У.бр.61/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 септември 2008 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за утврдување на надоместок за вршење на функцијата советник на Општина Чаир бр. 07-1323/4 од 7 декември 2007 година, донесена од Советот на општина Чаир, објавена во „Службен гласник на општина Чаир“ бр.1 од 24 јануари 2008 година.

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА решението за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија, донесени односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Репуб­лика Македонија“.

4. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесената иницијатива на Изет Меџити, градоначалник на општина Чаир – Скопје, со Решение У.бр.61/2008 од 18 јуни 2008 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основа­но се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот, Законот за локалната самоуправа и Законот за плати и други надоместоци на пратениците и другите избрани и именувани лица во Републиката.

5. Судот на седницата утврди дека според членот 1 на оспорената одлука, за присуство на седница на Советот се утврдува надоместок во висина од 70% од просечна месечна нето плата на Република Македонија од претходната година.

Во член 2 од Одлуката се предвидува дека за патни и дневни трошоци се утврдува надоместок во висина од 1.900 денари.

Според членот 3 од истата одлука, за присуство на седница на работни тела на Советот се утврдува недоместок во висина од 3.000 денари.

Во член 4 од Одлуката се предвидува дека оваа Одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Служ­бен гласник на Општина Чаир“.

6. Согласно член 8 став 1 алинеите 3 и 9 од Уставот на Репуб­лика Македонија, владеењето на правото и локалната само­управа се утврдени како темелна вредност на устав­ниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други про­писи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и сите други прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Според став 4 од истата одредба, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Според член 45 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) членовите на Советот имаат право на надоместок за присуство на седница и надоместоци на патни и дневни трошоци во рамки утврдeни со закон.

Согласно членот 100 кој е поместен во Глава XV „Преодни и завршни одредби“ до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Според член 1 од Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Репуб­ликата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 121/2007) во Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собра­нието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на СРМ“ број 36/90 и „Службен весник на Република Македонија“ број 38/91, 23/97, 37/2005 и 84/ 2005), по Дел “V. Надоместок на определени материјални трошоци и други примања“ се додава дел V-a со пет нови членови 29-а, 29-б, 29-в, 29-г и 29-д.

Во Делот V-a, се предвидени надоместоците на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје.

Според член 29-а, од наведениот закон на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје им припаѓа месечен надоместок за присуство на седниците на сове­тот и надоместок на патните и дневните трошоци. Според ставот 2 на истиот член, средствата за исплата на надоместоците од ставот 1 на овој член се обезбедуваат во буxетот на општината и во Буxетот на градот Скопје.

Според член 29-б од наведениот закон месечниот надо­месток за присуство на седници на советот се утврдува во процен­туален износ од просечната месечна нето плата во Републиката исплатена за претходната година, но не повеќе од 70%. Според став 2 од истиот член, висината на месечниот надоместок за присуство на седниците се утврдува со одлуката за извршување на буxетот на општината и Буетот на градот Скопје.

Според член 29-в од истиот закон, на претседателите на советите на општините и на претседателот на Советот на градот Скопје, за раководењето и организирањето на работата на советот, надоместокот од членот 29-б се зголемува за 30%.

Според член 29-г од Законот, месечниот надоместок за присуство на седниците на советот се исплатува за присуство на сите седници на советот во тековниот месец. Според став 2 од истиот член, месечниот надоместок за присуство на седниците на советот се намалува за 30% за секое отсуство од седница на советот. Според став 3, месечниот надоместок за присуство на седниците на советот не се исплатува, доколку членот на советот не присуствувал на ниту една седница на месецот во тековниот месец. Според став 4, месеч­ниот надоместок за присуство на седниците не се исплатува, доколку советот во тековниот месец не одржал седница.

Според член 29-д од Законот, на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје им се исплатуваат надоместоци за патни и дневни трошоци за службени патувања во земјата и странство според прописите кои се однесуваат на државните службеници вработени во општинската администрација и во администрацијата на градот Скопје.

Имајќи ги предвид одредбите од членовите 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа, произлегува дека законодавецот го утврдил правото на надоместок за присуство на седница и правото на надоместок на патни и дневни трошоци за членовите на советот.

Притоа, во Законот за локалната самоуправа, законода­вецот правото на надоместок за присуство на седница на членовите на советот не само што го утврдил туку и го лимитирал и тој може да изнесува најмногу до 30% од просечната плата во Република Маке­донија исплатена во последните три месеци, а во однос на висината на патните и дневни трошоци на членовите на советот упатува на примена на прописите кои се однесуваат на државните службеници. Исто така, законодавецот упатува кон тоа дека овој надоместок ќе биде утврден додека не се донесува новиот закон. Со Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратени­ците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на Република Македонија“ бр.121/2007), исто така е уредено прашањето на надоме­стоците на членовите на советите на општините и на члено­вите на Советот на градот Скопје.

Имајќи го во вид фактот што со оспорената Одлука пра­вото на надоместок во висина од 70 % од просечна месечна нето плата во Република Македонија од претходната година за присуство на седница на Советот како и надоместокот за плата и дневни трошоци и за присуство на седница на работни тела на Советот, не е утврдено во согласност со членовите 29/а и 29/б од Законот за дополнување на Законот за плата и други надоместоци на пратени­ците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, според Судот, Одлуката не е во согласност со Уставот и наведениот закон.

Имено, предвид на содржината на оспорената Одлука, според Судот, истата не е во согласност со наведените одредби од Законот за дополнување на Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката. До ваква констатација се доаѓа од причина што во наведените законски одредби се предвидува месечен надоместок за присуство на седницата на советот без оглед на нејзино времетраење и надоместокот за патни и дневни трошоци врз основа на прописите кои се однесуваат на државните службеници, но според Судот, Советот со посебна одлука не може да определува друг надоместок за присуство на седница на Советот на неговите членови, како и надоместок за патни и дневни трошоци, бидејќи истите се веќе определени во Одлуката за извршување на Буџетот на Општи­ната.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со Уставот, Законот за локалната само­управа и Законот за плата и дру­гите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Маке­донија и другите избрани и именувани лица во Републиката.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседа­телот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и Игор Спировски.
2008 година.

У.бр.61/2008
24 септември 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски