Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 јули 2008 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 5 став 2 во делот: „во сопственост на правното лице“ од Законот за обезбедување на лица и имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/1999 и 66/2007).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена инициијатива на Комората за обезбедување на имоти и лица и детективски услуги Детектив – Скопје, со Решение У.бр.269/2007 од 9 април 2008 година, поведе постапка за оценување на уставноста на член 5 став 2 во делот: „во сопственост на правното лице” од Законот означен во точката 1 од ова решение. Иницијативата со писмен поднесок ја подржуваат и Агенциите за обезбедување на имоти и лица: “Феникс-ЏМ”, ДОО “Струмица”, “Сигурност Енџил”-Скопје, “ВИП” ДООЕЛ Струга, “КГБ Секјурити” ДООЕЛ Кавадарци, “Статус” ДОО-Скопје, “ТИМ” ДОО Скопје и “ИБИСА” Обезбедување Скопје.
4. Судот на седницата утврди дека во членот 5 став 1 од Законот за обезбедување на лица и имот е предвидено дека правното лице кое дејноста на обезбедување на лица и имот ја врши во вид на давање на услуги се стекнува со право за вршење на дејноста со упис во трговскиот регистар.
Според став 2 на овој член, за уписот од став 1 на овој член покрај условите предвидени со прописите за упис во трговскиот регистар, потребно е правното лице да има најмалку десет лица кои имаат лиценца за работа, дозвола за работа од Министерството за внатрешни работи, како и две деловни простории и две превозни средства во сопственост на правното лице” .
5. Во член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7 од Уставот на Република Македонија како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото.
Со членот 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а според став 2 на истиот член Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот Собранието на Република Македонија донесува закони.
Од изнесеното произлегува дека гарантираната слобода на пазарот и претприемништвото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката, која отвара широки можности за заживување на стопанството и приватната иницијатива во сите области на стопанскиот систем. Меѓутоа, слободата на пазарот и претприемништвото не може да се сфати како работа само на субјекти на пазарот бидејќи и државата како гарант на оваа слобода има значајна улога како регулатор на економските текови во стопанството.
Принципот на еднаквост на пазарните субјекти претпоставува еднаква правна положба на субјектите во вршењето на својата дејност. Имено, еднаквоста мора да постои меѓу оние субјекти кои вршат идентична или комплементарна дејност. Во овој контекст државата е должна да презема определени мерки со цел да се спречи монополска положба и монополското однесување на пазарот, заштитувајќи ги на тој начин правилата на пазарот, конкуренцијата од една страна и обезбедување еднакви можности за сите субјекти да вршат определена дејност од друга страна.
Имајќи ги предвид наведените уставни одредби наспрема оспорениот дел на член 5 став 2 од Законот според кој правните лица за вршење на дејност обезбедување на имот и лица мора во сопственост да имаат две деловни простории и две превозни средства, Судот оцени дека државата во сферата на економските односи кои се сведуваат на поттикнување на економски напредок на земјата и тоа преку гарантирање на слободата на пазарот и претприемништвото, како и преземање на мерки против монополската положба и однесувањето на правните субјекти, не може со закон да пропишува услови кои во суштина значат ограничување на дејноста обезбедување на лица и имот да можат да ја вршат правните субјекти кои се условуваат да имаат во сопственост две простории и две возила.
Имено, според мислењето на Судот во конкретниов случај предвидените услови за вршење на наведената дејност значат создавање на нормативна основа за нееднаква правна положба на субјектите на пазарот во вршењето на една дејност, што не е во согласност со Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.269/2007
9 јули 2008 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски