97/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 октомври 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 13 став 1, член 40 и член 59 од Законот за акцизите („Службен весник на Република Македонија“ бр.32/2001, 50/2001, 45/2002, 98/2002, 24/2003, 96/2004, 38/2005 и 88/2008).

2. Панче Докузов од Штип на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со одредбата од ставот 1 од членот 13 од Законот, било определено настанувањето на акцизата, како и кога акцизата не настанувала, меѓутоа во одредбата нејасно било што претставувало „добра во акцизен склад ослободени од акциза“, и оваа непрецизност овозможувала различно работење и примена на одредбата во пракса.

Со оспорената одредба од членот 40 од Законот, се овозможувало производителите на алкохол различно да се третираат. Имено, за мали производители се сметале оние кои годишно произведувале помалку од 5 хл вино или 2 хл етил-алкохол, и тие производители биле ослободени од акциза поради тоа што производството се сметало дека е само за сопствени потреби. Од друга страна, сите останати производители плаќале акциза, и со тоа по многу повисоки цени можеле да го продаваат виното и алкохолот. Во пракса, фактички сите производители го продавале виното и алкохолот, но едните со ниска цена поради неплаќање на акциза, а другите со висока цена, поради плаќање на акциза, бидејќи малите производители и покрај тоа што се прикажувале како производители за сопствени потреби, всушност произведувале алкохол за продажба, особено производителите во регионите на Тиквешијата, Овчеполието, Гевгелија, Скопје, Охрид и Куманово.

Со оспорените одредби од членот 59 од Законот, се предвидувало само за големите производители кривично да одговараат за дејности во работењето во производството на вино и алкохол со повреда на правилата во врска со акцизите, и дека можеле да се казнат со казна затвор, но овие казнени одредби не се однесувале за физичките лица кои биле „мали производители“, што значело нееднаков однос на законодавецот спрема проиводителите. Од друга страна, не било со закон определено дека повредата на правилата во врска со акцизите би претставувало „општествено опасно дело или општествено штетно дело“ кое одговара за казната затвор, а за сторен прекршок во одредбите од Законот за прекршоци не следувала казна затвор.

Од наведенитее причини, во иницијативата за оспорените одредби од Законот се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста, како несогласни со повеќе одредби од Уставот, и тоа: членот 8 став 1 алинеја 3 кој се однесува на владеењето на правото, членот 9 според кој граѓаните се еднакви пред Уставот и законите, членот 33 според кој секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки, членот 51 со кој е определено дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите, и членот 55 со кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 13 став 1 од Законот, акцизата настанува со предавање на добрата подлежни на акциза во потрошувачка во акцизен склад или со нивното изнесување од него, освен ако не се надоврзува користење на добрата во акцизниот склад ослободено од акциза или нова постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг. Акцизен должник е имателот на акцизна дозвола. Во случаите на противправно пуштање на добрата во акцизно-правен слободен промет, акцизен должник станува и лицето кое го извршило дејствието.

Според членот 40 став 1 од Законот, мали производители во смисла на овој член се лицата кои годишно произведуваат помалку од: а) 5 хл вино или б) 2 хл етил-алкохол, а според ставот 2 од овој член од Законот, виното и етил-алкохолот кои се произведени од страна на мали производители за сопствени потреби се ослободени од специфична акциза.

Во членот 59 став 1 од Законот е предвидено дека одговорните лица во правните лица и физичките лица кои со цел да стекнат имотна корист или вредност транспортираат добра подлежни на акциза спротивно на одредбите на овој закон (член 11 ставови 1 до 5), или не издадат акцизен документ (член 12 став 1), или добрата ги изнесат од акцизен склад во акцизно-правен слободен промет без да пресметаат и платат акциза (член 13 став 1) или производителот за доброто подлежно на акциза за кое настанала акциза не предал акцизна пријава и не ја платил акцизата (член 16 став 1), ќе се казнат со затвор од една до десет години.

Според ставот 2 од овој член од Законот, одговорните лица во правните лица и физичките лица кои акцизната дозвола (член 8 став 3) или одобрението за акцизно повластено користење го пренесат на други лица (член 21 став 3) или кога одобрението за акцизно-повластено користење го употребат спротивно на намената (член 18), а со тоа стекнат имотна корист или вредност, ќе се казнат со затвор од една до десет години.

4. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните се еднакви пред Уставот и законите, а според членот 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во делот на Уставот кој се однесува на „Основите на економските односи“, со членот 55 став 1 е утврдено дека се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Во ставот 2 од овој член од Уставот е утврдено дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Според ставот 3 од овој член од Уставот, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Законот за акцизите во членот 1 определил дека со овој закон се уредуваат акцизите кои се наплаќаат посредно или непосредно за потрошувачка на територија на Република Македонија на: минерални масла, алкохол и алкохолни пијалоци, тутунски добра и патнички автомобили.

Со одредбите од овој закон се уредени содржините кои се однесуваат на оданочувањето, акцизните повластувања, акцизните ослободувања, административните обврски, регистри, правната заштита и казнените одредби.

Во членот 2 од овој закон е определено значењето на одделни поими употребени во овој закон, со што законодавецот ги прецизирал поимите со терминологијата употребена во овој закон. Соодветно на тоа во оспорениот член 13 став 1 од Законот е посебно уредено прашањето за настанување на акцизата и јасно е нормирано дека акцизата настанува со предавање на добрата подлежни на акциза во потрошувачка во акцизен склад или со нивно изнесување од него, освен ако не се надоврзува со користење на добрата во акцизниот склад ослободено од акциза или нова постапка на непостење на услови за настанување на акцизен долг.

Во членот 13 став 1 од Законот, се уредува настанувањето на акцизата и со законската определба во членот 40 од Законот е предвидено постоење на мали производители на акцизната територија на Република Македонија под определените услови. Со овие законски одредби е утврдена законска рамка на добрата подлежни на акциза за кои настанува или не акцизен долг, што е право на законодавецот да го уреди со закон во кои рамки и услови акцизните правила ќе се движат и кои добра се предмет на овој вид данок. Оттука, произлегува и правото на законодавецот со закон да уреди кои добра се за сопствени потреби на производителите, и како такви не се добра од рангот на добрата за кои настанува акциза наменети за промет на пазарот.

Судот оцени дека поради тоа што станува збор за добра со различен економски статус определен со закон, како по однос на количината на производството на вино и етил-алкохол, така и по однос на намената, не може да се прифатат како основани наводите во иницијативата дека со оспорените одредби се повредувале одредбите на Уставот. Имено, со оспорените одредби од членот 13 став 1 и членот 40 од Законот не се нарушуваат одредбите од Уставот кои се однесуваат на темелните вредности на Уставот, гарантираните слободи и права и основните начела на економските односи, на кои се повикува подносителот во иницијативата. Ова особено што наведеното законско решение е во согласност и со Структурната Директива на Европската Унија за акцизите на алкохолот (3199210083 со нејзините измени) со која е определено во општите одредби и членовите 6, 10 и 14 дека земјите членки можат да ги ослободат од акциза пивото, виното и другите зовриени алкохолни пијалоци кои се произведуваат за домашна употреба и за нестопански цели. Земјите членки можат да го ослободат пивото, виното и другите зовриени алкохолни пијалоци кои се произведени од приватно лице и се употребуваат од него или од членовите на неговото семејство или нивните гости, а притоа не настанува продажба. Директивата на Советот за општите аранжмани за производите подложни на акциза и за чување, движење и следење на тие производи (3199210012 со нејзините измени) во општите одредби определува дека малите производители на вино и други зовриени пијалоци можат да се изземат од одредени услови според општите аранжмани за акцизите. Според членот 29 од оваа Директива земјите членки можат да ги ослободат малите производители на вино и на другите зовриени пијалоци, а како мали производители се сметаат лица кои произведуваат просечно помалку од 1000 хектолитри годишно.

Од аспект на наводите во иницијативата дека оспорените одредби биле неуставни поради тоа што во практиката на пазарот се продавал алкохол од сите производители при што цената на алкохолот на производителите кои не плаќале акциза била пониска од онаа на производителите кои плаќале акциза, Судот оцени дека не е надлежен да ја оценува примената и извршувањето на Законот, а практичните појави, исто така не се предмет на уставносудската заштита.

Судот, исто така, утврди дека со Законот за акцизите во делот на казнените одредби се уредени кривичните дела (членови 59 и 60) и прекршоците (член 61).

Согласно Законот за прекршоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006) воопшто не е предвидена казна затвор за прекршоци.

Во делот од Законот за акцизите кој се однесува на кривичните дела е предвидена казна затвор за дела сторени спротивно на конкретни одредби од областа на акцизите уредени со овој закон, но за прекршоците казната затвор не е предвидена. Оттука, не се основани наводите во иницијативата дека оспорената одредба од членот 59 од Законот за акцизите била неуставна бидејќи не можело со закон да се предвиди казна затвор за прекршоците во стопанството. Воедно, одредбите од оспорениот член 59 се однесуваат на акцизните должници на добрата кои подлежат на акциза согласно одредбите од овој закон, за почитување и спроведување на условите за акцизното деловно работење на сите субјекти, а не на дел од нив, како што наведува подносителот во иницијативата.

Со оглед на изнесената уставно-судска анализа, Судот оцени дека за оспорените одредби од Законот за акцизите не може да се постави прашањето за нивната согласност со одредбите на Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.97/2008
8 октомври 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски