Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 септември 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на член 13 став 1 и член 24-б од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 63/2004, 55/2005, 81/2005, 113/2005, 35/2006, 70/2006 и 51/2007).
2. Петре Илиевски, адвокат од Скопје и Либерално Демократската партија на Република Македонија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 13 став 1 и членот 24-б од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативите, поаѓајќи од уставната гаранција за слободата на верското уверување, слободата на вероисповеста и одвоеноста на државата од верските заедници и религиозни групи, произлегувало дека државата и нејзините органи со закон или други прописи не можеле на граѓаните на Република Македонија да им наметнуваат верско дејствува во било каков вид и форма.
Имено, верското определување и самозапознавање со религијата на било која религиозна група преку изучување на верски книги, според Уставот, граѓанинот имал можност да ги реализира во рамки на верските заедници и религиозни групи, како и надвор од нив, но не и во рамки на државните училишта како јавни институции.
Од овие причини оспорените одредби од Законот не биле во согласност со членот 16 став 1, членот 19 и Амандман VII од Уставот на Република Македонија.
3. По повод иницијативите, за оспорените одредби од Законот, беше изготвен реферат со уставносудска анализа и по предметот се водеше расправа на Уставниот суд на Република Македонија на триесет и првата седница одржана на 5 декември 2007 година. Пред Судот се поставија повеќе спорни правни прашања за кои Судот заклучи дека е потребно да се одржи подготвителна седница, која Судот ја закажа и одржа на 22 април 2008 година и за таа цел беше претходно изготвен „Реферат за подготвителна седница по предметот У.бр.101/2007 година“.
На дваесет и првата седница на Уставниот суд на Република Македонија, одржана на 11 јуни 2008 година Судот го разгледуваше изготвениот „Предлог за одлучување по одржана подготвителна седница по предметот У.бр.101/2007“.
4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Собранието на Република Македонија на седница одржана на 1 август 2008 година донесе Закон за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/2008) кој влегол во сила на 27 август 2008 година и согласно членот 187 со денот на влегувањето во сила на овој закон, престанал да важи Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. бр.44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 63/2004, 55/2005, 81/2005, 113/2005, 35/2006, 70/2006 и 51/2007).
Со оглед на тоа што Законот за основното образование во кои биле предвидени и оспорените одредби, престанал да важи и не е во правниот поредок, Судот оцени дека согласно наведената деловничка одредба се настапени услови за отфрлање на иницијативите поради постоење на процесни пречки за одлучување.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.101/2007
17 септември 2008 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски