168/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 септември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 4 став 2 од Закон за изменување и дополнување на Законот за комуналните такси („Службен весник на Република Македонија“ бр.92/2007).

2. Кирил Тодоровски, градоначалник на општина Аеродром, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата најнапред укажува дека „согласно член 10 став 1 точка 4 алинеја 6 од Законот за градот Скопје („Службен весник на Република Македонија“бр.55/2004), градот Скопје е надлежен за изградба и одржување на јавното осветлување на магистралните и собирните улици на подрачјето на градот Скопје“ и дека „во член 15 став 1 точка 4 алинеја 4 од истиот закон е предвидено дека општините во градот Скопје се надлежни за изградба и одржување на јавно осветлување на станбени и сервисни улици на подрачјето на општината“. Понатаму, се наведува дека „врз основа на таа надлежност, на единиците на локалната самоуправа им се префрлани средства по основ на такса за улично осветлување …“.

Со други зборови, подносителот на иницијативата тргнува од стојалиште дека трговското друштво за дистрибуција на електрична енергија (ЕСМ-ЕВН, н.з.) на општините им префрлал средства од такса за улично осветлување, за изградба и одржување на јавно осветлување на станбени и сервисни улици на подрачјето на општината.

При таква состојба, подносителот на иницијативата смета дека оспорените законски одредби значеле пропишување обврска за општините во градот Скопје која има ретроактивно дејство, а тоа не било во согласност со член 52 од Уставот на Република Македониуја.

Имајќи ги предвид изнесените аспекти на оспорување, Судот оцени дека се оспорува само член 4 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за комуналните такси, а не сите одредби од тој закон.

3. Судот на седницата утврди дека во член 4 став 2 од Законот се определува дека „Обврските што произлегуваат од должничко-доверителските односи меѓу градот Скопје и трговското друштво од членот 20 тарифен број 10 став 3 на овој закон (ЕСМ-ЕВН, н.з.) настанати по основ на неплатена електрична енергија за осветлување на магистралните и собирните улици на подрачјето на градот Скопје ќе ги надоместат општините во градот Скопје од приходот по основ на такса за улично осветлување префрлени на сметка на општините во градот Скопје во периодот од 1 јули 2005 до денот на влегувањето во сила на овој закон“.

Од изнесената законска одредба, според мислењето на Судот, произлегува дека средства за трошоците за улично осветлување на магистрални и собирни улици во градот Скопје, кои неосновано се уплатувани на општините во градот Скопје од 1 јули 2005 година до влегувањето во сила на Законот, тоа е 1 август 2007 година, ќе се надоместат од општините во Градот со оглед дека се неосновано уплатувани таму, а не дека се воведува обврска за општините во Градот која обврска е на градот Скопје и која има ретроактивно дејство, како што се интерпретира законската одредба со иницијативата.

4. Со оглед на тоа што членот 4 став 2 од Законот нема такво значење какво што му се дава во иницијативата, тој член не може да се оценува од иницираниот аспект, па нема процесни претпоставки за постапување по иницијативата, поради што Судот одлучи согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, се одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.168/2007
17 септември 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски