Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 октомври 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 179 став 2 од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2007).
2. Вера Ставридис од Скопје, на Уставнииот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 179 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата прашањето уредено во оспорената одредба од Законот веќе било системски уредено со Законот за управни спорови, кој во членот 52 определил дека кога судот ќе поништи акт против кој бил поведен управен спор, предметот се враќал восостојба во која се наоѓал пред да се донесе поништениот акт.
Имајќи предвид дека со членот 71-а став 3 од Законот за Народна банка на Република Македонија било предвидено дека против актите на гувернерот на Народна банка можело да се поведе управен спор, а со Законот за управнитеспорови било системски уредено прашањето кое сега со оспорената одредба од Законот за банки поинаку се уредувало, произлегувало дека оспорената одредба од Законот за банки не била во согласност со начелото на владеење на правото утврдено во членот 8 од Уставот на Република Македонија.
3. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставнииот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според членот 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одллучување и ако постојат други рпоцесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со Одлука У.бр.228/2007 од 9 јули 2008 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2008) Уставниот суд на Република Македонија го укинал членот 179 став 2 од Законот за банки. Според ставот на Судот во Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006) е утврдена надлежноста на Управниот суд против кои акти може да се води управен спор, составот на Судот, постапувањето по тужбата пред Управниот суд, видот на одлуките кои ги донесува Судот, вонредните правни лекови, задолжителноста на пресудата, посебни одредби кои се однесуваат на постапките кога Судот одлучува за барање за заштита на слободите и правата загарантирани со Уставот и преодни и завршни одредби.
Тргнувајќи од наведените уставни одредби, а имајќи ги предвид и одредбите од Законот за судовите законодавецот со Законот за кривичната постапка, Законот за парничната постапка, Законот за вонпарничната постапка, Законот за општа управна постапка како и Законот за управните спорови ги уредил надлежноста, процесните правила и правно пропишаните форми на постапување на субјектите и учесниците во постапката за правата на човекот и граѓанинот и правно заснованите интереси.
Според Уставниот суд јасно произлегува дека постапките пред судовите се уредуваат со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство, а во Законот за банките е уредено прашањето за постапката на судската зашттита против решенијата на гувернерот на Народната банка на Република Македонија.
Имајќи ја предвид содржината на член 179 став 2 од Законот, според кој во случај кога Управниот суд ќе ја уважи тужбата, не го поништува оспорениот акт туку само ја констатира неговата незаконитост, а подносителот на тужбата може по судски пат да покрене постапка за надомест на штета, може да се констатира дека со оваа одредба се пропишува надлежност и постапка на Управниот суд, која се разликува од надлежноста и постапката утврдена за Управниот суд во Законот за управните спорови, според кои Судот ја цени законитоста на актот, а ако тужбата се уважува, Судот го поништува оспорениот управен акт.
Со оглед на наведеното, а имајќи го предвид Амандман XXV на Уставот на Република Македонија, според кој законите со кој се пропишува постапката пред судовите се носат со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници, според Судот, со оспорената одредба се создава можност законодавецот, наместо во процесните, во материјалните закони да ја утврдува надлежноста и постапката пред судовите, со што се повредува начелото на владеење на правото, правната сигурност и Амандманот XXV на Уставот на Република Македонија.
Поаѓајќи од изнесеното Судот оценил дека оспорениот член 179 став 2 од Законот за банките не бил во согласност со одредбите на Уставот.
Со оглед на тоа што за оспорената одредба од членот 179 став 2 од Законот за банките Судот веќе одлучувал и го укинал што значи не е во правниот поредок, и не наоѓа основи за поинакво одлучување и постојат пречки за одлучување по иницијативата Судот оцени дека се настапени услови за отфрлање на иницијативата во овој предмет.
4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.226/2007
8 октомври 2007 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски