Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 септември 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за одржување на пролетен и есенски панаѓур во град Кавадарци бр. 01-1695 од 17.04.1987 година, број 07-1125/5 од 22 април 2008 година („Службен гласник на Општина Кавадарци“ бр. 52/2008).
2. Панчо Минов, градоначалник на Општина Кавадарци, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точка 1 на ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука била донесена спротивно на член 26 од Законот за локалната самоуправа и членовите 33 – 40 од Статутот на Општина Кавадарци. Според подносителот, Одлуката била донесена врз основа на поднесена граѓанска иницијатива од страна на трговци – сопственици на дуќани за укинување на панаѓурите, со прилог потписи за поддршка на иницијативата. Меѓутоа, граѓанската иницијатива не била покрената од 100 граѓани, туку во прилог бил доставен само (нејасен) список на регистрирани дуќани – трговија, а исто така немало ни овластен предлагач. Не била запазена ниту постапката на испитување на уредноста на Иницијативата од страна на Претседателот на Советот, ниту пак Советот се произнел по прашањето за уредноста на иницијативата со Заклучок, туку спротивно на законски и статутарно уредената постапка, Советот, само врз основа на поднесената Иницијатива од трговци – сопственици на дуќани, на самата седница, наместо да ја цени уредноста на Граѓанската иницијатива, ја донел оспорената одлука. При донесување на Одлуката, не била запазена ниту законската одредба од член 26 став 2 од Законот за локалната самоуправа, за поддршка со свои потписи на 10% од граѓаните запишани во избирачкиот список на Општината, туку напротив, Одлуката била донесена набрзина, без образложение, без да се имаат предвид интересите на излагачите и воопшто на граѓаните на Општина Кавадарци.
Оспорениот пропис бил во спротивност и со член 51 став 1 од Уставот, според кој, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи во согласност со Уставот и со законот.
Поради тоа, се предлага Уставниот суд на Република Македонија, да ја укине или поништи оспорената одлука.
3. Судот на седницата утврди дека Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за одржување на пролетен и есенски панаѓур во град Кавадарци бр. 01-1695 од 17.04.1987 година има 5 члена.
Според член 1 од оваа одлука, се врши измена во насловот на Одлуката и истиот гласи: „Одлука за одржување на есенски панаѓур во град Кавадарци“.
Според член 2 од истата одлука, се врши измена во член 1 од Одлуката и истиот гласи: „Се организира одржување на есенски панаѓур во град Кавадарци. Есенскиот панаѓур ќе се одржува секоја година во деновите 14, 15 и 16 октомври.“
Согласно член 3 од истата одлука, се врши измена во член 2 на Одлуката и истиот гласи: „ Локацијата на одржување на есенски панаѓур ќе ја одредува Секторот за комунално уредување, урбанизам, сообраќај и заштита на животната средина.“
Според член 4 од оваа одлука, се врши измена во член 3 на Одлуката и истиот гласи: „За време на одржувањето на есенскиот панаѓур ќе можат да се излагаат сите видови на производи и услуги.“
Согласно член 5 од оваа одлука, се брише член 5 од Одлуката за одржување на Пролетен и есенски панаѓур во град Кавадарци бр. 01-1695 од 17.04.1987 година.
Одлуката е заведена под број 07-1125/5 од 22.04.2008 година и потпишана од претседателот на Советот на Општина Кавадарци.
Одлуката е објавена во „Службен гласник на Општина Кавадарци“ број 52 од 13.05. 2008 година.
4. Согласно член 8 став 1 алинеја 9 од Уставот, локалната самоуправа е утврдена како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според членот 114 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа, а според став 2 на истиот член, единици на локалната самоуправа се општините.
Согласно точката 1 на Амандман XVII на Уставот со кој се заменува ставот 1 на членот 115 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Во Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), се уредуваат надлежностите на општината; непосредното учество на граѓаните во одлучувањето; организацијата и работата на органите на општината; општинската администрација; актите на органите; имот – сопственост на општината; надзорот над работата на органите на општината; распуштањето на советот на општината; механизмите на соработка меѓу општините и Владата на Република Македонија; месната самоуправа; заштитата на локалната самоуправа; утврдување на службени јазици во општините и други прашања од значење за локалната самоуправа.
Со член 26 на овој закон, се уредува граѓанската иницијатива, како една од формите на непосредно учество на граѓаните во одлучувањето за прашања од локално значење. Така, согласно став 1 на овој член, се утврдува дека граѓаните имаат право да му предложат на советот да донесе одреден акт или да реши одредено прашање од неговата надлежност. Според ставот 2 на истиот член, граѓанска иницијатива не може да се поднесе за кадровски и финансиски прашања. Согласно ставот 3 на овој член, за предлогот од ставот 1 на овој член, советот е должен да расправа ако го поддржат најмалку 10% од избирачите на општината, односно на месната самоуправа на која се однесува определеното прашање. Според ставот 4 на истиот член, расправата од ставот 3 на овој член, советот е должен да ја одржи најдоцна во рок од 90 дена по доставената иницијатива и да ги информира граѓаните за својата одлука.
Според член 31 од Законот, органи на општината се советот и градоначалникот.
Надлежностите на советот се утврдени со член 36 од Законот, при што согласно точката 1 на овој член, во надлежност на Советот е да го донесува статутот на општината и другите прописи.
Според член 2 став 1 точка 2 од Законот, во кој е утврдено значењето на одделните изрази употребени во Законот, прописи се општи акти со кои советот го уредува вршењето на надлежностите на општината.
Видно од доставената докумантација, повеќе од стотина трговци сопственици на дуќани во Општина Кавадарци, на 02.04.2008 година поднеле барање до Советот на Општина Кавадарци и до градоначалникот на Општина Кавадарци (заведено под број 07-971/1) под итно да се одржи седница на Советот и градоначалникот на која да се решаваат нивните проблеми, нагласувајќи дека бараат укинување на панаѓурите, како најголем проблем за нив како трговци.
Советот на Општина Кавадарци, на 51-та седница одржана на 22.04.2008 година, ја донел оспорената одлука, со која извршил измени на Одлуката за одржување на Пролетен и есенски панаѓур во град Кавадарци бр. 01-1695 од 17.04.1987 година, така што утврдил дека во град Кавадарци, наместо пролетен и летен панаѓур, ќе се организира само есенски панаѓур, кој ќе се одржува три дена секоја година во месец октомври, на кој ќе можат да се излагаат сите видови на производи и услуги, при што локацијата на одржувањето на овој панаѓур ќе ја одредува Секторот за комунално уредување, урбанизам, сообраќај и заштита на животната средина.
Според подносителот на иницијативата, наведеното барање на трговците претставувало граѓанска иницијатива за која требало да се расправа согласно член 26 од Законот за локалната самоуправа, што во конкретниот случај не било сторено (немало овластен предлагач, туку само нејасен список на регистрирани дуќани, не била запазена постапката за испитување на уредноста на иницијативата, не била обезбедена поддршка со потписи на 10% од граѓаните запишани во изводот од избирачкиот список на Општината, Одлуката била донесена набрзина, без образложение, без да се имаат предвид интересите на излагачите и воопшто граѓаните на Општина Кавадарци).
Според наводите во одговорот на иницијативата, доставени од страна на претседателот на Советот на Општина Кавадарци (акт бр. 1842/2 од 24.06.2008 година), не се работело за граѓанска иницијатива, туку само за барање од дуќанџии (граѓани), кое било користено само како аргумент повеќе во дискусиите на Советот за да се убедат советниците во оправданоста на донесувањето на оспорената одлука, особено што на расправата биле искажани и спротивставени ставови и биле приложени и други барања на граѓани кои имале проблеми заради несоодветната организација на градскиот панаѓур поради неспремноста на општината да го организира панаѓурот.
Во однос на покренатото спорно прашање за тоа дали Одлуката била донесена врз основа на граѓанска иницијатива или тоа не било случај, Судот оцени дека првенствено треба да се има предвид дека за барањето на дуќанџиите, Советот на Општина Кавадарци расправал на седницата одржана на ден 22.04.2008 година и ја донел оспорената одлука. Тоа значи дека поднесокот на граѓаните бил разгледан кога е донесувана оспорената одлука, што е во функција на реализација на уставно гарантираното право на граѓаните непосредно и преку избраните претставници, да учествуваат и одлучуваат по прашања од локално значење.
Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека оспорената одлука е донесена во рамките на надлежностите на Советот на Општина Кавадарци, утврдени со закон, поради што со донесувањето на истата не се повредени член 51 од Уставот и член 26 од Законот за локалната самоуправа.
Во однос на наводите во иницијативата дека при донесувањето на оспорената одлука не биле испочитувани одредбите од Статутот на Општината кои се однесувале на уредувањето на постапката во случај на поднесена граѓанска иницијатива за определено прашање, Судот оцени дека станува збор за барање на оцена на согласноста на оспорената одлука со одредби од Статутот на општината, односно за оцена на меѓусебната согласност на прописи – подзаконски акти кои се донесени од советот на општината и кои имаат иста правна сила, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.116/2008
10 септември 2008 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски