У.бр.182/2007-1

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 9 јули 2008 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 13 став 2 точка 1, член 83 став 2 точка 3 и член 152 став 2 точка 5 од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2007).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија на иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.182/2007 од 28 мај 2008 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.

4. а) Судот на седницата утврди дека оспорениот член 13 став 2 точката 1 е систематизирана во Глава III – „Основање на банка“, оддел 2 – „Акционери“ од Законот за банките. Во член 13 став 1 од Законот се определува дека: „акционер на банка може да стане домаш­но и странско правно и физичко лице“.

Оспорениот член 13 став 2 точката 1 гласи: „Акционер со квалификувано учество во банка не може да стане лице или правно лице контролирано од лице кое е осудено со казна затвор за кривични дела од областа на банкарството и финансиите“.

Инаку, под „квалификувано учество во банка“ се подразби­ра директно или индиректно поседување на најмалку 5% од вкупниот број на акции или од издадените акции со право на глас во банка или кои овозможуваат значително влијание врз управувањето со банката (член 2 точка 21 од Законот).

б) Оспорениот член 83 став 2 точката 3 од Законот е систе­матизирана во Глава IX – „Органи на банка и управување на банка“. Притоа, во член 83 став 1 се предвидува дека: „лице со посебни права и одговорности во банка задолжително треба да има соодветно високо образование и познавање на прописите од областа на банкар­ството и/или финансиите и да има соодветно искуство кое обезбедува сигурно и стабилно управување со банката“.

Оспорениот член 83 став 2 точката 3 гласи: „Лице со посеб­ни права и одговорности во банка неможе да биде лице кое е осудено со казна затвор за кривични дела од областа на банкарството и финан­сиите“.

Инаку, под „лице со посебни права и одговорности“ се под­разбира физичко лице кое е член на надзорен одбор, член на управен одбор, член на одбор за ревизија, член на одбор за управување со ризици и други раководни лица во банката согласно со статутот на банката (член 2 точка 26 од Законот).

в) Оспорениот член 152 став 2 точка 5 од Законот е систе­матизирана во Глава XV „Мерки“ што може да ги преземе гувернерот на Народната банка на Република Македoнија кон банките и тие се: редовни мерки (оддел 1), дополнителни мерки (оддел 2), админист­ра­ција (оддел 3), повлекување на согласноста (оддел 4) и укинување на дозвола за основање и работење и за статусни примени (оддел 5).

Оспорениот член 152 од Законот е сместен во одделот 3 – „Администрација“ и гласи: „Гувернерот донесува решение за отповику­вање на член на администрација кога е осуден за кривично дело“ (став 2 точка 5).

Инаку, под „администрација“ се подразбира именување од гувернерот администратори во деловна банка кога е загрозена солвен­тноста на банката, кога банката не ги презема дополнителните мерки изречени од гувернерот, кога надзорниот одбор на банката не поднесе план за подобрување на состојбата на банката, …(член 139 став 1 од Законот за банките).

5. Според член 13 став 1 од Уставот на Република Македо­нија: „лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука“. Според член 14 став 2 од Уставот: „Никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука“.

Од изнесените уставни одредби, покрај другото, произлегу­ва дека само со правосилна судска одлука може да се утврди постоење вина на граѓанин и да се определи казна за граѓанинот како последица за конкретно утврдената вина. Излегувањето надвор од рамките на односот казниво дело и судски изречената казна за неговиот сторител претставува повреда на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, меѓу кои се еднаквоста (член 9), правото на работа, слободен избор на вработување, достапност на секое работно место секому под еднакви услови (член 32 ставовите 1 и 2).

Со оглед на тоа што со член 13 став 2 точка 1, член 83 став 2 точка 3 и член 152 став 2 точка 5 од Законот се излегува надвор од рамките на односот казниво дело и судски изречената казна за негови­от сторител, на тој начин што со закон и надвор од евентуално изрече­на судска казна се определуваат и други последици за определени граѓани, со што им се ограничуваат уставно утврдени слободи и права, Судот оцени дека наведените законски одредби не се во согласност со член 13 став 1 и член 14 став 2 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претсе­дателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.182/2007
9 јули 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски