79/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 октомври 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 273 став 3 алинеја 3, член 280 став 3 алинеја 4 и член 285 став 3 алинеја 3 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ број 54/2007 и 86/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со членовите 273, 280 и 285 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се регулирале прашањата за трошоците кои се однесуваат за полагање на возачки испит, кои се на товар на кандидатот за возач кој го полага испитот; потоа за трошоците кои се однесуваат за специјалистичко образование за занимање возач-инструктор кои се на товар на кандидатот за возач-инструктор; и за трошоците за проверка на стручноста на возачот-инструктор кои се на товар на автошколата во која возачот-инструктор е вработен. Со наведените членови од Законот е уредено кои се „реалните трошоци“ како основа за утврдување на висината на трошоците, меѓутоа на крајот со оспорените одредби оставена е непрецизна определба дека во „реалните трошоци“ можат да се сметаат и некои „други трошоци“, а тоа значело надвор од законот да се пропишуваат нови содржини кои би претставувале реални трошоци без било каков критериум и мерила во законот за нивно определување, што задирало дирекно во правата и обврските на граѓаните.

Од наведените причини за оспорените одредби од Законот се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста, како несогласни со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 51 и членот 96 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 273 од Законот:

(1) Трошоците за полагање на возачкиот испит се на товар на кандидатот за возач кој го полага испитот, во рамките на потребните реални трошоци за полагање на возачкиот испит.
(2) Висината на трошоците за полагање на возачкиот испит ја утврдува министерот за внатрешни работи, по предлог на испитните центри.
(3) Како потребни реални трошоци за полагање на возачки испит се сметаат:
– паричен надоместок за членовите на испитната комисија,
– трошоци за издавање на уверение за положен возачки испит и
– други трошоци за полагање на испитите.

Со членот 280 од овој закон е предвидено:

(1) Трошоците за специјалистичко образование за занимање возач-инструктор се на товар на кандидатот за возач-инструктор, во рамките на потребните реални трошоци за завршување на специјалистичкото образование.
(2) Висината на трошоците за завршување на специјалистичко образование ја утврдува министерот за образование и наука.
(3) Како потребни реални трошоци за завршување на специјалистичко образование, се сметаат:
– трошоци за тестови,
– трошоци за свидетелство за завршено специјалистичко образование за возач-инструктор,
– паричен надоместок за членовите на испитната комисија и
– други трошоци за полагање на испитите.

Со членот 285 од овој закон е предвидено:

(1) Трошоците за проверка на стручноста на возачот-инструктор согласно со членовите 283 став (1) и 284 став (1) на овој закон се на товар на автошколата во која возачот-инструктор е вработен, во рамките на потребните реални трошоци за проверка на стручноста на возачот-инструктор.
(2) Висината на трошоците за проверка на стручноста на возачот-инструктор ја утврдува министерот за внатрешни работи, на предлог на испитниот центар.
(3) Како потребни реални трошоци за проверка на стручноста на возачот-инструктор, се сметаат:
– трошоци за издавање на лиценца,
– надоместок за членовите на комисијата од членот 283 став (3) на овој закон и
– други трошоци во врска со спроведувањето на проверката на стручноста на возачот-инструктор.

4. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата во Главата VI „Возачи“, со одредбите од членовите 261-285 ги уредил прашањата за „возачки испит за кандидат за возач, испит за возач-инструктор и проверка на стручноста на возач-инструктор“.

Одредбите од членовите 273, 280 и 285 посебно се однесуваат на трошоците од постапките за полагање на возачкиот испит за кандидат за возач, за специјалистичкото образование за стекнување занимање возач-инструктор и за проверка на стручноста на возачот-инструктор.

Со овие одредби од Законот јасно е определено дека товарот на надоместоците за трошоците од постапките се на кандидатите за возачи и на кандидатите за возачи-инструктори, а за проверката на стручноста на лицата кои веќе имаат статус на возачи – инструктори е на автошколите. Од друга страна, со наведените членови од Законот е уредено дека министерот за внатрешни работи ја утврдува висината на трошоците за кандидатите за возачи и за проверката на стручноста на лицата кои имаат статус на возачи-инструктори, а министерот за образование и наука ја утврдува висината на трошоците за завршување на специјалистичко образование за стекнување занимање возач-инструктор.

Ова законско овластување на министерот за внатрешни работи и министерот за образование и наука за утврдување на висината на трошоците е определено со конкретни мерила утврдени со Законот, во однос на тоа што се сметаат „потребни реални трошоци“ за предметните намени.

Оттука, Судот оцени дека даденото овластување на надлежните министри е со закон лимитирано со критериуми во кои треба да се движат трошоците кои се пресметуваат за предметните намени. Овластувањето за определување на висината на трошоците не е препуштено на самостојно определување без извесни мерила во законот.

Според Судот треба да се има предвид дека во наведените случаи се работи за управни постапки. Тоа неспорно произлегува од одредбите на Законот, според кои се издава уверение за положен возачки испит, а министерот за внатрешни работи со решение може да го поништи уверението кое е конечно во управната постапка и против него може да се поведе управен спор пред надлежен суд (член 274); потоа, се издава свидетелство за завршено специјалистичко образование и дозвола за возач-инструктор и министерот за образование и наука со решение може да го поништи свидетелството а министерот за внатрешни работи со решение може да ја одземе дозволата, но овие решенија се конечни и против нив може да се поведе управен спор пред надлежен суд (член 282); како и на лицето кое е возач-инструктор кое нема да ја положи проверката на стручноста, министерот за внатрешни работи со решение ќе му ја одземе лиценцата, тоа решение е конечно и против него може да се поведе управен спор пред надлежен суд (член 284).

Со оглед на тоа што одредбите од членовите 273, 280 и 285 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата уредуваат прашања за трошоци во постапки на стекнување на определени уверенија, дозволи и свидетелста во надлежност на определени органи на државната управа, кои го организираат спроведувањето на работите согласно со закон и имаат надзор над вршењето на работите, според Судот неможе овие законски норми да се разгледуваат надвор од одредбите на Законот за општата управна постапка. Ова поради тоа што определбата за „другите трошоци“ во членот 273 став 3 алинеја 3, член 280 став 3 алинеја 4 и член 285 став 3 алинеја 3 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата е во врска со одредбите од Глава IX од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005 и 110/2008), кои ги прават определиви овие трошоци кои настануваат во постапките организирани од надлежните управни органи, а тие трошоци не се посебно уредени со посебниот закон. Имено, според членот 116 став 1 од Законот за општата управна постапка, посебните издатоци во готови пари на органот што ја води постапката, како што се: патните трошоци на службените лица, издатоци за сведоци, вештаци, толкувачи, увид, огласи и слично, а кои настанале со спроведување на постапката по некоја управна работа, по правило ги поднесува оној што ја предизвикал целата постапка.

Имајќи го предвид изнесеното, станува збор за членови од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата во кои се содржани и оспорените одредби, кои се дел од посебна управна постапка за издавање, продолжување, промена или одземање и поништување на уверенија, дозволи, свидетелства и лиценци, за кои е од значење содржината на одредбите од Законот за општата управна постапка кој е lex generalis во однос на сите управни постапки и кој на генерален начин ја уредил проблематиката на трошоците во управната постапка во правниот поредок.

Трошоците се резултат на спроведени дејствија во управната постапка и поради тоа наведените закони се доволна објективна рамка за утврдување на висината на надоместокот од страна на надлежните министри, што во крајна линија е во функција на операционализација на законските одредби, како што е определено со членот 91 алинеја 5 од Уставот.

Врз основа на изнесената уставно судска анализа од аспект на наводите во иницијативата, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените оредби од Законот со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.79/2008
8 октомври 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски