Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 октомври 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за содржината и методологија за изработка на заштитно-конзарваторските основи за културното наследство („Службен весник на Република Македонија“ бр.111/2005), донесен од министерот за култура на Република Македонија.
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, од текстот на оспорениот Правилник не можело да се утврди дека министерот за култура ја пропишал содржината и методологијата за изработка на заштитно-конзерваторските основи по претходно прибавено мислење од министерството надлежно за работите на просторното планирање и уредување на просторот, со што бил повреден член 8 став 1 алинеи 3 и 10, член 51, член 56 и член 96 од Уставот на Република Македонија, член 71 став 8 од Законот за заштита на културното наследство како и Законот за просторно и урбанистичко планирање.
3. Судот на седницата утврди дека оспорениот правилник има 34 члена содржани во IV – глави и тоа: I глава – Општи одредби, потоа II глава ги содржи одредбите за содржина на основите, главата III ги обработува членовите во врска со Методологија за изработка на основите и главата IV ја содржи завршната одредба.
4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува меѓу другото и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Подносителот во иницијативата наведува дека од текстот на оспорениот Правилник не може да се утврди дека министерот за култура ја пропишал содржината и методологијата за изработка на заштитно-конзерваторски основи по претходно прибавено мислење од надлежните министерства. Меѓутоа според Судот, прибавувањето на мислење од надлежните министерства е само дел од постапката за донесување на Правилникот, чија оценка не е во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија, а во смисла на цитираната уставна одредба.
Исто така, Судот оцени дека, иницијативата треба да се отфрли и од причини што подносителот со иницијативата бара оспорениот Правилник да содржи нешто што го нема, па Судот ниту по овој основ на е надлежен да постапува, односно да цени дека актот треба да содржи и нешто друго.
Тргнувајќи од наведените причини Судот оцени дека во конкретниов случај, се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, во смисла на наведената деловничка одредба.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.127/2008
1 октомври 2008 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски