Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 септември 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлука за донесување на Детален урбанистички план за дел од МЗ „Благој Стефковски Гојчо“ и дел од МЗ „3-та МУБ“ урбан блок 44 и 48, донесена од Советот на општина Куманово под.бр.07-72/4 од 30 јануари 2004 година (“Службен гласник на општина Куманово бр.2/ 2004).
2. Лидија Геогиева од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, со новиот Детален план, индивидуалната станбена зграда, што се води под КП.бр.19523, сопственост на подносителката на иницијативата, не се задржувала во планот, бидејќи со него се планирало зеленило. На тој начин се повредувало правото на сопственост и се намалувала вредноста на имотот, што било спротивно на членот 8 од Уставот на Република Македонија.
Покрај тоа, при донесување на оспорената одлука не биле почитувани законските одредби за донесување на детален урбанистички план. Имено, не биле почитувани член 23 и член 24 од Законот за просторното и урбанистичко планирање, кои предвидувале спроведување на јавна презентација и јавна анкета, со соодветна стручна расправа и мислење од главниот архитект. Потоа, се наведува дека деталниот план не бил во согласност го Генералниот, а сообраќајното решение не било доволно издржано. Исто така, подноси-телката на иницијативата наведува дека Секторот за урбанизам и комунални работи при општина Куманово со ненавременото издавање на извод од ДУП ја попречил подносителката на иницијативата да добие навремена информација и да ги оствари своите права., како и тоа дека со измената на Планот и пренамената на објектот во зеленило се намалила пазараната вредност на нејзината сопственост.
3. Судот на седницата утврди дека, Советот на општина Куманово на седницата одржана на 30 јануари 2004 година донел Одлука за донесување на Детален урбанистички план за дел од МЗ „Благој Стефковски Гојчо“ и дел од МЗ „3-та МУБ“ урбан блок 44 и 48.
Во членот 1 од Одлуката е определено дека се донесува Детален урбанистички план за наведените делови од месните заедници со површина од 9,83 ха.
Во членот 2 од Одлуката е определено дека составен дел на Планот се: извештајот од спроведената анкета и известувањето за постапување по извештајот, текстуалниот дел со билансни показатели и основни параметри за уредување на просторот и синтезен графички приказ на планските решенија со технички број 54/02.
Во членот 3 од Одлуката е опреден начинот на кој се заверува и местата каде што се чува урбанистичката документација.
Во членот 4 е определено дека Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службениот гласник на град Куманово”.
Одлуката е заверена под број 07-72/4 од 30 јануари 2004 година и е објавена во “Службен гласник на град Куманово” бр.2/2004 година.
Судот, исто така, врз основа на делумно доставената документација од страна на општината Куманово, утврди дека главниот архитект на општина Куманово со допис бр.23-2745/2 од 20 ноември 2003 година го утврдил текстот на нацртот на Деталниот план, по што дал стручно мислење бр.23-2745/3 од 20 ноември 2003 година дека Нацрт планот е изработен во согласност со Генералниот план и одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Градоначалникот на општината Куманово со Одлука бр.08-2876/1 од 3 декември 2003 година определил организирање на јавна анкета по Нацртот на Деталниот план во траење од 15 дена со објавување на соопштение и излагање на планот на јавно место. Во соопштението стои дека се организира јавна анкета во периодот 4 до 14 декември 2003 година а составните делови на планот ќе бидат истакнати во општинските витрини на градскиот плоштад. Соопштението е објавено во „Кумановки весник“ на 4 декември 2003 година.
Комисијата задолжена за разгледување на приговори составила извештај бр.23-3092/1 од 17 декември 2003 година за спроведената јавна анкета од кој произлегува дека постојат приговори што се во целост или делумно прифатени и приговори што не се прифатени. Од страна на подносителката на иницијативата не е подносен приговор.
Советот на општина Куманово ги достави и синтензниот графички приказ и билансниот показател на планот.
4. Според член 2 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/ 2001 и 45/2002), кој бил во примена кога е донесен планот, просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат.
Според член 7 од Законот, во зависност од просторот што е предмет на планирање се донесува, покрај другите и генерален и детален урбанистички план.
Според член 10 став 1 од Законот, генералните урбанистички планови се донесуваат за подрачја на населено место, стопански комплекс и за други подрачја предвидени за градба.
Според став 2 од истиот член од Законот, Генералниот урбанистички план содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границите на урбаното подрачје со билансни показатели за урбаните единици и блокови и за инфраструктурата. Синтезниот графички приказ содржи: граница за урбано подрачје, намена на земјиштето на урбаните блокови, решенија на генералните водови и објекти на сообраќајна и друга инфраструктура. Билансните показатели содржат: податоци за површините и намените, показатели за инфраструктурата и параметри за уредување на просторот на урбаните блокови, согласно наведените стандарди и нормативи. Генералниот урбанистички план, како план од пониско ниво мора да биде усогласен со Просторниот план.
Според член 11 став 1 од Законот, Деталниот урбанистички план се донесува за одделни делови од населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план.
Според став 2 од истиот член од Законот, опфатот на урбаниот блок за кој се изработува детален урбанистички план може да изнесува максимум 30 хектари, а минималниот опфат зависи од големината на урбаниот модул определен со сообраќајници, водотеци и слично, со максимално почитување на постојната состојба, доколку е во согласност со Генералниот урбанистички план.
Според член 11 став 3 од Законот, деталниот урбанистички план содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границата на урбаното подрачје со билансни показатели за урбаните модули и инфраструктурата. Синтезниот графички приказ содржи: граница за урбаното подрачје, намена на земјиштето на урбаните модули со градежни парцели, површина за изградба на објекти определени со градежни линии и максимална висина, сообраќајна мрежа со нивелманско решение, решенија на секундарни водови и објекти на инфраструктура. Билансните показатели содржат: податоци за површините, показатели за инфраструктурата и параметри за уредување на просторот на урбаните модули, согласно со соодветните стандарди и нормативи. Деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план.
Според член 11 став 4 од Законот, документацијата на Деталниот урбанистички план за постојната состојба и проекциите претставуваат документациона основа на планот, која заедно со нацрт планот се доставува на стручна ревизија според член 19 на овој закон.
Според член 17 став 1 од Законот, плановите од член 7 од овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план, а според став 3 од истиот член по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета. Одлука за јавна анкета по нацрт деталниот урбанистички план во општината донесува градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на општинската администрација (член 17 став 7).
Според член 18 од Законот, јавната анкета по деталниот урбанистички план ја организира општината и се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата. За времето и местото каде ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. Извештај за јавната анкета за деталните урбанистички планови со образложение за неприфатените забелешки изработува општината (став 4).
Според член 19 од Законот, на нацртот на плановите од член 7 од овој закон, пред организирањето на стручната расправа односно јавата анкета, се врши стручна ревизија. Стручната ревизија на урбанистичките планови според програмата од членот 13 на овој закон ја врши стручна научна институција или комисија што ја определува односно формира министерот надлежен за работите за уредување на просторот.
Согласно член 20 од овој закон, измените и дополнувањата на плановите се вршат по иста постапка пропишана за нивното донесување, доколку со овој закон не е поинаку уредено.
Согласно член 22 став 4 од Законот, Градот Скопје донесува генерален урбанистички план на Град Скопје, додека согласно став 5 од истиот член од Законот, општината од подрачјето на Град Скопје донесува детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место за подрачјето на општината.
Според член 22 став 6 од овој Закон, урбанистичките планови се донесуваат по издавањето согласност на предлогот на планот од Министерството надлежно за работите на уредување на просторот. Според член 23 став 1 од Законот, со согласноста од став 6 на член 22 од овј закон, се потврдува дека планот е изработен согласно со: одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
Оценувајќи ја оспорената одлука по однос на нејзината согласност со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, а врз основа на делумно приложената документација Судот утврди дека доносителот на актот не достави докази за следните околности:
– по чија иницијатива се пристапило кон донесување на Деталниот план,
– дали е донесен формален акт за Нацрт-планот,
– дали Нацрт-планот е доставен на стручна ревизија и ако е доставен дали е даден одговор на ревизијата и
– дали од Министерството за транспорт и врски е добиена потребната согласност на Планот.
Овие фази на постапката прецизно се уредени во член 17 став 1, член 19 и член 22 став 6 од Законот за просторното и урбанистичко планирање.
Имено, целокупната документација што претходи на донесувањето на оспорената одлука беше барана со допис до Советот на општината Куманово од 10 јануари 2008 и ургенции од 19 февруари и 14 април 2008 година, потоа со ургенција до Градоначалникот на општината Куманово од 4 јуни 2008, со ургенција од 19 март 2008 до Министерството за локална самоуправа и со ургенција од 4 јуни 2008 година до Министерството за транспорт и врски. Ова од причини што секоја од спроведените фази во постапката на донесување на детален урбанистички план резултира со донесување на соодветна докуме-нтација со форма и содржина утврдена со наведените одредби од Законот.
Меѓутоа, во конкретниот случај Советот на општината Куманово, покрај сите направени напори, не успеа во претходната постапка да докаже дека ја испочитувал и спровел постапката согласно член 17 став 1, член 19 и член 22 став 6 од Законот за просторното и урбанистичко планирање од каде, според Судот постои основано сомнение за согласност на оспорената одлука со наведените законски одредби.
По однос на наводот на подносителката на иницијативата дека во постапката не биле почитувани член 23 и член 24 од Законот кои предвидуват спроведување на јавна презентација и јавна анкета, со соодветна стручна расправа и мислење од главниот архитект Судот оцени дека е неоснован бидејќи од приложената документација произлегува дека оваа фаза на постапката во целост е запазена.
Останатите наводи покренуваат фактички прашања и не спаѓаат во доменот на прашања од уставноправен карактер.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.1/2008
17 септември 2008 год.
С к о п ј е
мл
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски