Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 10 септември 2008 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член член 4 став 1 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/2005).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Панче Докузов, адвокат од Штип, со Решение У.бр. 102/2008 од 18 јуни 2008 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека согласно член 4 став 1, органите од членот 1 на овој закон, кога постапуваат во управни работи, решаваат врз основа и во рамките на закон, меѓународните договори и други прописи на државните органи и на правните и други лица во вршењето на јавни овластувања. Според ставот 2 на истиот член од Законот, во управните работи во кои органот кој со закон или со пропис заснован на закон е овластен да решава по слободна оцена, решението мора да биде донесено во рамките на овластувањата утврдени со закон и во согласност со целта за која е дадено овластувањето. Во ставот 3 на овој член од Законот е определено дека одредбите на овој закон важат и за случаите во кои органот е овластен во управните работи да решава по слободна оцена.
5. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот на Република Македонија основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Во членот 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Член 118 од Уставот утврдува дека меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.
Согласно член 1 од Законот за општата управна постапка, според овој закон се должни да постапуваат министерствата, другите органи на државната управа, организации утврдени со закон и други државни органи, кога во управните работи, непосредно применувајќи ги прописите решаваат за правата, обврските или правните интереси на физички лица, правни лица или на други странки (во натамошниот текст: странки). Во ставот 2 на овој член од Законот е определено дека според овој закон се должни да постапуваат и правни и други лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања кога решаваат за работите од ставот 1 на овој член. Ставот 3 на истиот член од Законот предвидува дека според овој закон се должни да постапуваат органите на општината, на градот Скопје и на општините во градот Скопје, кога во вршењето на надлежностите решаваат во управни работи за права, обврски или правни интереси на странките во согласност со закон.
Во првиот дел од Законот под наслов Општи одредби, дадени се основните начела на кои се темели законот (начело на законитост, начело на заштита на правата на странките и јавниот интерес, начелото на супсидијарна примена на законот, начело на еднаковст, непристрасност и објективност, начело на материјална вистина, начело на ефикасност и др.).
Од наведените одредби од Уставот произлегува дека Уставот како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија го утврдил владеењето на правото, преку кое се обезбедува примена на правните норми на конкретни случаи и претставува механизам кој го исклучува самоволието и арбитрерноста на носителите на власта, односно се обезбедува супремација на правото преку почитување на начелото на уставност и законитост, како и слободите и правата на човекот и граѓанинот.
Начелото на уставност и начелото на законитост се недделиво поврзани и произлегуваат од положбата на Уставот како највисок правен акт во хиерархијата на правните акти. Ваквата положба на Уставот во однос на другите правни акти произлегува директно од Уставот, поточно од членот 51 која е клучната уставна одредба во утврдувањето на уставноста како правен принцип и тоа како принцип на супремација и приоритет на Уставот. Од овие уставни одредби произлегува и хиерархијата на правните акти, во смисла што сите закони мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи мораат да бидат во согласност со Уставот и со законот.
Од членот 96 од Уставот произлегува и обврската на органите на државната управа при вршењето на работите од својата надлежност да ги почитувааат начелата на уставност и законитост.
Начелото на законитост, утврдено во оспорената одредба од членот 4 став 1 од Законот за општата управна постапка е едно од основните начела на управната постапка и неговата задолжителност се изразува во општа обврска на сите и на секого, во донесувањето на управните акти како и во преземањето на материјални дејствија да се придржуваат на законите и прописите засновани на закон.
Меѓутоа, со ненаведувањето и на Уставот, како основ за постапување на органите на управата во управната постапка според Судот, директно е повреден членот 96 од Уставот, кој го утврдува Уставот како основа и рамка за вршење на надлежностите на органите на државната управа. Со ваквиот пропуст на законодавецот всушност се стеснува уставната основа за постапување на органите на управата.
Од друга страна пак, со предвидувањето во оспорената одредба дека органите кога постапуваат во управните работи решаваат врз основа и во рамките на меѓународните договори, без при тоа да се наведе дека станува збор за меѓународни договори ратификувани во согласност со Уставот, се дава поширок основ за примената на меѓународните договори како извор на правото, од оној утврден во членот 118 од Уставот.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека членот 4 став 1 од Законот за општата управна постапка не е во согласност со наведените одредби од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр. 102/2008
10 септември 2008
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски