У.бр.225/2007-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 47 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 октомври 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на член 49 став 1 алинеја 6 од Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2006).

2. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.225/2007 од 21 мај 2008 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот 49 став 1 алинеја 6 од Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 46/2006) затоа што основано се постави прашањето за согласноста на наведената одредба од Законот со членовите 13 став 1, 14 став 1, 23, 25 и 51, а во врска со член 54 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека по поведувањето на постапката за оценување на уставноста на оспорената одредба, Собранието на Република Македонија на 27 август 2008 година донесе Закон за изменување и дополнување на Законот за надворешни работи (објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.107/2008) кој влезе во сила на 29 август 2008 година.

Во членот 15 од овој Закон, се предвидува дека член 49 став 1 алинеја 6 од Законот, се брише.

Со тоа оспорениот дел од одредбата на член 49 став 1 од Законот за надворешни работи не е повеќе дел од правниот поредок на Република Македонија.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 47 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката законот, другиот пропис или општ акт престанал да важи, а не наоѓа основи за оценување на неговата уставност односно уставнот и законитост во време на важењето.

Со оглед на тоа што со влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за надворешни работи оспорениот дел на одредбата на член 49 став 1 од Законот престанале да важи во текот на постапката за оценување на нејзината уставност и повеќе не е во правниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека се исполнети условите од членот 47 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за запирање на постапката, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.225/2007
8 октомври 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски