83/2008-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 47 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 септември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапка за оценување на уставноста на членот 43 став 8 од од Законот за градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.53-2001 и 97/2001-исправка).

2. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.83/2008 од 18 јуни 2008 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот 43 став 8 од од Законот за градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.53-2001 и 97/2001-исправка), затоа што основано се постави прашањето за согласноста на наведената одредба на Законот со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека по поведувањето на постапката за оценување на уставноста на оспорената одредба, Собранието на Република Македонија на 3 јули 2008 година донесе нов Закон за градежното земјиште (објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2008), кој влезе во сила на 16 јули 2008 година. Со член 56 од наведениот закон престана да важи Законот за градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.53-2001 и 97/2001-исправка) во кој беше содржана оспорената одредба.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 47 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката законот, другиот пропис или општ акт престанале да важат, а не наоѓа основи за оценување на нивната уставност, односно уставност и законитост во време на важењето.

Со оглед на тоа што со влегувањето во сила на новиот Закон за градежното земјиште оспорената одредба престанала да важи во текот на постапката за оценување на нејзината уставност и повеќе не е во правниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека се исполнети условите од член 47 од Деловникот на Уставниот суд за запирање на постапката, поради што одлучи како во точка 1 на ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.83/2008
17 септември 2008 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски