50/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 септември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 11 став 3, член 13 став 2 и член 18 став 2 од Законот за политичките партии („Службен весник на Република Македонија“ бр.76/2004, 5/2007, 8/2007 и 5/2008).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за преиспитување на Одлуката У.бр.23/2007, донесена од Уставниот суд на Република Македонија на 2 мај 2007 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2007).

3. Стамен Филипов од Скопје, Сашко Панчев од Радовиш, Александар Колевски од Делчево, Адела Зењиловска од Скопје, Надица Андова од Кавадарци, Владимир Голубовски претседател на Внатрешна македонска револуционерна организација – Демократска партија (ВМРО-ДП) и Ванчо Шехтански претседател на Трајно македонско радикално обединување (ТМРО) од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите 11 став 3, 13 став 1 и 18 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение, како и за преиспитување на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.23/2007 донесена на 2 мај 2007 година.

Според наводите на подносителот на иницијативата Стамен Филипов оспорените членови од Законот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 5, член 20 ставовите 1 и 2, член 51 став 2 и член 112 став 3 од Уставот. Ова затоа што ако се имало предвид дека членството во политичката партија е податок од личен карактер и неговата тајност е во зависност од волјата на личноста, со оспорените одредби политичката припадност веќе немало да биде тајна, па можело да се претпостави што би значело за еден државен службеник, бизнисмен или млад човек кој очекува вработување јавно да се декларира за опозициона партија. Оттука, според подносителот со оспорените одредби слободното здружување на граѓаните во политички партии е нарушено заради јавноста на евидентирањето на членството кај нотар што логично ќе предизвикало страв и несигурност кај граѓаните од реваншизам од актуелната власт, финансиската нееднаквост при слободното политичко изразување што значи трајна нееднаквост.

Понатаму, подносителот смета дека Собранието на Република Македонија како носител на законодавната власт со сега оспорените законски одредби повторно ги вовело одредбите од член 1 став 3 и член 2 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии („Службен весник на Република Македонија„ бр.5/2007) кои Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.23/2007 од 2 мај 2007 ги укинал со што се повредувал член 8 став 1 алинеи 3 и 5, член 9, член 18, член 20 ставовите 1 и 2, член 25, член 51 и член 112 став 3 од Уставот на Република Македонија.

Воедно, подносителот на иницијативата му предлага на Уставниот суд на Република Македонија до конечно одлучување по иницијативата да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се донесени, односно преземени врз основа на оспорените одредби.

Иницијативата потпишана од Сашко Панчев, Александар Колевски, Адела Зењиловска и Надица Андова е со идентичен текст како и иницијативата на Стамен Филипов со исклучок на еден дел, а тоа е дека тие како студенти и невработени граѓани на Македонија никако не би можеле нивната политичка определба статусно да ја регулираат од причина што истата е условена со материјални средства кои ги немале, а дури и да ги имале со оглед на тоа што биле од мали места, јавното декларирање само би им штетело на нивното евентуално вработување.

Според наводите на подносителот на иницијативата Ванчо Шехтански со измените и дополнувањето на Законот за политичките партии, законодавецот грубо го повредил Уставот во делот на слободите и правата на граѓаните утврдени во член 9, член 18 став 1 и 2 и член 20 ставовите 1 и 2. Ова затоа што направените измени на Законот биле крајно контрадикторни, нејасни и неуставни за политичките субјекти и за граѓаните. Имено, иако со Одлуката на Уставниот суд од 2 мај 2005 година бил укинат член 1 став 3, член 2 став 2 и член 13 став 3 од Законот за политичките партии на само два дена пред истекот на рокот за собирање на 1000 потписи, нерамноправно се третирале политичките субјекти кои имале рок од 45 дена за собирање на потписи, а истиот бил запрен на 43-тиот ден со Одлуката на Уставниот суд, па така им било оневозможено да ја продолжат постапката до последниот ден. Со измените и дополнувањето на Законот од 15 јануари 2008 година политичките субјекти, а со тоа и граѓаните се ставале во нерамноправна положба, па оние на кои им било ускратено правото на собирање на потписи за 45 дена, сега тоа ќе требало да го прават кај нотар со паричен надомест, или поточно речено примената на оспорената одредба од член 11 став 3 од Законот значело дека за една партија рокот од 45 дена нема да важи, за други ќе биде 43 дена, а за оние кои за 43 дена не собрале потписи и ако важи ист закон ќе морало да се изложат на финансиски трошоци од 200.000 на кој начин се доведувал во прашање член 9 од Уставот.

Со самиот факт што една политичка партија е позиција, а друга позиција, граѓаните заради страв од јавно легитимирање пред службено лице би предизвикало чувство на подреденост и репресија врз нивниот понатамошен статус во општеството како и реперкусии врз нивните најблиски, очекувано и реално ќе имале страв од јавното политичко декларирање.

Со предвидените одредби за јавно изразување на политичка припадност, директно се повредувал член 18 став 1 и 2 и член 20 ставовите 1 и 2 од Уставот затоа што членувањето во политички партии и евидентирањето на личноста го губело карактерот на тајност.

Според наводите на подносителот на иницијативата Владимир Голубовски Законот за изменување и дополнување на Законот за политички партии („Службен весник на Република Македонија„ бр.5/2008) бил спротивен на Уставот на Република Македонија, затоа што одредбите со кои се врши изменување на Законот за политички партии ги доведувал во нееднаква положба политичките партии односно граѓаните кои се членови на партии. Ова од тоа што Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.23/2007 ги укинал одредбите од Законот а не ги поништил, на кој начин се создавала ситуација практично пред ист закон политичките партии и граѓаните да бидат доведени во нееднаква положба, затоа што партиите кои припаѓаат на актуелната владеачка коалиција и оние кои припаѓаат на блокот опозиција кои како коалиција ја претставувале претходната власт се пререгистрирале според укинати одредби бесплатно со поединечно дадени потписи пред службено лице на Министерството за правда, а останатите сега со Законот се обврзани тоа да прават пред нотар со паричен надоместок од 200.000 денари.

Со оглед на тоа, според подносителот се наметнувала потреба од преиспитување на уставноста на член 12 став 3 од преодните и завршни одредби од Законот за политички партии („Службен весник на Република Македонија„ бр.5/2007) кој директно ја генерирал нееднаквата положба на сите политички партии. Поништувањето на оваа одредба сама по себе ќе ја исправел нелогичната ситуација и ќе се овозможело сите претходно регистрирани партии да бидат пререгистрирани без оглед на имотната положба. Доколку оваа одредба не биде поништена ќе останел факт дека законодавецот не водел сметка за начелото на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот.

Понатаму подносителот наведува дека со одредбите од Законот според кои се предвидува поединечна заверка на изјавите за основање на политичка партија пред нотар според кои во суштина јавно се изразува политичката припадност се повредувал член 18 ставовите 1 и 2 и член 20 ставовит е 1 и 2 од Уставот.

Воедно, подносителот како спорно го поставува прашањето зошто кога веќе сеедно заверените изјави ќе бидат депонирани повторно во судот како и според претходниот закон која била смислата на законодавецот од предвиденото рестриктивно решение, освен ако не било во прашање редуцирање на политичката карта во Републиката.

4. Судот на седницата утврди дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии („Службен весник на Република Македонија„ бр.5/2008) во членот 11 по став 2 се додава нов став 3 кој гласи:

„Политичката партија е должна пред истекот на секои четири години од денот на регистрацијата да достави до основниот суд од член 17 став 2 на овој закон поединечно дадени потписи заверени пред нотар со број на потписи потребни за основање на политичката партија„ (оспорен член).

Во оспорениот член 13 став 2 од Законот е предвидено дека „потписите за основање на политичката партија се даваат со изјава пред нотар„.

Во оспорениот член 18 став 2 алинејата 3 се менува и гласи „изјава за основање„.

5. Според член 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.

Според ставот 2, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Согласно член 18 став 1 од Уставот, се гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци.

Имајќи ја предвид концепцијата на Уставот која за своја основа го има човекот и граѓанинот и гарантирањето на неговите слободи и права, утврдената група на политички слободи и права паралелно со нивната посебна гаранција, на најопшт начин се изразува преку гарантирањето на слободата на граѓаните на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права односно преку гарантирањето на правото тие слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии да пристапуваат кон нив и да истапуваат.

Слободата на политичко здружување како основно право се остварува непосредно врз основа на Уставот, при што без сомнение во рамките на општото уставно овластување на Собранието да донесува закони е содржано овластувањето со закон да ги уреди прашањата кои се релевантни за остварување на оваа слобода.

Во оваа смисла Законот за политичките партии не се впушта во уредувањето на суштината на остварувањето на оваа слобода ниту во содржината на нејзиното ограничување, туку ги утврдува критериумите кои се однесуваат на основање, регистрирање и начинот и условите за престанок на политичките партии.

Имајќи го предвид наведеното Судот оцени дека законската обврска основачот својата изјава за основање на политичка партија да ја завери кај нотар нема за цел ограничување на остварување на слободата на политичко здружување и дејствување, туку проверка на веродостојност на податоците на лицето кое дава изјава за основање на политичка партија пред независна јавна служба која работи врз основа на закон по барање на граѓаните, државните органи правните лица и други заинтересирани институции.

Со оглед на наведеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со член 20 од Уставот.

Судот исто така оцени дека не се основани наводите од иницијативата дека со оспорените одредби со кои е утврдена обврската основачот да ја завери својата изјава пред нотар се повредувало начелото на заштита на тајноста на податоците.

Ова оттаму што Законот за политичките партии воопшто не го уредува прашањето на тајноста на податоците поврзано со членувањето во политичката партија, ниту со прашањето за нивното објавување, чување и заштита, затоа што ова прашање е уредено со Законот за заштита на личните податоци. Предмет на уредување на Законот за политичките партии е начинот, условите и постапката за основање, регистрирање и престанок на политичката партија при што еден од елементита на постапка е доставување на бројот на основачите пред судот за регистрација кои своите потписи ги доставуваат пред нотар при што овие податоци не можат да се користат за други цели. Ова особено ако се имал предвид фактот што согласно Законот за заштита на личните податоци (член 2 и член 8) обработката на посебните категории на лични податоци, меѓу кои е и податокот со кој се открива политичкото уверување е забрането, освен во точно утврдени случаи.

Според тоа не треба да се создава основ за сомневање кај граѓаните дека нивните лични податоци ќе бидат искористени за цели надвор од постапката за регистрација на политичка партија.

6. Наводите од иницијативата дека Уставниот суд треба да ја преиспита својата Одлука У.бр.23/2007 со која го укинал член 12 став 3 од Законот за политичкките партии и овој член требало да го поништи, Судот оцени дека се неосновани. Ова од таму што, наведената одредба со одлука на Судот престанала да важи со денот на објавувањето во Службен весник на Република Македонија, а Уставниот суд нема надлежност за враќање во правниот поредок на закони, одредби од закони или други прописи кои подлежат на уставно-судска оценка што ги укинал или поништил.

Имено, имајќи ја предвид уставната одредба од член 112 од Уставот на Република Македонија како и одредбата од член 28 од Деловникот на Уставниот суд, а кои се однесуваат на видот на одлуките на Уставниот суд и неговата надлежност, Судот оцени дека не постојат уставни основи за преиспитување на укината одредба.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.50/2008
10 септември 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски