Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 2 јули 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Здравко Тумбовски од Радовиш за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, што се однесува на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност.
2. Здравко Тумбовски од Радовиш, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, што се однесува на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност, повредена со дејствие на неисплата на регрес за годишен одмор за 2005 и 2006 година од страна на ШИК „Плачковица“ АД Радовиш и со Пресудата ГЖ бр.47/2008, донесена од Апелациониот суд во Штип на 11 март 2008 година.
Подносителот на барањето наведува дека бил извршен директор во ШИК „Плачковица“ АД Радовиш, дека бил разрешен на 4 мај 2006 година, дека не му бил исплатен регрес за годишен одмор за 2005 и 2006 година, дека поднел тужба за исплата на наведениот регрес и дека Основниот суд во Радовиш го уважил тужбеното барање и го задолжил ШИК „Плачковица“ АД Радовиш да го исплати регресот (Пресуда П.бр.321/07 од 28 ноември 2007 година). Но, Апелациониот суд во Штип, со Пресуда ГЖ бр.47/2008 од 11 март 2008 годин а, ја преиначи првостепената пресуда и пресуди одбивање на тужбеното барање на Тумбовски за исплата на наведениот регрес како неосновано.
Подносителот на барањето наведува дека, од друга страна, на Благој Прастов, кој бил во иста фактичка состојба како Тумбовски му бил пресуден и исплатен регрес за годишен одмор. Имено, Прастов бил извршен директор во ШИК „Плачковица“ АД Радовиш пред Тумбовски, бил разрешен од таа функција на 20 февруари 2002 година, не му бил исплатен регрес за годишен одмор за 1999, 2000, 2001 и 2002 година, тој поднел тужба за исплата на неисплатениот регрес, Основниот суд во Радовиш го уважил тужбеното барање и му пресудил регрес за годишен одмор за наведените години – Пресуда П.бр.96/04 од 14 јули 2004 година, а Апелациониот суд во Штип ја потврдил првостепената пресуда – Пресуда ГЖ бр.2543/2004 од 10 февруари 2005 година. При таква состојба, се смета дека неисплатата на регрес за годишен одмор за 2005 и 2006 година на него од страна на ШИК „Плачковица“ АД Радовиш, како и Пресудата на Апелациониот суд во Штип ГЖ бр.47/2008 од 11 март 2008 година со која се одбива неговото тужбено барање за исплата на регресот како неосновано, значи „кршење на уставно загарантираното право за забрана на дискриминација на граѓаните на Република Македонија по основ на социјална припадност“, поради што бара Уставниот суд непосредно да го примени Уставот на Република Македонија и да ги отстрани последиците од оспореното дејствие и Пресудата.
3. Судот на седницата утврди дека со Пресудата ГЖ бр.47/20 08, донесена од Апелациониот суд во Штип на 11 март 2008 година, уважена е жалбата на ШИК „Плачковица“ АД Радовиш, преиначена е Пресудата на Основниот суд во Радовиш П.бр.321/07 од 28 ноември 2007 година и пресудено е одбивање на тужбеното барање на Здравко Тумбовски од Радовиш, со кое се бара исплата на регрес за годишен одмор за 2005 и 2006 година, како неосновано.
Во образложението на Пресудата се наведува дека одредбите од Законот за работните односи се однесуваат на правата од работен однос на работниците кои имаат договор за вработување (членовите 1, 4, 5) и дека статусот на раководните лица се уредува со член 366 од Законот за трговските друштва според кој на избраните лица не се применуваат одредбите од Законот за работните односи за, покрај другото, надоместоци на плата. Оттука, се смета дека Тумбовски како извршен директор требало да ги регулира правата и обврските од работен однос со склучување на ткн. менаџерски договор и бидејќи таков договор не бил склучен, Тумбовски не може да ги бара тие права врз основа на Законот за работните односи.
Според тоа, основа за донесувањето на Пресудата се наведените одредби од Законот за работните односи и Законот за трговските друштва, а не социјалниот статус на Тумбовски.
Од друга страна, со Пресудата ГЖ бр.2543/2004, донесена од Апелациониот суд Штип на 10 февруари 2005 година (од друг судски совет), потврдена е првостепената пресуда (П бр.96/04, донесена од Основниот суд во Радовиш на 14 јули 2004 година) и на Благој Прастов му е определен регрес за г одишен одмор за 1999, 2000, 2001 и 2002 година врз основа на член 45 од Општиот колективен договор за стопанството.
Според тоа, и овде основот за донесувањето на оваа Пресуда е правна норма, одредба од Колективен договор, а не социјалниот статус на Прастов.
4. Имајќи ја предвид изнесената фактичка состојба, според која причина за одбивање на тужбеното барање на Тумбовски за исплата на регрес за годишен одмор од страна на Апелациониот суд во Штип се законски одредби наведени во Пресудата ГЖ бр.47/2008 од 11 март 2008 година, а не неговата социјална припадност, Судот оцени дека со барањето за заштита на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност, доставено до Уставниот суд на Република Македонија, всушност се бара инстанционо постапување на Судот по правосилна пресуда при невоедначена судска практика која е во надлежност на Врховниот суд на Република Македонија (член 101 од Уставот на Република Македонија), а тоа не е надлежност на Уставниот суд на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.126/2008
2 јули 2008 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски