107/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 октомври 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за потврдување на програмата за изградба и реконструкција на објекти и учество во раздолжувањето на извршените комунални услуги од ЈП „Комуналец“ Кавадарци и други задолжувања за основните и средните училишта во општина Кавадарци, донесена од Совет на општина Кавадарци бр.07-1125/3 од 22 април 2008 година („Службен гласник на општина Кавадарци“ бр.51/2008).

2. Панчо Минов градоначалник на општина Кавадарци на Уставниот суд на Република Макекдонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Програмата означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената Програма не била во согласност со член 51 ставови 1 и 2 од Уставот, како и со член 50 став 1 точка 6 од Законот за локалната самоуправа. Ова затоа што програмата не била донесена во постапка предвидена со закон.

Имено градоначалникот на општина Кавадарци исполнува
јќи ја законската надлежност до советот на општината ја доставил Предлог-програмата за изградба и реконструкција на објекти и учество во раздолжувањето за извршени комунални услуги од ЈП „Комуналец“ и други задолжувања за основните и средните училишта во функција на закажување на седница.

На 31 март 2008 година поради недоразбирање со советниците, градоначалникот согласно член 145 став 2 од Деловникот на Советот на општината ја повлекол предлог-програмата, со што според подносителот, таа не можела да биде предмет на расправа на седницата. Меѓутоа и покрај повлекувањето на Предлог-програмата Советот на општината истата ја усвоил.

Согласно член 50 став 1 точка 2 и член 51 од Законот за локалната самоуправа градоначалникот, покрај другото, донел и Решение за запирање на објавување на Програмата за изградба и реконструкција на објекти и учество во раздолжувањето за извршени комунални услуги од ЈП „Комуналец“ – Кавадарци и други задолжувања за основните и средните училишта во општина Кавадарци бр.08-1048/3 од 8 април 2008 година, а на 30 април 2008 година поднел иницијатива пред Уставниот суд на Република Македонија за оценување на уставноста и законитоста на наведената Програма.

3. Судот на седницата утврди дека на 31 март 2008 година Советот на општина Кавадарци донел Програма за изградба и реконструкција на објекти и учество во раздолжувањето за извршените комунални услуги од ЈП „Комуналец“ Кавадарци за основните и средните училишта во општина Кавадарци.

Во воведот на Програмата е утврдено дека целта на нејзиното донесување е подобрување на условвите и начинот на работа во образовните институции, намалување на долговите за потрошена вода и ѓубретарина спрема ЈП „Комуналец“, а кои средства самите институции во изразен недостиг на наменски дотации за 2007 не биле во можност да ги подмират. Исто така со наведената Програма ќе се обезбедело намалување на средствата со намена – греење, со тоа што ќе се овозможело изградба на дополнителни објекти – кабинети за функционирање на едносменска настава.

Понатаму со Програмата е предвидено учество на општината во реконструкција на објектот „Детски диспанзер“ заради овозможување на изведување на поквалитетна настава за основното музичко образование, развој на спортот во општината преку изградба на спортски терени со средства одобрени од Агенцијата за спорт и млади при Владата на Република Македонија.

Во Програмата е предвидена и распределба на финансиски средства – наменски дотации од Буџетот на Република Македонија за плаќање на заостанатиот долг по основ комунални расходи на средните училишта во општина Кавадарци.

Врз основа на член 50 став 1 точка 2 и член 51 став 1 од Законот за локалната самоуправа, градоначалникот на општината со Решение бр.08-1048/3 од 8.04.2008 година ја запрел од објавување наведената Програма („Службен гласник на општина Кавадарци“ бр.50/2008).

Советот на општина Кавадарци на 22 април 2008 година донел Одлука за потврдување на Програмата за изгградба и реконструкција на објекти и учество во раздолжувањето за извршените комунални услуги од ЈП „Комуналец“ Кавадарци и други задолжувања за основните и средните училишта во општина Кавадарци бр.07-1125/3 од 22 април 2008 година.

Градоначалникот на општината согласно член 50 став 1 точка 3 од Законот за локалната самоуправа, донел Решение за објавување на Одлуката за потврдување на Програмата за изградба и реконструкција на објекти и учество во раздолжувањето за изввршените комунални услуги од ЈП „Комуналец“ Кавадарци и други задолжувања за основните и средните училишта во општина Кавадарци на 22 април 2008 година и поднел иницијатива пред Уставниот суд на Република Македонија за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Програма.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 9 од Уставот, локалната самоуправа е утврдена како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 114 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа, а според став 2 на истиот член, единици на локалната самоуправа се општините.

Во Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002), се уредуваат надлежностите на општината; непосредното учество на граѓаните во одлучувањето; организацијата и работата на органите на општината; општинската администрација; актите на органите; имот – сопственост на општината; надзорот над работата на органите на општината; распуштањето на советот на општината; механизмите на соработка меѓу општините и Владата на Република Македонија; месната самоуправа; заштитата на локалната самоуправа; утврдување на службени јазици во општините и други прашања од значење за локалната самоуправа.

Според член 31 од Законот, органи на општината се советот и градоначалникот.

Надлежностите на советот се утврдени со член 36 од Законот, при што согласно точката 1 на овој член, во надлежност на Советот е да го донесува статутот на општината и други прописи.

Надлежностите на градоначалникот се утврдени во член 50 од Законот, при што согласно став 1 точка 6 од овој член, градоначалникот иницира и предлага донесување на прописи од надлежност на советот.

Според член 62 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи и тоа: статут, програми, одлуки и други прописи утврдени со закон.

Од анализата на наведената законска регулатива произлегува дека градоначалникот на општината иницира и предлага донесување на прописи од надлежност на советот, при што може да предлага и иницира програми како што е во конкретниов случај.

Во согласност со наведената законска регулатива видно од доставената документација, градоначалникот на општина Кавадарци до Советот на општината, покрај другото, предложил и предлог Програма за изградба и реконструкција на објекти и учество во раздолжувањето на извршените комунални услуги од ЈП „Комуналец“ Кавадарци и други задолжувања за основните и средните училишта во општина Кавадарци.

Видно од Записникот од 50-та седница на Советот на општина Кавадарци одржана на 31 март 2008 година бр.07-907 дневниот ред за оваа седница бил усвоен со променет редослед на точките од предложениот дневен ред по што била отворена расправа.

По несогласувањето на градоначалникот со Советот на општината околу прифаќање на одредени амандмани, градоначалникот доставил писмен допис до претседателот на Советот дека ги повлекува точките од дневниот ред меѓу кои е и наведената Програма и ја напуштил седницата, а Советот на општината продолжил со работа и едногласно ја усвоил предложената Програма.

Имајќи ја во вид надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија утврдена во член 110 од Уставот, според која Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, сметаме дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за тоа дали оспорената Програма била донесена во постапка спротивна на одредбите на Деловникот на Општина Кавадарци.

За оценка на уставноста и законитоста на оваа Програма, од аспект на постапката за нејзино донесување, Судот смета дека е од значење што истата е донесена од страна на надлежните органи утврдени во закон. Во оваа смисла, сметаме дека фактот што Предлог-програмата, доставена од градоначалникот на Оштината, била ставена на дневен ред на седница на Советот на Општина Кавадарци, кој дневен ред бил усвоен и по кој почнала расправа, при што истата е усвоена, што значи дека оспорената Програма била предложена и донесена од надлежните органи утврдени со закон.

За законитоста на постапката за донесување на оспорената Програма Судот смета дека не влијае повлекувањето на точките од дневниот ред, на кое се повикува подносителот на иницијативата, како негово деловничко право, затоа што дневниот ред бил усвоен, а повлекувањето на точките е извршено во фаза на амандманска расправа и тоа од причина на несогласување на градоначалникот како овластен предлагач, со поднесените амандмани.

Поради наведеното, Судот оцени дека не се основани наводите во иницијативата дека оспорената Програма не била донесена по предлог на овластен предлагач, со што постапката за донесување на оспорената Програма била спротивна на член 50 став 1 точка 6 од Законот за локалната самоуправа, а со тоа и на член 51 од Уставот.

Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената Програма со Уставот и Законот за локалната самоуправа.

5. Со оглед на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.107/2008
1 октомври 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски