Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 јули 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 381 и член 411 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/1997, 44/2002 и 74/2004).
2. Панче Докузов, адвокат од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точка 1 на ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорените одредби од Законот за кривичната постапка (ЗКП) биле во спротивност со членовите 9 и 15 од Уставот.
Имено, подносителот укажува дека во судската пракса постоеле три вида на кривични пресуди: осудителна, ослободителна и одбивателна. Осудителна пресуда постоела кога лицето било огласено за виновно за кривично дело и му била изречена кривична санкција. Ослободителна – кога лицето било ослободено од обвинение бидејќи тоа што го презел не било кривично дело или ако постоеле околности кои ја исклучуваат неговата одговорност или ако не се докажело дека го сторил делото за кое бил обвинет. Одбивателна – доколку постапувал ненадлежен суд, го гонел неовластен тужител, тужителот се откажал од гонење, немало одобрение за гонење од државен орган или лицето за тоа дело веќе било осудено (веќе било судено па ослободено, амнестирано, помилувано, гонењето застарело или слично). Кога од овие три вида на пресуди лицето добиело ослободителна или одбивателна пресуда, во праксата не се случило против таквите пресуди тоа лице да се жали затоа што било логично од пресудата да биде задоволно. Но тужителот, без оглед дали тоа бил јавниот обвинител, оштетениот како тужител или приватниот тужител, можел да изјави жалба, а судот според овластувањата што ги имал според ЗКП, можел да донесе помеѓу другите и пресуда со која жалбата на тужителот ќе ја уважи, обвинетото лице ќе го огласи за виновно и ќе го осуди на кривична санкција. Во таков счлучај, според подносителот на иницијативата, се поставувало прашањето: што во овие случаи можело да се преземе кога лицето кое било осудено со пресуда на повисокиот суд, било ставено пред свршен чин, односно кога пресудата станала правосилна. ЗКП предвидувал право на жалба на одлуката на второстепениот суд кога второстепениот суд преиначил ослободителна пресуда на првостепениот суд, но не предвидел право на жалба кога преиначил одбивателна во осудителна пресуда (член 381 став 3 од ЗКП). Лицето што на овој начин било осудено, на кое му биле одземени или ограничени граѓанските права, а не можело да користи право на жалба бидејќи ЗКП тоа не го предвидел, се свртувало кон единственото правно средство што му преостанувало, а тоа било барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда по кое требало да одлучува Врховниот суд. Меѓутоа, ЗКП, спрема некои обвинети и понатаму останувал „маќеа“ бидејќи барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда не можело да се поднесе доколку не се користел редовен правен лек – жалба. Исклучок од ова било дека е дозволено поднесување на вакво барање и во случај доколку лицето не изјавило жалба, а второстепениот суд првостепената ослободителна пресуда или осудителна пресуда по која била изречена кривична санкција судска опомена или условна осуда или казна – парична казна, ја преиначил во казна затвор или малолетнички затвор.
Тоа значело само едно: лицата против кои било одбиено обвинението па со второстепена одлука била преиначена таквата пресуда во осудителна пресуда, немале право на вонредно преиспитување на правосилните пресуди. Овие лица излезот го барале кај Јавниот обвинител на Република Македонија, со молба пред Врховниот тој суд да поднесе барање за заштита на законитоста во интерес на правдата. Но, и покрај сите желби, Јавниот обвинител на Република Македонија не ќе можел тоа да го стори бидејќи тој треба да бара да се заштити законот, а всушност за овие лица би барал судот да постапи надвор од законот, затоа што ЗКП не предвидувал таква правда.
Во оспорените членови не било предвидено правото на жалба во претходно наведените примери, што создавало правна несигурност на граѓаните во правниот систем, поради што, според подносителот на иницијативата, не само оспорените одредби, туку и ЗКП во целина бил спротивен на прокламираните уставни начела за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите и уставно загарантираното право на жалба. Со оглед дека во конкретниот случај одлуките на второстепениот суд имале карактер на првостепена одлука (бидејќи не биле обжалени), не давањето право на жалба на истите, според подносителот, било повреда на член 9 и член 15 од Уставот.
Поради наведеното, се бара од Уставниот суд на Република Македонија да ги прогласи за противуставни оспорените одредби и да ги поништи, посебно нагласувајќи дека законодавецот по правило, и при последните измени на ЗКП, се оглушувал за попрецизно нормирање на правото на жалба во напред наведените ситуации.
3. Судот на седницата утврди дека согласно член 381 став 1 од Законот за кривичната постапка, против пресудата на второстепениот суд е дозволена жалба до судот кој одлучува во трет степен само во следниве случаи ако: 1) второстепениот суд изрекол казна затвор доживотно, или ако ја потврдил пресудата на првостепениот суд со која е изречена таква казна; 2) второстепениот суд врз основа на одржаниот претрес ја утврдил фактичката состојба поинаку отколку првостепениот суд и врз така утврдената фактичка состојба ја засновал својата пресуда и 3) второстепениот суд ја преиначил пресудата на првостепениот суд со која оптужениот е ослободен од обвинението и изрекол пресуда со која оптужениот се огласува за виновен. Според став 2 на истиот член, за жалбата против второстепената пресуда решава судот од трет степен во седница на советот согласно со одредбите што важат за постапката во втор степен. Пред овој суд не може да се одржи претрес. Според став 3 на овој член, одредбите на член 397 од овој закон ќе се применат и врз сообвинетиот кој немал право да изјави жалба против второстепената пресуда.
Според член 411 став 1 од истиот закон, лицето кое правосилно е осудено на казна затвор или малолетнички затвор може да поднесе барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда поради повреда на законот во случаите предвидени со овој закон. Согласно став 2 на овој член, барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда се поднесува во рок од 30 дена од денот кога обвинетиот ја примил правосилната пресуда. Според став 3 на истиот член, осудениот што не користел редовен правен лек против пресудата не може да поднесе барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда освен ако со пресудата на второстепениот суд наместо ослободување од казна, судска опомена, условна осуда или парична казна е изречена казна затвор, односно наместо воспитна мерка – казна малолетнички затвор. Согласно став 4 на овој член, барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда не може да се поднесе против пресуда на Врховниот суд на Република Македонија.
4. Согласно член 8 став 1 алинеа 3 од Уставот, владеењето на правото претставува темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
Согласно Амандман XXI со кој е заменет член 15 на Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
.
Од наведените уставни одредби произлегува дека посебна гаранција за остварување на личните граѓански и политички слободи и права утврдени со Уставот претставува правото на граѓанинот на жалба против поединечите правни акти донесени во постапка во прв степен пред судовите. Користејки го ова право, граѓаните не само што имаат можност да ги заштитат своите права и интереси, туку преку правото на жалба се постигнува и отстранување на незаконитостите во работењето на судовите, со што се придонесува за јакнење на законитоста. Оттука, правото на жалба ја има својата основа во оправданата претпоставка дека првостепената одлука не мора секогаш да биде законита и справедлива и поради тоа по жалбата одлучува секогаш повисок суд со што се прокламира и двостепеност во одлучувањето како една од гаранциите за остварување на правата и врз закон заснованите интереси.
Со Законот за кривичната постапка се утврдуваат правилата со кои се осигурува никој невин да не биде осуден, а на виновникот да му се изрече кривична санкција под условите што ги предвидува Кривичниот законик и врз основа на законито спроведената постапка.
Според член 340 став 1 на овој закон, со пресудата обвинението се одбива или обвинетиот се ослободува од обвинението или се огласува за виновен.
Во член 350 став 1 од овој закон, се утврдува дека против пресудата донесена во прв степен овластените лица можат да изјават жалба во рок од 15 дена од денот на доставувањето на преписот на пресудата.
Согласно член 351 став 1 на истиот закон, жалба можат да изјават странките, бранителот, законскиот застапник на обвинетиот и оштетениот.
Од наведената законска регулатива и Законот во целина, произлегува дека жалбата на пресуда на првостепен суд е редовен правен лек, кој има суспензивно и деволутивно дејство и со кој се напаѓаат сите видови првостепени пресуди. Кругот на лица кои можат да изјават жалба е широко поставен, односно жалба можат да изјават странките (овластениот тужител и обвинетиот), бранителот, законскиот застапник на обвинетиот и оштетениот, во корист на обвинетиот и неговиот брачен другар односно вонбрачен другар, роднина по крв во права линија, посвоител, посвоеник, брат, сестра и хранител. Вложувањето на жалба претставува право, а не должност, поради што странките можат да се одречат или откажат од тоа право, што значи дека поднесувањето на жалбата зависи од диспозицијата на странката. Во оваа смисла, само од диспозицијата на обвинетиот зависи дали ќе изјави жалба против ослободителна или одбивателна пресуда (како што впрочем и се наведува во иницијативата), имајќи предвид дека Законот му го дозволува ова право, во согласност со уставната гаранција за правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.
Согласно член 372 став 1 од Законот, второстепениот суд може во седница на советот или врз основа на одржан претрес да ја отфрли жалбата како ненавремена или како недозволена, или да ја одбие жалбата како неоснована и да ја потврди пресудата на судот од прв степен, или да ја укине оваа пресуда и предметот да го упати до првостепениот суд на повторно судење и одлука, или да ја преиначи првостепената пресуда.
Согласно оспорениот член 381 од Законот, против пресудата на второстепениот суд е дозволена жалба до судот кој одлучува во трет степен само во следниве случаи ако:
1) второстепениот суд изрекол казна затвор доживотно, или ако ја потврдил пресудата на првостепениот суд со која е изречена таква казна;
2) второстепениот суд врз основа на одржаниот претрес ја утврдил фактичката состојба поинаку отколку првостепениот суд и врз така утврдената фактичка состојба ја засновал својата пресуда и
3) второстепениот суд ја преиначил пресудата на првостепениот суд со која оптужениот е ослободен од обвинението и изрекол пресуда со која оптужениот се огласува за виновен.
Од наведената законска регулатива произлегува дека законодавецот го усвоил, иако само во одредени случаи, односно во ограничен обем, системот на тристепеност на редовната казнена постапка, односно оценил дека е целисходно, во одредени случаи, да има позасилена контрола и поголеми гаранции за правилноста на судската одлука, преку можност за поднесување жалба на пресуда на второстепен суд до судот кој одлучува во трет степен, како втор вид редовен правен лек, кој уставно не е гарантиран, туку оцената за неговата целисходност е препуштена на законодавецот.
Имајќи го предвид наведеното, наводите во иницијативата дека право на жалба не било предвидено за случаите кога второстепениот суд ја преиначил првостепената пресуда со која било одбиено обвинението и изрекол осудителна пресуда, практично претставуваат барање за дополнување на член 381 од Законот со уште еден случај кој предвидува можност за тристепеност на редовната казнена постапка, односно претставува барање за дополнување на Законот со нови решенија, што спаѓа во доменот на законодавната власт и не е предмет на оцена од страна на Уставниот суд.
Во иста насока се оспорува и член 411 од Законот, со кој се утврдуваат случаите кога може да се поднесе барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда. Имено, подносителот на иницијативата смета дека отсуството на можност за изјавување жалба против пресуда на второстепен суд во случај кога второстепениот суд ја преиначил првостепената пресуда со која било одбиено обвинението и изрекол осудителна пресуда, понатаму доведува до неможност да се користи вонредниот правен лек – барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, кој можел да се користи само доколку претходно е искористен редовниот правен лек – жалба, поради што смета дека ваквите законски решенија значат повреда на уставното начело на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите и повреда на уставното право на жалба.
Во оваа смисла, Судот имаше предвид дека со Решение У. бр. 11/2003, покрај другото, Судот не повел постапка за оценување уставноста на членот 411 од Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/1997 и 44/2002), кој бил оспорен поради тоа што на оштетениот не му било дозволено да поднесе барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, а исто така не било предвидено да се поднесе ваков вонреден лек кога постапката била завршена со решение, а не со пресуда. Во ова решение, Судот изразил став дека ваквата правна положба произлегува од карактерот на овој вонреден лек и правната цел што би требала да се постигне со неговото поднесување. Имено, овој вонреден лек, според членот 411 став 1 од Законот е резервиран само за обвинетиот од причина што е поврзан со изречена казна затвор или малолетнички затвор, а со цел осуденото лице да бара преиспитување на пресудата како би се отстраниле можните повреди на законот сторени на негова штета. Тоа значи дека ваков вонреден лек не може да поднесе ни јавниот обвинител ни оштетениот. Тоа што е предвидено ваков вонреден лек да се поднесе за преиспитување на правосилна пресуда, но не и за правосилно решение, произлегува од фактот што осудата на казна затвор и на малолетнички затвор се изрекува единствено во форма на пресуда. Исто така, треба да се нагласи дека барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда е воведено заради засилување на правата на граѓаните, меѓутоа како таков овој вонреден лек може да го користи само обвинетиот, но не и оштетениот, оштетениот како тужител, приватниот тужител и јавниот обвинител. Наспроти овој вонреден лек, обвинителот може да го користи барањето за заштита на законитоста, кога законот е повреден на штета или во корист на сите горе наведени лица. Во секој случај, според одредбите на Законот, доколку некој од споменатите вонредни лекови биде усвоен и дојде до укинување на правосилната одлука, во новата постапка сите наведени лица ја заземаат истата права положба што ја имале како пред укинувањето на одлуката.
Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Тоа значи дека Уставниот суд не е надлежен да ја цени уставноста и законитоста на одредби или делови од одредби што би требало да бидат содржани во оспорените акти, туку во негова надлежност е оценување на уставноста и законитоста на одредбите што се содржани во актите што се предмет на уставно – судска оценка. Ова од причини што Судот нема позитивна нормативна дејност и таквата дејност припаѓа во надлежност на Собранието на Република Македонија.
Согласно член 28 алинеите 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Тргнувајќи од фактот што со иницијативата се посочува на отсуство на одредени законски решенија во делот на поднесување жалба на пресуда на второстепен суд и во делот на барањето за вонредно преиспитување на правосилна пресуда како вонреден правен лек, при што се укажува на тоа што би требало да содржат оспорените одредби според замислата на подносителот, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеите 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.90/2008
9 јули 2008 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски