36/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 9 јули 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 19 став 2 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/2005, 50/2006, 129/2006 и 8/2008).

2. Ѓорѓи Митрев и Манчо Манчев, двајцата адвокати од Кавадарци на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа одделно иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата поднесена од Ѓорѓи Митрев, оспорената одредба била спротивна на член 8 став 1 алинеа 3 од Уставот, односно на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок, како и на член 53 кој се однесува на положбата на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба која обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон. Подносителот понатаму се повикува на одредбите од Законот за облигационите односи и Законот за парничната постапка кои се однесуваат на обемот и содржината на полномошното и укажува на несогласноста на оспорената одредба и со одредбите од овие закони. Според наводите во иницијативата со оспорената одредба се ограничувала слободата на договарањето помеѓу граѓаните и се суспендирала важноста на член 86 од Законот за парничната постапка, а со ваквиот начин на давање важност на адвокатското полномошно се создавала нејаснотија во примената на прописите, поради што предлага оспорениот член од Законот за извршување да се укине.

Според наводите во иницијативата на Манчо Манчев, оспорената одредба била спротивна на член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7, член 30 ставови 1 и 3, член 55 став 1, член 53, и член 58 став 1 од Уставот. Подносителот и на оваа иницијативата понатаму цитира повеќе одредби од Законот за адвокатурата, Законот за извршување, Законот за парничната постапка и Законот за облигационите односи, укажувајќи дека оспорената одредба не била во согласност со овие закони. Во иницијативата се укажува дека оспорената одредба немала основа и поткрепа во Уставот и во цитираните закони, од причини што Уставот не давал основа, по сила на закон, а без постоење на јавен интерес да го ограничува правото на граѓанинот да располага со сопственоста, односно да презема правни работи со кои ќе врши, сам или преку полномошник, располагање или оптоварување на имотот во сопственост во постапките пред извршителот на начин што тој ќе го определи.

Оспорената одредба била во спротивност и со начелото на слободно изразената волја на носителот на правото, односно начелото на диспозиција на странките, согласно кое начело доверителот слободно може да располага со своите права и на тој начин да влијае слободно врз текот на постапката, односно начинот на остварување на своето побарување.

3. Судот на седницата утврди дека според член 19 став 1 од Законот, извршувањето се спроведува и по барање од лице кое во извршната исправа не е означено како доверител, ако тоа со јавна или според закон заверена исправа докаже дека побарувањето е пренесено или на друг начин преминало врз него, а во случај тоа да не е можно преносот на побарувањето се докажува со правосилна одлука донесена во парнична постапка. Согласно оспорениот став 2 на овој член, како јавна или според закон заверена исправа не се смета адвокатско полномошно или полномошно заверено кај нотар со кое се определува побарувањето на доверителот да се исплати на друго лице. Во ставот 3 на овој член е утврдено дека одредбата на ставот 1 од овој член согласно се применува и во однос на извршување против лице кое во извршната исправа не е означено како должник.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а според ставот 3 на овој член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Согласно членот 1 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/2005, 50/2006, 129/2006 и 8/2008), со овој закон се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено. Согласно ставот 2 на овој член, одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено.

Согласно членот 2 од Законот, основа за извршување претставува извршната исправа. Извршувањето започнува по барање од доверителот.

Според член 10 став 1 од Законот, при спроведување на извршувањето сообразно се применуваат одредбите на Законот за парничната постапка, ако со овој или со друг закон поинаку не е определено.

Согласно членот 11 од Законот, одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење: 1) “побарување” е право на наплата на паричен износ или право на некое сторување или несторување или трпење; 2) доверител” е лице чие побарување се остварува; 3) “должник” е лице спрема кое се остварува побарување;

Во членот 12 од Законот, како извршни исправи се определени: извршна судска одлука и судско порамнување; извршна одлука и порамнување во управна постапка, ако гласат на исполнување на парична обврска; извршна нотарска исправа и друга исправа која како извршна исправа е предвидена со закон.

Оваа одредба од Законот за извршување е посебно значајна бидејќи од неа јасно произлегува дека адвокатското полномошно, односно полномошното заверено кај нотар не претставува извршна исправа, поради што врз основа на полномошно не може да се врши пренос на побарување односно обврска.

Според член 17 став 1 од Законот, извршната исправа е подобна за извршување ако во неа се назначени доверителот и должникот, како и предметот, видот, обемот и времето на исполнувањето на обврската.

Согласно член 19 став 1 од Законот, извршувањето се спроведува и по барање од лице кое во извршната исправа не е означено како доверител, ако тоа со јавна или според закон заверена исправа докаже дека побарувањето е пренесено или на друг начин преминало врз него, а во случај тоа да не е можно преносот на побарувањето се докажува со правосилна одлука донесена во парнична постапка.

Согласно оспорениот став 2 на овој член од Законот, како јавна или според закон заверена исправа не се смета адвокатско полномошно или полномошно заверено кај нотар со кое се определува побарувањето на доверителот да се исплати на друго лице.

Според ставот 3 на овој член од Законот, одредбата на ставот 1 од овој член согласно се применува и во однос на извршување против лице кое во извршната исправа не е означено како должник.

Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2001), како основни начела на облигационите односи, меѓу другите, ги определува и начелото на слобода на уредувањето на облигационите односи, според кое, учесниците во прометот слободно ги уредуваат облигационите односи во согласност со Уставот, законите и добрите обичаи; начелото на совесност и чесност, согласно кое во засновувањето на облигационите односи и остварувањето на правата и обврските од тие односи учесниците се должни да се придржуваат кон начелото на совесност и чесност; начелото на забрана на злоупотреба на право, согласно кое забрането е вршењето на право од облигациооните односи спротивно на целта заради која е тоа со закон установено или признаено.

Законот за облигационите односи го уредува и полномошното во материјално-правна смисла.

Имено, согласно член 81 од овој закон, полномошното е дефинирано како овластување за застапување што властодавецот со правна работа му го дава на полномошникот.

Членот 82 од Законот, предвидува дека формата пропишана со закон за некој договор или за некоја друга правна работа важи и за полномошното за склучување на тој договор.

Согласно членот 83 од Законот, полномошникот може да ги презема само оние правни работи за чие преземање е овластен. Полномошникот на кој му е дадено општо полномошно може да ги презема само правните работи што спаѓаат во редовното работење. Работа која не спаѓа во редовното работење полномошникот може да преземе само ако е посебно овластен за преземање на таа работа, односно на видот на работите меѓу кои спаѓа и таа. Полномошникот не може без посебно овластување за секој одделен случај да преземе менична обврска, да склучи договор за гранција, за порамнување, за избран суд, како ни да се откаже од некое право без надомест.

Врз основа на член 84 од Законот, властодавецот може по своја волја да го стесни или да го отповика полномошното, а согласно член 86 од Законот, полномошното престанува со престанокот на правното лице како полномошник или смртта на полномошникот, или со престанок на правното лице како властодавец или смрт на лицето кое го дало овластувањето, освен ако започнатата работа не може да се прекине без штета за правните следбеници или ако полномошното важи и во случај на смрт на давателот, по негова волја или со оглед на природата на работата.

Законот за облигационите односи во посебна глава насловена како промена на доверителот или на должникот, го уредува прашањето на преносот на побарувањето, т.н отстапување на побарувањето со договор (цесија).

Согласно член 424 од Законот, доверителот може со договор склучен со трет да го пренесе врз него своето побарување, освен она чие пренесување е забрането со закон или кое е врзано за личноста на доверителот, или кое според својата природа му се спротивставува на пренесувањето на друг. Во однос на оваа одредба во теоријата постои мислење дека не може да се врши пренос на побарување кое е предмет на спор на оној на кого му е доверено остварувањето на тоа побарување (адвокат или друг налогопримач). Како побарување кое по својата природа му се спротивставува на пренесувањето на друг е наведено побарувањето кое по својата основа го има односот на доверба, така што на странките не им е сеедно кое лице се појавува во тој однос (пр. мандат)

Според член 426 од Законот, за пренесување на побарување не е потребна согласност на должникот, но отстапувачот е должен да го извести должникот за извршеното отстапување.

Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2005) содржи одредби кои се однесуваат на полномошникот, односно полномошното во оваа постапка, а го уредува и прашањето на јавните исправи кои се користат како доказ во постапката.

Согласно член 83 од Законот, дејствијата во постапката што полномошникот ги презема во границите на полномошното имаат исто правно дејство како да ги презела самата странка.

Согласно член 85 од овој закон, обемот на полномошното го определува странката. Странката може да го овласти полномошникот да презема само определени дејствија или да ги презема сите дејствија во постапката.

Во членот 86 од Законот е определено дека ако странката му издала на адвокатот полномошно за водење на парницата, а поблиску не ги определила овластувањата во полномошното, адвокатот врз основа на таквото полномошно е овластен:
1) да ги врши сите дејствија во постапката, а особено да поднесе тужба, да ја повлече тужбата, да го признае тужбеното барање или да се одрече од тужбеното барање, да склучи порамнување, да поднесе правен лек и да се одрече или откаже од него, како и да бара издавање на привремени мерки за обезбедување;
2) да става барање за извршување или обезбедување и да презема потребни дејствија во постапката по повод такво барање и
3) од противната странка да ги прими досудените трошоци.

Според член 87 од Законот, ако странката во полномошното не ги определила поблиску овластувањата на полномошникот, полномошникот кој не е адвокат врз основа на ваквото полномошно може да ги врши сите дејствија во постапката, но секогаш му е потребно изрично овластување за повлекување на тужба, за признавање или за одрекување од тужбеното барање, за склучување на порамнување, за одрекување или откажување од правен лек и за пренесување на полномошното врз друго лице, како и за поднесување на вонредни правни лекови.

Во поглед на јавните исправи, членот 215 од Законот предвидува дека исправа што во пропишана форма ја издал државен орган или орган на државната управа во границите на својата надлежност, како и исправа што во таква форма ја издала организација или друга институција при вршење на јавно овластување што и е доверено со закон или со одлука на орган на општината заснована врз закон (јавна исправа), ја докажува вистинитоста на она што се потврдува или определува во неа.

За адвокатското полномошно релевантни се одредбите од Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2002, 60/2006 и 29/2007), поточно одредбата од членот 16 од Законот според која овластувањата за давање правна помош адвокатот поединец и адвокатите здружени во адвокатско друштво ги добиваат со полномошно издадено од странката.

За полномошното заверено кај нотар, релевантна е одредбата од членот 45 став 5 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/2007), според која потврдената приватна исправа од страна на нотарот, кога тоа е во согласност со закон, има важност на јавна исправа.

Согласно член 2 од Законот за сопственост и други стварни права, право на сопственост можат да стекнуваат сите домашни и странски физички и правни лица, вклучувајќи ја и државата и единиците на локалната смоуправа, под услови и на начин предвидени со овој и друг закон.

Член 5 од овој закон предвидува дека правото на сопственост и другите стварни права се остваруваат врз основа на слободна диспозиција со нужни ограничувања предвидени во Уставот и законите.

Според член 8 став 1 од Законот, сопственикот има право својата ствар да ја држи, целосно да ја користи и да располага со неа по своја волја, доколку тоа не е спротивно на закон или на некое право на друго лице.

Општите ограничувања на правото на сопственост се утврдени во член 9 од Законот. Согласно ставот 2 на овој член, забрането е вршење на правото на сопственост спротивно на целта заради која е со закон признато и установено, или спротивно на моралот, а според ставот 3 на истиот член, правото на сопственост не смее да се врши со цел на друг да му се причини штета или тој да се спречи во остварувањето на неговото право.

Членот 112 од Законот ги определува правните основи на стекнување на правото на сопственост (според закон, врз основа на правна работа и со наследување)

Од анализата на одредбите од наведените закони неспорно произлегува дека странките во постапките пред судовите како и при извршувањето што го спроведуваат извршителите можат да бидат застапувани од страна на полномошници – адвокати врз основа на полномошно издадено од самата странка.

Од наведените одредби од Законот за парничната постапка кои се однесуваат на полномошното произлегува дека обемот и содржината на полномошното го определува самата странка, која може полномошникот да го овласти за преземање на одделни или сите дејствија во постапката. Од овие одредби исто така произлегува дека странката во фазата на извршувањето на судските одлуки може својот полномошник, односно адвокат да го овласти да поднесе барање за извршување или обезбедување, да ги презема потребните дејствија во постапката по повод таквото барање, како и од спротивната странка да ги прими досудените трошоци.

Полномошникот кој не е адвокат врз основа на полномошно може да ги врши сите дејствија во постапката, но секогаш му е потребно изрично овластување за повлекување на тужба, за признавање или за одрекување од тужбеното барање, за склучување на порамнување, за одрекување или откажување од правен лек и за пренесување на полномошното врз друго лице, како и за поднесување на вонредни правни лекови.

Од анализата на овие одредби, понатаму, произлегува дека овластувањата што странката му ги пренесува на адвокатот врз основа на полномошно се однесуваат на преземање на определени процесни дејствија во судските постапки, односно постапката за извршување што ја спроведува извршителот, кои што дејствија така преземени имаат иста правна важност како да ги презела самата странка. Во тоа е и суштината на застапувањето односно застапништвото кое претставува вршење на правни работи во туѓо име врз основа на овластување, со тоа што правата и обврските од превземената работа непосредно настануваат за застапуваниот, како тој самиот да ја презел работата.

На теренот на извршувањето на судските односно одлуките донсесени во управна постапка кои гласат на исполнување на парична обврска, застапувањето значи дека адвокатот, односно полномошникот на странката врз основа на полномошното е овластен да ги презема дејствијата во текот на извршувањето кои имаат за цел оствару-вање на побарувањето на странката – доверителот, односно остварување на неговото право на наплата на паричен износ или правото на некое сторување или несторување назначени во извршната исправа. Носител на правото, односно на побарувањето е доверителот, тоа му припаѓа нему и тој побарувањето, односно неговата исплата треба да ја прими, иако дејствијата за остварување на побарувањето странката, односно доверителот ги презела преку полномошник.

Токму и во овој правец, според Судот, треба да се толкува и оспорената одредба. Имено, одредбата од членот 19 од Законот за извршување, значи всушност отстапување од генералното правило дека извршувањето се спроведува по барање на доверителот, во таа смисла што со неа се предвидува извршувањето да се спроведе и по барање на лице кое во извршната исправа не е означено како доверител, ако тоа со јавна или според закон заверена исправа докаже дека побарувањето е пренесено или на друг начин преминало врз него, а во случај тоа да не е можно преносот на побарувањето се докажува со правосилна одлука донесена во парнична постапка.

Оспорената законска одредба оневозможува врз основа на полномошно да се врши исплата на побарувањето на доверителот на друго лице (во праксата најчесто адвокати како полномошници на странката – доверителот). Ова произлегува од својството и улогата на наведените лица во вршењето на адвокатската дејност односно застапување на странките во постапките за остварување на нивните права и побарувања. Со ваквата законска одредба законодавецот директно го ставил во функција начелото на совесност и чесност и начелото на забрана на злоупотреба на правата. Имено, поаѓајќи од тоа што односот на застапништво што се воспоставува помеѓу странката и нејзиниот полномошник има за цел остварување на правата и побарувањата на странката (доверителот), тогаш договарањето наместо на доверителот исплатата на побарувањето да се врши на полномош-никот е директно спротивно на целта заради која се востановува застапничкиот однос.

Доколку овие овластени лица на кои во својство на полномошници им е доверено остварувањето на правото односно побарувањето на доверителот – властодавец, излезат од рамките на вршењето на правната помош и врз основа на полномошно за себе земат лично учество внатре во должничко-доверителскиот однос за кој се спроведува извршувањето, се доведува во прашање заштитата од недозволено користење на правната положба на адвокатите или други налогопримачи и ризик од злоупотреба на правото.

Токму и од овие причини законодавецот, определувајќи ја содржината на полномошното за водење парница во членот 86 од Законот за парничната постапка, определил дека адвокатот врз основа на такво полномошно е овластен од спротивната странка да ги прими досудените трошоци. Иако во првоподнесената иницијатива оваа одредба од Законот за парнична постапка посебно е истакната од самиот подносител, треба да се има предвид дека таа сепак се однесува на исплата на досудените трошоци во постапката, но не и на главниот долг.
Самиот пренос на побарувањето односно обврската во суштина претставува промена на субјектите во должничко-доверителскиот однос и тоа согласно наведените закони, се врши врз основа на правно дело. На тоа всушност се однесува ставот 1 на членот 19 од Законот за извршување. Оспорениот став 2 регулира една сосема друга работа, бидејќи тој зборува за исплата на побарувањето на друго лице, при што во конкретниот случај не доаѓа до промена на субјектите на правниот однос. Токму со оваа оспорена одредба се спречува адвокатското, односно нотарското полномошно да се искористи како средство за злоупотреба на можноста предвидена во ставот 1 – извршување да се спроведе по барање на лице кое не е доверител според извршната исправа, и врз кое во суштина не преминало побарувањето, независно дали станува збор за адвокат на странката или пак друго лице.

Оттука за Судот се неприфатливи наводите во иницијативите дека оспорената одредба била спротивна на принципите на владеењето на правото, од причина што токму со содржината на оспорената одредба од Законот се афирмира владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Судот, исто така, не ги прифати наводите дека со оспорената одредба се ограничувала слободата на договарањето, слободата на пазарот и претприемништвото, правната заштита на сопственоста, од причина што слободата на договарањето не е апсолутна и неограничена, туку е врзана со обврска за почитување на Уставот, законите и добрите обичаи, начелата на совесност и чесност и забраната на злоупотреба на правото.

Поради сето наведено Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на одредбата од членот 19 став 2 од Законот за извршување, со одредбите од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 36/2008
9 јули 2008
Скопје
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски