Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 септември 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 218 од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2008).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 218 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорената одредба се повредувала темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот владеењето на правото, член 51 и член 52 став 4 од Уставот. Ова затоа што со неа се негирале порано постоечките прописи врз основа на кои се работело, се создавала правна несигурност за граѓаните кои ги поседувале наведените докази во одредбата, а не го реализирале своето право и се уредувале односи и работи со повратно дејство, што не било допуштено согласно член 52 став 4 од Уставот.
3. Судот на седницата утвди дека во оспорениот член 218 од Законот за катастар на недвижности е предвидено дека при востановување на катастарот на недвижностите, услов за запишување во катастарот на недвижностите не претставува постоење на заверката од надлежен орган, односно доказот за платен данок на исправите за правните дела склучени меѓу физички, односно правни лица и Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор и неговите правни претходници или со градежните претпријатија, пред започнување на примената на Законот за вршење на нотарски работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/1996 и 25/1998) односно пред влегувањето во сила на Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 3/1994, 71/1996, 54/2000 и 24/2003).
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Со Законот за катастар на недвижности се уредуваат основните геодетски работи, премерот на недвижности во функција на катастарот на недвижностите, воспоставување и одржувањето на катастарот на недвижностите и други прашања (член 1).
Според член 2 точка 2 од Законот, катастар на недвижности е јавна книга во која се врши запишување на правото на сопственост и на другите стварни права на недвижностите, на податоци на недвижности како и на други права и факти чие запишување е утврдено со закон.
Согласно член 3 од наведениот закон воспоставувањето и одржувањето на катастарот на недвижности, управување со геодетско-катастарскиот информационен систем, како и воспоставувањето, одржувањето и јавниот пристап до Националната инфрастрктура на просторни податоци се работи од јавен интерес.
Во Глава VIII „Запишување на правото на недвижности во катастарот на недвижностите“ од Законот, покрај другото се уредени прашањата кои се однесуваат на правото на недвижностите чие запишување е утврдено со закон (член 126), обемот и содржината на податоците за правата врз недвижностите (член 127), правните основи за запишување во катастарот на недвижности (член 128), исправите за запишување (член 129) и условите за запишување (член 130).
Според точката 1 на член 130 од Законот, услов за запишување на правото на недвижности при воспоставување и одржување на катастарот на недвижностите е постоење на правен основ подобен за запишување.
Според точката 2 на член 130 од Законот се смета дека правниот основ од ставот 1 е подобен за запишување кога:
– исправите за правниот основ се склучени во писмена форма и заверени од надлежен орган согласно со закон,
– актите на надлежните органи се конечни односно правосилни и
– постои соодветност на податоците од член 129 став 3 на овој закон.
Во Главата XVIII „Преодни и завршни одредби“ од Законот е поместен оспорениот член 218 со кој се уредува прашањето за запишување во катастарот на недвижности и во случаи кога не постои заверка од надлежен орган односно доказ за платен данок на исправите и правните дела склучени пред примената на Законот за вршење на нотарски работи од 1996 година и влегување во сила на Законот за даноците на имот од 1993 година.
Со оглед на наведеното, а имајќи ја предвид содржината на целината на Законот за катастар на недвижности од која јасно произлегува дека катастарот на недвижности како дел од геодетско катастарско информативниот систем во кој се содржани податоци за правото на недвижности, носителот на правата на недвижности кој се воспоставува за целата територија на Република Македонија како единствена база на податоци (член 106) се работи од јавен интерес, како и задолжителноста на запишувањето на правата на сопственост и другите стварни права на недвижности во катастарот на недвижности, Судот смета дека не се основани наводите во иницијатиата дека оспорениот член од Законот не бил во согласност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.
Судот оцени дека во конкретниов случај не може да стане збор за повратно дејство на законот од причина што со него се овозможува субјектите да го запишат правото на сопственост на недвижности и на другите стварни права кои произлегуваат од сопственоста на недвижноста и во случаите кога не се исполнети условите предвидени со овој закон, односно да можат да ги запишат правата во катастарот на недвижности кога не постоело законска обврска за заверка пред надлежен орган, односно доказ за платен данок на исправите на правните дела.
Оттука, спротивно на наводите од иницијативата Судот оцени дека ако законот не содржеше една ваква одредба, а субјектите согласно законот се должни да го запишат правото на сопственост и други стварни права на недвижноста според условите утврдени во овој закон, дури тогаш би можело да се постави прашањето за ретроактивното дејство на Законот.
Тргнувајќи од напред изнесеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на член 218 од Законот со одредбите од Уставот.
5. Со оглед на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и Игор Спировски.
У.бр.73/2008
24 септември 2008 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски