74/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 јули 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 98 став 2 во делот

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 98 став 1 и став 2 во деловите: „Во постапките за кои со закон е утврдено дека се итни, односно за работите кои според закон“ и “се нужни, судот е должен да работи и за време на штрајк“ од Законот означен во точка 1 на ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорената законска одредба се ограничувало правото на штрајк во судовите гарантирано со член 38 став 1 од Уставот, затоа што со законскиот опис на работите во услови на штрајк, утврдени во оспорената одредба, правно и фактички немало штрајк, бидејќи истите опишани работи се извршувале и кога немало штрајк.

Според член 38 став 2 од Уставот, со закон можеле да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк само во вооружените сили, полицијата и органите на управата, а не и во судот, како што се предвидувало со оспорениот поднаслов и оспорената законска одредба.

Поради тоа, со оспорената одредба се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото од член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 38, член 51 и член 54 од Уставот, поради што се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби.

4. Судот на седницата утврди дека членот 98 од Законот за судовите е систематизиран во главата VII „Судска управа“, под насловот „Работа на судот во услови на штрајк“. Според став 1 на овој член, за време на штрајк на службениците во судот се извршуваат работите во врска со закажаните расправи и рочишта, односно со јавните седници за донесување и доставување на сите одлуки во законскиот рок. Според став 2 на истиот член, во постапките за кои со закон е утврдено дека се итни, односно за работите кои според закон и според природата на работите се нужни, судот е должен да работи и за време на штрајк.

5. Согласно членот 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, претставуваат темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно членот 38 од Уставот, се гарантира правото на штрајк. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
.
Тргнувајќи од содржината на наведените уставни одредби, јасно произлегува дека правото на штрајк е едно од основните слободи и права на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот. Тоа право, како едно од основните економски и социјални права е уставно загарантирано, при што Уставот препушта со закон и со колективен договор да се уреди начинот на остварувањето на ова право, со цел да не се доведе во прашање остварувањето на другите уставно гарантирани слободи и права. Во оваа смисла, не постои пречка со закон да се уреди начинот на остварување на правото на штрајк во судовите, водејќи притоа сметка при уредувањето на овие односи, да не се доведе во прашање уставната гаранција за остварување на правото на штрајк, но и другите со Уставот гарантирани слободи и права.

Согласно Амандман XXV став 1 и 2 на Уставот, со кој се заменува членот 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Врз основа на ваквата уставна определба, со Законот за судовите се утврдуваат основните начела врз основа на кои судовите ги остваруваат целите и функциите на судството, организацијата и надлежноста на судовите, изборот на судии и судии поротници, правата, обврските и имунитетот на судиите и судиите поротници, престанокот и разрешувањето од судиската функција, работите од областа на правосудната управа, работите од областа на судската управа, судскиот информатички систем, судската стручна служба, средствата за работа и работите на судската полиција.

Во однос на судската стручна служба, во член 100 став 2 од Законот се утврдува дека со судската стручна служба раководи секретарот на судот и тој е одговорен за остварување и вршење на стручните и административните технички работи во судот. Согласно член 101 став 1 на истиот закон, во судовите во зависност од обемот на работа на судот, се вработуваат определен број виши судски советници, самостојни судски советници, судски советници, стручни соработници, судски приправници така што секој судија да има најмалку еден службеник од наведените звања, а согласно став 2 на истиот член, во судовите се вработуваат определен број работници за вршење на стручни, административни, технички и други работи во зависност од обемот на работата и потребите на судот.

Во Главата VII „Судска управа“ од овој закон, е систематизиран оспорениот наслов „Работа на судот во услови на штрајк“ и оспорениот член 98 од Законот, според кој за време на штрајк на службениците во судот се извршуваат работите во врска со закажаните расправи и рочишта, односно со јавните седници за донесување и доставување на сите одлуки во законскиот рок. Во постапките за кои со закон е утврдено дека се итни, односно за работите кои според закон и според природата на работите се нужни, судот е должен да работи и за време на штрајк.

Наводите во иницијативата дека ваквите одредби практично значеле дека во судот нема штрајк, затоа што работите што се извршувале за време на штрајк биле исти со работите што се извршувале кога нема штрајк, односно дека противуставно се ограничувало правото на штрајк во судот, Судот ги оцени како неосновани.

Имено, правото на штрајк претставува право на вработените да го изразат својот протест против условите за работа и ниската заработувачка. Штрајкот е организиран прекин на работата на работниците заради остварување на економските и социјалните права и интереси по основ на трудот.

Во однос на остварувањето на правото на штрајк на службениците во судот, Судот оцени дека е од значење статусот на овие лица, во која смисла треба да се има предвид дека согласно член 3 став 2 од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006 и 36/2007), лице вработено во стручните служби на судовите се смета за државен службеник. Според член 27 став 1 од овој закон, државните службеници се должни во остварувањето на правото на штрајк да обезбедат минимум непречено извршување на функциите на органот, неопходното ниво во остварувањето на правата и интересите на граѓаните и на правните лица и извршувањето на ратификуваните меѓународни договори.

Тоа значи дека како загарантирано право со Уставот, штрајкот на државните службеници може да се остварува под услов да се обезбеди минимум непречено извршување на функциите на органот, неопходно ниво на остварување на правата и интересите на граѓаните и на правните лица и извршувањето на ратификуваните меѓународни договори, односно во конкретниов случај, законодавецот оценил дека остварувањето на штрајкот на државните службеници во судот, не смее да се одрази негативно врз извршувањето на основните функции на судот, поради што, и во услови на штрајк, неопходно е да се обезбеди извршување на работите во врска со закажаните расправи и рочишта, односно со јавните седници за донесување и доставување на сите одлуки во законскиот рок, како и извршување на сите работи кои со закон се утврдени како итни и кои според закон и природата на работата се нужни. Ова особено затоа што, согласно член 3 на Законот за судовите, една од целите и функциите на судската власт е и заштита, почитување и унапредување на човековите права и основни слободи. Согласно член 4 од истиот закон, судот, меѓу другото, одлучува за правата на човекот и граѓанинот и правно заснованите интереси. Според член 6 на овој закон, секој има право на еднаков пристап пред судот во заштитатата на неговите права и правно заснованите интереси, при што има право на судење во разумен рок.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека утврдувањето на видот и обемот на работите кои се извршуваат во судот во услови на штрајк, е во функција на обезбедување на неопходното ниво на процесот на работа на судот заради заштита од штетни последици од поголеми размери, како на заедницата во целина, така и на одделни субјекти, при што, според Судот, со тоа не се задира во правото на штрајк на службениците, туку се уредува начинот на остварување на ова право.

Според тоа, определбата дека за време на штрајк треба да се извршуваат итни и неодложни работи во судот, утврдени со закон, не значи ограничување на правото на штрајк на службениците во судот, како што смета подносителот на иницијативата, затоа што правото на штрајк не може да се сфати како апсолутно право чие остварување може да го доведе во прашање остварувањето на другите со Устав гарантирани слободи и права на граѓаните, чие остварување е, исто така, грижа на државата. Поради наведеното, Судот оцени дека ваквата законска регулатива не претставува ниту повреда на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, ниту повреда на начелото на владеењето на правото, како темелни вредности на уставниот поредок, поради што не изрази сомневање во уставноста на ваквата определба на законодавецот.

Меѓутоа, определбата дека за време на штрајк се извршуваат и работите кои според природата на работата се нужни, без поблиско законско дефинирање на истите, според Судот, остава простор за арбитрерност од страна на судот при определувањето на овие работи, што Уставот не го дозволува, затоа што условите под кои се реализира правото на штрајк можат да се уредат со закон и со колективен договор, но не и со подзаконски акт.

Поради наведеното, Судот оцени дека основано може да се доведе под сомнение согласноста на членот 98 став 2 во делот: „и според природата на работите“ од Законот со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 38 и член 51 и од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.74/2008
9 јули 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски