кој претходи на датумот на поднесување на барањето, вклучувајќи и документи со кои се потврдува дека ниту еден од акционерите нема заостанати неплатени даноци и придонеси за социјално осигурување.

Тргнувајќи од околноста што во рамките на уредувањето на начинот на плаќање на данок постојат законски механизми за неизвршување на таа обврска, според мислење на Судот пропишувањето на услов за приложување документ за сопствената финансиска состојба, вклучувајќи и документи со кои се потврдува дека ниту еден од акционерите нема заостанати неплатени даноци и придонеси за социјално осигурување може да значи излегување надвор од соодветните законски механизми и намалување на обемот на правото на работа, слободен избор на вработување, достапноста на секое работно место секому под еднакви услови. Оттаму, според Судот може да се постави прашањето за согласност на оспорениот член 79 став 5 точка ѓ) од Законот со член 32 ставовите 1 и 2 и член 33 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседате-лот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Вранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.117/2008
8 октомври 2008 год.
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски