Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 јули 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 174 од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2007).
2. Благe Милошевски, претседател на Хуманитарната асоцијација на граѓани „Нова Надеж„ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 174 од Законот означен во точката 1 во ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата, повод за поднесување на предметната иницијатива било донесеното решение на гувернерот на Народна банка на Република Македонија за отварање на ликвидациона постапка за Македонска банка врз основа на Законот за банки кој бил противуставен од причина што против решението на Гувернерот не било допуштено жалба. Противуставноста на предметниот закон можела да се потврди со компарација на претходниот Закон за банки и новиот Закон за банки. Имено, во претходниот Закон за банки во делот на одредбите за стечајна и ликвидациона постапка на банка против одлуките на гувернерот на Народна банка било допуштена жабла како редовен правен лек што не е случај со постојниот закон, на кој начин се доведувало во прашање загарантираното право на жалба.
Според подносителот, таквата негова констатација произлегувала и од член 174 од Законот за банки со кој се уредува процедурата на донесување на решенија против кои не е е допуштена жалба. Оттука, според подносителот, со Законот за банки се доведувале во прашање темелните вредности утврдени во член 8 од Уставот на Република Македонија како и член 15 од Уставот .
Понатаму, подносителот смета дека со наведенкиот закон се повредувале членовите 6 и 13 од Европската конвенција за човекови права.
Од содржината на поднесената иницијатива може да се заклучи дека иако подносителот укажува дека Законот во целина не бил во согласност со член 15 од Уставот, во суштина се оспорува член 174 од Законот.
3. Судот на седницата утврди дека согласно Законот за банки гувернерот на Народна банка на Република Македонија донесува решение за воведување на администрација (член 139 став 1), решение за укинување на дозволата за основање и работење на банката или дозволата за статусни промени, решение за исполнување на условите за отворање на стечајната постапка (член 157 став 1) и решение за утврдување на условите за спроведување на ликвидациона постапка (член 170).
Во член 174 од Законот е предвидено дека против решенијата на гувернерот донесени врз основа на овој закон не е дозволена жалба и истите се конечни во управна постапка, при што согласно член 175 од истиот закон, против решенијата на гувернерот може да се поведе управен спор.
4. Понатаму, Судот утврди дека по предметот У.бр.228/2007 од 26 март 2,008 година не повел постапка за оценување на уставноста на член 174 од Законот за банките.
Во образложението на решението се наведува дека со Амандманот XXI со кој е заменет член 15 од Уставот, гаранцијата на правото на жалба се однесува само на одлука донесена во прв степен пред суд, а право на жалба против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државна управа или организација и други органи што вршат јавни овластувања на определен начин е релативизирано односно не е веќе уставна гаранција како што тоа беше порано, туку е препуштено тоа да се уреди со закон.
5. Според Амандман XXI со кој е заменет член 15 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на жалба против одлуките донесени во постапка во прв степен пред суд.
Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и други органи што вршат јавни овластувања се уредува со закон.
Според член 50 став 2 од Уставот се гарантира судска заштита на законитост на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.
Од наведеното произлегува дека со Амандман XXI со кој е заменет член 15 од Уставот гаранцијата на правото на жалба се однесува само на одлука донесена во прв степен пред суд, а правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што вршат јавни овластувања на определен начин е релативизиран, односно не е веќе уставна гаранција како што тоа беше порано, туку тоа е препуштено да се уреди со закон.
Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Имајќи ја предвид содржината на наведените уставни и деловнички одредби, наводите во иницијативата, според кои законот во целина не бил во согласност со член 15 од Уставот, затоа што во него не било предвидено правото на жалба против решенијата ,на гувернерот на Народна банка на Република Македонија, односно член 174 од Законот со кој се исклучува право на жалба против решенијата на гувернерот на Народна банка на Република Македонија, како и фактот што Уставниот суд на Република Македонија по предметот У.бр.228/2007 ја оценувал уставноста на одредба од член 174 од Законот за банки, а во предметната иницијатива не се наведуваат нови основи кои би можеле да доведат до поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот за отфрлање на иницијативата.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.95/2008
9 јули 2008 година
С к о п ј е
лк/сд
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски