У.бр.100/2008

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 10 септември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Блаже Ангеловски од Делчево, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забрана на дискриминација, повредени со пресуда П.бр. 132/07 донесена од Основниот суд Делчево.

2. Блаже Ангеловски од Делчево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забрана на дискриминација и владеење на правото, повредени со пресуда П.бр. 132/07 донесена од Основниот суд Делчево.

Според наводите во барањето, судијата Душко Симов од Основниот суд Делчево, спротивно на темелните вредности на Уставот и владеењето на правото, не почитувајќи ја правосилната пресуда потврдена и во втор степен која станала извршна на 29.01.2007 година, го отфрлил како неосновано тужбеното барање П.бр. 132/07 поднесено врз основа на правосилната пресуда и врз основа на член 102 став 2 од Законот за работните односи, со што пресудил дискриминаторски спротивно на член 102 ставовите 2 и 4 од Законот за работните односи и спротивно на член 407 став 1 од Законот за парничната постапка.

Судскиот совет на Република Македонија тврдел дека не може да се меша во одлуката на судијата кој бил слободен во одлучувањето. Дискриминаторската пресуда ја потврдил и Апелациониот суд во Штип, без расправа, со едноставно препишување на образложението на првостепената пресуда, без почитување на фактите доставени со тужбата и со поднесоците доставени до Судот.

Понатаму, во барањето се наведува дека владеењето на правото, како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија подразбирало еднаквост на граѓаните пред законот, а со Уставот на граѓаните им се гарантирала судска заштита за законито работење на сите државни институции, како и на судовите. Слободата и слободното одлучување во современото општество било ограничено со правни норми, кои се неограничени се додека не ги прекршуваат воспоставените правни норми, т.е. додека се во рамките на законитото однесување и одлучување. Правото на слободно одлучување во донесувањето судски одлуки од страна на судиите, не подразбирало потполна слобода на одлучување, туку напротив, одлуката требало да биде во зависност од пропишаните и прифатени норми на однесување, а тоа подразбирало почитување на законот и законитост на одлуките или уставно кажано, владеење на правото без дискриминација. Една од најексплоатираните категории во правото била вистината и кога една постапка била завршена и настапила правосилност, повеќе никој не можел да се сомнева во таа правна вистина.

Поради наведеното, подносителот на барањето, како невработен инвалид со 40% телесно оштетување, незаконито отпуштен од работа од страна на Приватна фирма за вработување на инвалиди „Алпин -Ком“ Делчево, бара заштита на правата и слободите на човекот и заштита од дискриминација на Основниот суд во Делчево во однос на неговата социјална припадност, поради неправилна примена на материјалното право, поради што бара Уставниот суд да донесе одлука за да се отстрани дискриминаторското однесување на судот изразено со пресудата П.бр. 132/07 и да се почитува законот.

3. Судот на седницата утврди дека подносителот на барањето за заштита на слободите и правата, Блаже Ангеловски, до Основниот суд Делчево поднел тужба за исплата на плата за периодот 01.06.2006 година до 31.12.2006 година, повикувајќи се на правосилна судска пресуда П. бр. 392/06 на Основниот суд Делчево и Гж. бр. 1732/06 на Апелациониот суд Штип.

Основниот суд Делчево, со пресуда П.бр 132/2007 донесена на 08.10.2007 година, го одбил тужбеното барање на тужителот во целост, како неосновано.

Со пресуда на Апелациониот суд во Штип, РОЖ.бр.17/2008, донесена на 14.02.2008 година, жалбата на подносителот е одбиена како неоснована и Пресудата на Основниот суд Делчево, П.бр 132/2007, е потврдена.

4. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Со оглед на наведеното, Уставниот суд нема надлежност да одлучува за примената на законите и другите прописи од страна на надлежните органи, ниту има надлежност на инстанционо повисок суд да ја оценува законитоста на постапките и одлуките на судовите и другите органи по конкретни предмети на граѓаните.

Според членот 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од фактот дека во доставеното барање за заштита на слободата и правото за забрана на дискриминација и владеење на правото, поднесено од подносителот Блаже Ангеловски, во истото нема наводи за тоа дека со донесувањето на оспорената пресуда П.бр. 132/07, Основниот суд Делчево извршил дискриминација на подносителот на барањето по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност. Податокот изнесен во барањето за тоа дека подносителот на барањето бил невработен инвалид со 40% телесно оштетување, сам по себе не е доволен аргумент за тоа дека судот извршил дискриминација на подносителот по основ на соци-јална припадност. Напротив, од наводите во барањето произлегува дека истите практично претставуваат барање за тоа Уставниот суд да се постави во позиција на инстанционо надреден арбитер и да се впушти во оцена на законитоста на работата на судот кој постапувал во овој предмет, за што Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.100/2008
10 септември 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски