81/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 септември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 24 став 6 од Законот за полиција („Службен весник на Република Македонија“ бр.114/2006).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 26 став 6 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената одредба од Законот се предвидувало дека министерот за внатрешни работи можел да го разрешува командирот на полициската станица од општа надлежност, меѓутоа тоа законско решение било неуставно бидејќи советот на општината го вршел изборот на командирот согласно членот 24 став 3 од Законот, па оттука правилно било органот што го вршел изборот да биде надлежен и за разрешување на тој кадар.

Од овие причини оспорената одредба од Законот не била во согласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа со членот 8 став 1 алинеи 1 и 9 кои се однесувале на владеењето на правото и локалната самоуправа како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, потоа со членот 51 според кој секој е должен да ги почитува Уставот и законите, и членот 115 став 2 од Уставот според кој општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 24 од Законот е предвидено:

„Со полициската станица од член 23 на овој закон раководи командир кој работите ги врши во полициска униформа.

За командир на полициска станица може да биде избрано лице кое покрај општите услови за засновање на работен однос во Полицијата предвидени со овој закон, ги исполнува и следниве посебни услови:
1) да има завршено соодветно високо образование и
2) да има работно искуство во Полицијата најмалку од шест години.
Командирот од ставот 1 на овој член се избира со мнозинство гласови од вкупниот број советници од страна на советот на општината во која што е сместена полициската станица од општа надлежност на Министерството (во натамошниот текст: советот на засегнатата општина) од листа која содржи најмалку тројца кандидати, предложена од страна на министерот, меѓу кои барем еден кандидат припаѓа на заедницата која е во мнозинство во тие општини.
Ако советот на засегнатата општина не избере ниту еден од предложените кандидати во рок од 15 дена од денот на доставувањето на листата, министерот ќе предложи втора листа која содржи најмалку тројца нови кандидати меѓу кои барем еден кандидат припаѓа на заедницата која е во мнозинство во тие општини.
Ако и по спроведувањето на постапката од ставот 4 на овој член советот на засегнатата општина повторно не избере ниту еден од предложените кандидати во рок од 15 дена од денот на доставувањето на листата, министерот по консултација со Владата, ќе го избере командирот на полициската станица од општа надлежност од двете листи на кандидати предложени од министерот, како и тројца дополнителни кандидати предложени од страна на советот на засегнатата општина.
Министерот го задржува овластувањето за разрешување на командирот на полициската станица од општа надлежност, во согласност со овој закон“.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Согласно членот 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според членот 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежности ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата, а според членот 97 од Уставот, со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години.

Со точката 1 од Амандманот XVII од Уставот, со кој се заменува ставот 1 од членот 115 од Уставот, е утврдено дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Според ставот 2 на членот 115 од Уставот, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.

Според ставот 3 на овој член од Уставот, Републиката со закон може да и довери вршење на определени работи на општината.

Законот за полиција во членот 1 определил дека со овој закон се уредуваат полициските работи, организацијата на Полицијата, полициските овластувања и правата и обврските што произлегуваат од работниот однос на полициските службеници во Министерството за внатрешни работи, што не се уредени со Законот за внатрешни работи.

Во Глава V од Законот, што се однесува на „Работни односи“, е уредено дека правата и обврските од работен однос, полицискиот службеник ги остварува согласно со прописите за работни односи, Колективен договор на Министерството и овој закон (член 94), потоа се определени општите услови за засновање работен однос во Полиција (член 95), начинот на засновање на работен однос на полициски службеник по пат на јавен оглас и без јавен оглас и други прашања од работен однос како и посебностите во врска со работата на полициските службеници (членови од 96 до 119).

Од анализата на изнесените уставни и законски одредби Судот оцени дека со Законот за полиција се утврдени права и обврски од областа на работните односи на полициските службеници, согласно со уставната определба од членот 32 став 5 од Уставот според која остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Со членот 49 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000 и 44/2002) е определено дека министерот одлучува за правата, должностите и одговорностите на државните службеници и други лица вработени во министерството кои немаат статус на државни службеници, доколку со закон поинаку не е определено.

Имајќи предвид дека согласно Законот за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.19/1995, 15/1997, 55/1997, 38/2002, 33/2003, 19/2004 и 51/2005), Законот за полиција и Законот за организација и работа на органите на државната управа, министерот за внатрешни работи раководи со управниот орган и е одговорен пред Владата за неговата работа и во вршењето на своите надлежности, конкретно согласно со закон решава и за права што произлегуваат од работен однос во Министерството, тој донесува решенија за засновање на работен однос и за разрешување на лицата кои засновале работен однос во Министерството, поради што правно основано е министерот да одлучува согласно со оспорената одредба од ставот 6 на членот 24 од Законот за полиција, како за прашање на работен однос.

Имено, со оспорената одредба од Законот е предвидено дека министерот има овластување за разрешување на командирот на полициската станица од општа надлежност, во согласност со закон, и за ова законско решение не може да се постави прашањето на уставноста. Ова поради тоа што покрај погоре изнесената анализа во случајов со одредбите од овој член од Законот е овозможено во постапката за избор на командирот да биде вклучен и да учествува советот на општината во која што е сместена полициската станица, но тоа не значи дека работниот однос на полицискиот службеник е надвор од Министерството за внатрешни работи, ниту е независно од надлежностите на Министерството за внатрешни работи кои полицискиот службеник ги врши во работата.

Од изнесената анализа за оспорената одредба од Законот Судот оцени дека не може да се постави прашањето на уставноста од причините изнесени во иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.81/2008
17 септември 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски