113/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 септември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 35 став 3 од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија бр.59/2000, 112/2000, 31/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 69/2004, 81/2005, 61/2006 и 36/2007).

2. Зоран Билбилоски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 35 став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, со оспорената одредба од Законот за државните службеници се предвидувало само дел од платата на државните службеници да биде основица за зголемување на платата по основ на минат труд, со што вработените во државните органи биле ставени во нееднаква положба во однос на вработените во стопанството и нестопанството на Република Македонија на кои по Законот за работните односи, Законот за платите на избраните и именуваните функционери, Законот за пратениците, Законот за платите на судиите, било уредено минатиот труд односно работното искуство да се вреднува со додаток на платата од 0,5% за секоја започната година на работен стаж, а најмногу до 20%, што значело дека се пресметувал процент на нето заработувачката односно основната плата како неделива категорија.

Со оспорената одредба од Законот за државните службеници се предвидувало работното искуство да се вреднува во износ од 0,5% само од делот на основната плата кој се однесувал на степенот на образование за соодветната група, за секоја започната година работен стаж, а најмногу до 20%.

Ваквата разлика претставувала нееднаков пристап на законодавецот кон правата на вработените кои произлегувале од работен однос особено во јавниот сектор, ова особено кога државата како работодавец обезбедувала со Буџетот на Република Македонија средства за исплата на плати и други надоместоци за сите категории вработени во јавниот сектор, но уредувала нееднаков статус во правата за третирање на минатиот труд.

Од овие причини според наводите во иницијативата оспорената одредба од Законот не била во согласност со повеќе одредби од Уставот на Република Македонија, и тоа член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 32 и член 51.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 35 став 3 од Законот за државните службеници, работното искуство на државниот службеник се вреднува во износ од 0,5% од делот на основната плата со која се вреднува степенот на образованието за соодветната група, за секоја започната година работен стаж, а најмногу до 20%.

4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијаттивата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со Решение У.бр.121/2004 од 15 декември 2004 година Уставниот суд на Република Македонија не повел постапка за оценување на уставноста на членот 35 став 3 од Законот за државните службеници која беше оспорена со иницијатива од истите причини како и во овој предмет пред Судот, при што Судот меѓу другото оценил дека во однос на исплатата на платите и другите надоместоци постоела разлика меѓу државните службеници и другите вработени во стопанството и нестопанските дејности со оглед на тоа што исплатата на државните службеници се вршела од Буџетот на Република Македонија кој ги определувал буџетските рамки и општата политика на јавната потрошувачка, наспроти исплатата на платите на вработените во стопанството и другите дејности што се вршела од други извори на средства.

Со оглед на тоа, Судот оцени дека врз основа на изнесените уставни и деловнички одредби за оспорената одредба од Законот се настапени услови за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.113/2008
10 септември 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски