Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 јули и 24 септември 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на
а) Одлуката за донесување Детален урбанистички план за локалитетот Јане Сандански УЕ Б, број 07-7800/2 од 27 ноември 2007 година, донесена од Советот на општина Аеродром („Службен гласник на општина Аеродром“ бр.33/2007), и
б) Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за локалитетот Ново Лисиче УЕ А, бр. 07-7800/4 од 27 ноември 2007 година, донесена од Советот на општина Аеродром („Службен гласник на општина Аеродром“ бр. 33/2007).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за поведување постапка за оценување на законитоста на оспорените одлуки по однос на членот 17 став 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република македонија„ бр.51/2005 и 137/2007).
3. Иницијативен одбор за спас на Ново Лисиче, преку неговиот претседател Аспарух Ралески – Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуките означени во точка 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, при донесување на оспорените одлуки не биле известени граѓаните за терминот на одржување на седницата согласно законот, со што им била ускратена можноста да ја следат регуларноста при донесување на одлуките особено во делот на забелешките и доставените анкетни листови. Исто така, жителите не биле писмено известени по однос на поднесените анкетни листови со што бил повреден членот 24 точка 8 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Во иницијативата, исто така, се наведува дека актите за давање согласност на оспорените одлуки не биле донесени, односно доставени правовремено и поради тоа одлуките всушност биле донесени без потребната согласност.
Подносителот на иницијативата, исто така смета дека со донесување на оспорените одлуки, доносителот на актот го повредил и член 17 став 5 од истиот закон кој регулирал обезбедување на стручност и јавност во процесот на просторно и урбанистичко уредување, бидејќи Партиципативното тело било целосно исклучено од постапката.
4. Судот на седницата утврди дека според член 1 од оспорената Одлука за донесување на Детален урбанистички план за локалитетот Јане Сандански УЕ Б, со оваа одлука се донесува Предлог на деталниот урбанистички план за локалитет Јане Сандански Урбана единица Б, Скопје.
Одлуката за донесување Предлог на деталниот урбанистички план за локалитет Јане Сандански Урбана единица Б Скопје ги почитува определбите на Генералниот урбанистички план на град Скопје („Службен гласник на град Скопје“ бр.8/2002), Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005), Правилникот за поблиска содржина, размер и начин на графичка обработка на урбанистичките планови и Правилник за стандарди и норматтиви за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.78/2006).
Според член 2 од Одлуката просторот за кој се донесува Предлог на деталниот урбанистички план за локалитет Јане Сандански Урбана единица Б, Скопје е со поввршина од 18.19 ха и е во рамките на следните граници:
– Североисток: Булевар АСНОМ,
– Југоисток: Булевар Србија,
– Југозапад: Ул. „Јане Сандански“,
– Северозапад: постојна улица АВНОЈ.
Биланс на показатели:
Намена на површини
Намена на објекти површина (м2)
– семејно домување во станбени згради 39434,15
– образование и наука
(групно домување дом за ученици) 13560,74
– деловни дејности (бензинска станица) 2574.02
– комунални дејности – трафостаници 924,49
– зеленило и рекреација 56849,21
– сообраќајни површини 68558,68
Вкупен плански опфат 18.19
Број на блокови 1
Вкупна површина на блокови 18.19 ха
Максимална површина на парцели 113341,32,00 м2
Вкупна површина предвидена за градба 21345,97 м2
Развиена површина 136778,83 м2
Процент на изграденост 18,83 %
Коефициент на искористување 1,21
Височина до венец од П до П+16 ката
Планирани паркинг места 1484
Во член 3 од Одлуката се содржани Текстуален дел и Документациона основа.
Во член 4 од Одлуката е предвидено дека Деталниот урбанистички план се заверува со печат на Советот на општина Аеродром и потпис на претседавачот на Советот на општина Аеродром.
Согласно член 5 од Одлуката, Советот на општината е должен во рок од 30 дена од донесувањето на планот да обезбеди картирање на платно на хамер или на астралон.
Согласно член 6 од оспорената одлука донесениот Детален урбанистички план се заверува во седум примероци од кои: еден се чува во архива на донесувачот на планот, а еден кај органот што го спроведува – секторот за комунални работи, урбанизам и заштита на животната средина.
Според член 7 од оспорената одлука, оваа одлука влегува во сила од денот на објавувањето во Службен гласник на општина Аеродром.
5. Со Одлуката за донесување на Детален урганистички план за локалитетот ново Лисиче УЕ А, во член 1 е предвидено дека со оваа одлука се донесува Предлог на деталниот урбанистички план за локалитетот Ново Лисиче Урбана единица А, Скопје. Одлуката за донесување Предлог на деталниот урбанистички план за локалитет Ново Лисиче Урбана единица А Скопје ги почитува определбите на Генералниот урбанистички план на град Скопје („Службен гласник на град Скопје“ бр.8/2002), Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005), Правилникот за поблиска содржина, размер и начин на гграфичка обработка на урбанистичките планови и Правилник за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.78/2006).
Според член 2 од Одлуката просторот за кој се донесува Предлог на деталниот урбанистички план за локалитет Ново Лисиче Урбана единица А, Скопје е со површина од 27,49 ха и е во рамките на следните граници:
– североисток: Булевар АСНОМ
– југозапад: Булевар Видое Смилевски – Бато,
– северозапад: Булевар Србија,
– југоисток: крак од Булевар Видое Смилевски – Бато.
Биланс на показатели:
Намена на површини
Намена на објекти површина (ха) проценти
(%)
– семејно домување во станбени згради 7,50 27.28
– образование и наука 1,43 5,20
– големи трговски единици и деловни
простори 0,46 1,67
– мали комерцијални и деловни единици 0,27 1,00
– бензиска пумпа 0,31 1,13
– државни институции 0,34 1,24
– сообраќајници 3,10 11,27
– тротоар 0,67 2,44
– пешачки улици 2,56 9,31
– велосипедски патеки 0,37 1,35
– паркинзи 1,88 6,84
– заштитно зеленило 1,86 6,77
– парковско зеленило 6,49 23,59
– спорт и рекреација 0,11 0,41
– трафостаници 0,06 0,22
– велзна рампа во подземни паркинзи 0,07 0,28
Вкупен плански опфат 27,49 100,0
Број на блокови 2
Вкупна површина на блокови 27,49 ха
Максимална поврѓина на парцели 103454,90 м2
Вкупна површина предвидена за градба 43702,20 м2
Вкупна ббруто развиена поввршина 218556.70 м2
Процент на изгграденост 42,20%
Коефициент на искористување 2,61
Височина до венец од П до П+12 ката
Планирани паркинг места 2875
Според член 3 се предвидува Текстуален дел (Документациона основа, Планска документација и Графички дел).
Графичките прилози, текстуалниот дел и параметрите за спроведување на планот се составен дел на планот, направен според Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005).
Во членот 4 од Одлуката се предвидува дека Деталниот урбанистички план се заверува со печат на Советот на општина Аеродром и потпис на претседавачот на Советот на општина Аеродром.
Според член 5 од Одлуката, Советот на општината е должен во рок од 30 дена од донесувањето на планот да обезбеди картирање на планот на хамер или на астралон.
Во членот 6 од Одлуката е предвидено дека донесениот Детален урбанистички план се заверува во седум примероци од кои: еден се чува во архива на донесувачот на планот, а еден кај органот што го спроведува – секторот за комунални работи, урбанизам и заштита на животната средина.
Според член 7 од оспорената одлуката, таа влегува во сила од денот на објавувањето во Службен гласник на општина Аеродром.
6. Во текот на претходната постапка, Судот ја утврди следната фактичка состојба:
Во однос на донесување на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за локалитетот „Јане Сандански“, УЕ „Б“ број 07-7800/2 од 27 ноември 2007 година и Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за локалитетот „Ново Лисиче“ УЕ „А“ број 07-7800/4 од 27 ноември 2007 година, доносителот на актите донел Решение за свикување на седумдесет и прва седница на Советот на општина Аеродром за 26 ноември 2007 година број 07-136/1 од 19 ноември 2007 година и по кој е одржана седницата за што е приложен и записник број 07-136/36 од 6 декември 2007 година на која седница Предлог-Одлуките за двата детални урбанистички планови биле усвоени.
Од одржаниот состанок на Партиципативното тело од областа на урбанизмот при Советот на општина Аеродром на 12 септември 2007 година, приложен е записник број 07-94/2 од 17 септември 2007 година.
Градоначалникот на општина Аеродром, донел решенија за организирање на јавната презентација и јавна анкета за двата оспорени детални урбанистички планови под број 08-3364/1 од 22 мај 2007 и 08-3365/1 од 22 мај 2007 година.
Општината Аеродром достави и извештаи од спроведената јавна презентација и јавна анкета за двата оспорени детални урбанистички планови број 18-5481/1 од 17 август 2007 година и 18-4899/1 од 24 јули 2007 година.
Соопштението за одржување на јавната презентација и јавна анкета е објавено во дневниот весник „Нова Македонија“.
Во документацијата се содржани писмените известувања до секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за неприфаќање за прифаќање на забелешките.
Исто така, од приложената документација прибавена во претходната постапка, Судот утврди дека Министерството за транспорт и врски дало Согласност на Предлогот на Деталниот урбанистички план за локалитет „Јане Сандански“ УЕ Б, број 16-10387 од 27 јули 2007 година и Согласност за Предлог на Деталниот урбанистички план за локалитет „Ново Лисиче“ УЕ А број 16-10802 од 28 септември 2007 година.
7. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, уредувањето и хуманизацијата на просторот
и земјиштето и унапредувањето на животната средина и на природата се утврдени како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, нивното спроведување и следење на реализација на плановите, надзорот и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија„ бр.51/2005).
Со член 7 од овој закон се утврдени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање и тоа просторни планови во кои спаѓа просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат гнерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план надвор од населено место.
Со член 17 став 5 од Законот се утврдува дека за обезбедување на стручност и јавност во процесот на просторното и урбанистичкото планирање советот на општината и Советот на градот Скопје, формира партиципативно тело кое ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица, ги следи состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготвување на плански решенија за соодветната општина и градот Скопје. Партиципативното тело се состои од претставници од советот, стручно лице од општинската администрација, истакнати стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, претставници од зруженија на граѓани и граѓани од подрачјето на општините. Бројот на претставниците се утврдува со статутот на општината и Статутот на градот Скопје и не може да биде поголем од десет члена.
Во член 22 став 1 на овој закон се утврдува дека плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.
Според член 24 став 1 на овој закон, по нацртот на деталниоит урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета. Според став 2 на истиот член, организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината по утврдување на нацртот на планот од страна на советот. За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Според ставот 4 на овој член од Законот, јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. јавната анкета трае најмалку 15 работни дека во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови. Во ставот 5 на овој член се предвидува дека јавната пезентација е стручно презентирана на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината.
Согласно член 24 став 6, пак, од овој закон, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината која е составена од три члена и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.
Според член 24 став 7 од Законот, извештајот од ставот 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот.
Согласно член 24 став 8 од истиот Закон, врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го изести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.
Според ставот 9 на членот 24 од Законот, доколку комисијата од ставот 6 на овој член оцени дека нацрот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промена во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацрт на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета. Според ставот 10 на членот 24 од Законот, времето и местото каде што че биде изложен плано и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета задолжително се објавува со соопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот, како и образложенија на планските решенија.
Согласно член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 алинеи 1, 2, 3 и 4 на овој закон, изработени во форма на предлог на план се издава согласност од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, со кој се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Според ставот 2 на овој член од Законот, согласноста од ставот 1 на овој член се издава во рок од 30 работни денови од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот, а доколку не се издаде во определениот рок ќе се смета дека согласноста е издадена. Мислењето од ставот 2 на овој член се издава, исто така, во рок од 30 дена од денот на поднесување на барањето од страна на доносителот на планот. Во став 3 на членот 25 од овој Закон, се предвидува дека по добивањето на согласноста од ставот 1 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.
Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.
Имајќи ја предвид наведената законска регулатива, како и увидот и анализата на доставената документација за донесување на одлуките за донесување на Детален урбанистички план за локалитетот „Јане Сандански„ УЕ Б и за локалитетот „Ново Лисиче„ УЕ А, Судот оцени дека општината Аеродром како надлежен орган за донесување на наведените одлуки, ги спровела сите законски определени дејствија во постапката за донесување на истите. Имено, општината Аеродром, видно од приложената документација, при донесување на оспорените одлуки за донесување на двата урбанистички плана, постапила во смисла на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Најнапред, од приложените докази Судот утврди дека доносителот на актите постапил во смисла на ставот 10 од членот 24 од Законот, односно во списите достави доказ за времето и местото каде што бил изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, и истите се објавени со сооштение во јавните гласила.
Членот 24 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, предвидува дека за спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај. Видно од целокупната документација што во текот на претходната постапка беше прибавена од страна на Судот, се констатира дека при донесување на оспорените одлуки, односно во постапката за нивно донесување, е почитувана наведената законска регулатива, и од страна на стручната комисија формирана од градоначалникот на општината се изработени извештаи од спроведената јавна презентација и јавната анкета кои што содржат образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите кои што биле предмет на разгледување, со што не е повреден членот 24 ставови 3, 4 и 6 од Законот.
Според Судот не е повреден ниту членот 24 став 8 од Законот, од причини што со изработување на извештаите од спроведената јавна презентација и јавна анкета, стручната комисија ја исполнила законската обврска писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање односно неприфаќање на неговите забелешки или предлози. Оттука, според Судот, не може да се доведе под сомнение согласноста на оспорените одлуки со член 24 ставови 3, 4, 6, 8 и 10 од Законот на што се укажува во поднесената иницијатива.
Неосновани се тврдењата во иницијативата дека спорните акти биле донесени во спротивност со член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, од причина што од прибавената документација во текот на претходната постапка, Судот утврди дека на оспорените планови, кои биле во форма на предлог на план била издадена согласност од надлежниот орган.
8. Што се однесува до наводот во иницијативата дека Советот на општина Аеродром, со целосно исклучување на партиципативното тело од постапката, го прекршил членот 17 став 5 од Законот, Судот не е надлежен да го оценува начинот на работењето на партиципативното тело поради што се исполнети условите за отфрлање на тој дел од иницијативата, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд.
9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
10. Ова решение по однос на точката 1 Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и Игор Спировски, а по однос на точката 2 решението е донесено во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.69/2008
9 јули и 24 септември 2008
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски