Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 2 јули 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на
– Член 5 став 1,
– Член 5 став 3 во делот: „или кој го создал и во чија сопственост или владение се наоѓа“,
– Член 7 став 4 и
– Член 35 став 8 во делот: „критериумите, условите и“ од Законот за заштита на културното наследство („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2004 и 115/2007).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредби и делови од одредби од Законот за заштита на културното наследство означени во точката 1 од ова решение. Имено, по цитирање на членот 5 став 1 од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека оспорената одредба немала основ во Уставот, затоа што таква формулација не постоела во одредбите на членот 8 и членот 56 од Уставот. Сторед тоа, културното наследство не можело да биде темелна вредност на Република Македонија, како што на пример била правната заштита на сопственоста од членот 8 став 1 алинеја 6 од Уставот, бидејќи Уставот на преден план ја истакнувал приватната сопственост во нејзиниот индивидуален вид (член 30), во однос на културното наследство. Според тоа, одредбата ги повредув ала член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 56 од Уставот.
По однос на делот од членот 5 став 3 од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека ги повредувал темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени во Уставот, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста од член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 6 од Уставот, член 30, член 51 и член 54 од Уставот на штета на лицето кое го создало културното наследство и во чија сопственост или владение се наоѓа. Во прилог на ваквата теза, подносителот на иницијативата укажува на содржината на член 8 став 1 и член 143 од Законот за сопственост и други стварни права и член 10 став 4 точки 1 и 2 од Законот за заштита на културното наследство.
Подносителот на иницијативата, за оспорениот член 7 став 4 од Законот, наведува дека сопствениците и другите иматели на културно наследство не можеле да бидат субјекти на заштита, како што било предвидено во одредбата, затоа што културното наследство е добро од општ интерес за Републиката и таа со нејзините институции и органи го гарантира заштитувањето, унапредувањето и збогатувањето на историското и уметничкото богатство, а не сопствениците и другите иматели на културното наследство. Потоа, подносителот на иницијативата го цитира членот 56 став 3 (погрешно означен како став 4) од Уставот и наведува дека, остварувањето на заштитата на културното наследство е должност и одговорност на државата и нејзините орга ни и јавните служби, единиците на локалната самоуправа и нивните органи и јавни служби и правните и физичките лица, определени за вршење на работите на заштита на културното наследство согласно со предметниот закон, а не на сопствениците и другите иматели на културното наследство, како што било определено во оспорениот член 7 став 4 од Законот.
По однос на делот: „критериумите, условите и“ од членот 35 став 8 од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека критериуми и услови можеле да се пропишуваат само со закон, а не со подзаконски акт, како што било предвидено во оспорениот дел, особено што во Законот немало рамка и параметри кон кои требало да се придржува министерот при донесување на подзаконскиот пропис. Оттаму, со оспорениот дел од членот 35 став 8 од Законот се повредувале член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2 и член 96 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека, според содржината на оспорениот член 5 став 1 од Законот, културното наследство е темелна вредност на Република Македонија што се заштитува во секакви околности.
Според член 5 став 3 од Законот, културното наследство се заштитува според неговите вредности, значење и степен на загрозеност, без оглед на времето, местото и начинот на создавањето или кој го создал и во чија сопственост или владение се наоѓа, како и без оглед дали е од световен или религиозен карактер и на која конфесија припаѓа или дали е регистрирано. Одредбата се оспорува во делот: „или кој го создал и во чија сопственост или владение се наоѓа“.
Според оспорениот член 7 став 4 од Законот, сопствениците и другите иматели на културното наследство се одговорни за одржувањето, чувањето, почитувањето и правилното користење на културното наследство и имаат права и должности утврдени со овој и друг закон.
Според членот 35 став 8 од Законот, министерот за култура ги пропишува критериумите, условите и начинот на вршење на валоризација, категоризација и ревалоризација, содржината на елаборатите и начинот на обезбедување на ревизијата. Одредбата се оспорува во делот: „ критериумите, условите и“.
4. Според членот 8 став 1 алинеи 1, 3, 4 и 6 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и правната заштита на сопственоста.
Според членот 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување (став 1). Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата (став 2). Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (став 3).
Според членот 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Според членот 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес на Републиката и уживаат посебна заштита. Според Амандманот IX на Уставот, со кој е заменет ставот 2 на членот 56 од Уставот, Републиката гарантира заштита, унапредување и збогатување на историското и уметничкото богатство на Македонија и на сите заедници во неа како и на добрата кои го сочинуваат без оглед на нивниот правен режим.
а) Тргнувајќи од содржината на оспорениот член 5 став 1 од Законот, произлегува дека културното наследство е темелна вредност на Република Македонија што се заштитува во секакви околности. Во продолжение на одредбата (став 2) е определено дека заштитата на културното наследство е од јавен интерес и се остварува задолжително на целата територија на Република Македонија. Притоа, членот 2 од Законот определил дека културно наследство во смисла на овој закон се материјални и нематеријални добра кои што, како израз или сведоштво на човековото творештво во минатото и сегашноста или како заеднички дела на човекот и природата, поради своите археолошки, етнолошки, историски, уметнички, архитектонски, урбанистички, амбиентални, технички, социолошки и други научни или културни вредности, својства, содржини или функци и, имаат културно и историско значење и заради нивната заштита и користење се наоѓаат под правен режим согласно со овој и друг закон.
Оттаму, материјалните и нематеријални добра со посебно културно и историско значење или со еден збор културното наследство, според оспорената одредба од членот 5 став 1 од Законот е определено како темелна вредност на Република Македонија што се заштитува во секакви околности. Тоа што заштитата на сопственоста е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија (член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот), односно околноста што членот 8 од Уставот посебно не го утврдува културното наследство како темелна вредност на уставниот поредок не значи само по себе дека не постојат други вредности што треба да бидат посебно заштитени и третирани и тоа, во овој случај, не како темелни вредности на уставниот поредок-уредување, туку како темелни вредности на Република Македонија-државата. Значи станува збор за две темелни вредности: на уставниот поредок на Републиката и на самата Репубика.
Според тоа, заштитата на културното наследство определена како темелна вредност на Република Македонија врз основа на оспорениот член 5 став 1 од Законот не го повредува членот 8 став 1 алинеја 6 од Уставот, односно заштитата на сопственоста, особено што и добрата што се определени како културно наследство се нечија сопственост, вклучувајќи ја и приватната, индивидуална и како такви ја уживаат правната заштита на сопственоста. Впрочем, културното наследство со кое располага една држава и неминов но бара да биде издигнато на ранг на темелна вредност и секогаш подлежи на заштита заради негово зачувување, промовирање и пренесување на идните генерации.
Од друга страна имајќи предвид дека оспорената одредба не го разграничува културното наследство според видот на сопственост и не и дава примат на приватната, наспроти другите видови сопственост, произлегува дека не може да се прифати како основан наводот за поведа на членот 30 од Уставот.
Исто така, имајќи ја предвид содржината на цитираните законски одредби и посебно содржината на членот 5 став 2 од Законот, според кој заштитата на културното наследство е од јавен интерес и се остварува задолжително на целата територија на Република Македонија, Судот оцени дека оспорениот член 5 став 1 од Законот е во согласност со членот 30 од Уставот. Имено во ставовите 2 и 3 на оваа одредба е определено дека сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата и никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, како што е во конкретниот случај.
По однос на можната повреда на членот 8 став 1 алинеја 3, членот 51 и членот 56 од Уставот, во иницијативата не се содржани посебни причини за оспорување.
б) Тргнувајќи од содржината на членот 5 став 3 од Законот, вклучувајќи го и оспорениот дел, произлегува дека одредбата не прави разлика по однос на тоа кој го создал, кој е сопственикот или во чие владение се наоѓа предме т што има карактер на културно наследство, како што наведува подносителот на иницијативата. Напротив, културното наследство се заштитува според неговите вредности, значење и степен на загрозеност, без оглед на времето, местото и начинот на создавањето, кој го создал, кој е сопственик, кој владее со доброто, дали има световен или религиозен карактер, на која конфесија припаѓа или дали е регистрирано. Оттаму, во овој случај подносителот на иницијативата погрешно го толкува оспорениот дел и како да ја нема предвид целината на одредбата, која акцентот го става на вредноста, значењето и степенот на загрозеност како фактори од значење за заштита на сопственоста, но не го акцентира видот на сопственост или пак други околности.
Врз основа на наведеното произлегува дека оспорениот дел од членот 5 став 3 од Законот во никој случај не може да се окарактеризира како одредба што оди на штета на лицето кое го создало културното наследство и во чија сопственост или владение тоа се наоѓа, како што смета подносителот на иницијативата. Според тоа, несновани се наводите за повреда на членот 8 став 1 алинеја 6 и членот 30 од Уставот.
По однос на можната повреда на членот 8 став 1 алинеи 1 и 3, членот 51 и членот 54 од Уставот во иницијативата не се наведени причини за оспорување.
в) Тргнувајќи од изолираната анализа на оспорениот член 7 став 4 од Законот, без да се има предвид целината на членот 7, како и целината на Законот, произлегува дека само сопствениците и другите иматели на културното наследство се одговорни за о држувањето, чувањето, почитувањето и правилното користење на културното наследство и имаат права и должности утврдени со овој и друг закон. Но од анализата на целината на Законот и посебно содржината на членот 7 се доаѓа до поинаков заклучок.
Имено, како субјекти на заштитата, според целината на членот 7 од Законот се определени покрај сопствениците и имателите на културното наследство (оспорениот став 4), државата и нејзините органи и јавни служби кои имаат првенствена должност и одговорност за оставување на заштитата (став 1). Потоа, единиците на локалната самоуправа и нивните органи и јавни служби се одговорни за остварувањето на заштитата во рамките на нивните надлежности утврдени со овој и со друг закон (став 2), а правните и физичките лица, определени за вршење работи на заштитата на културното наследство согласно со овој закон се одговорни за остварување на заштитата во рамките на доверените овластувања (став 3). Конечно според ставот 4 на оваа одредба од Законот, грижата за културното наследство и неговото почитување е должност на секој граѓанин.
Оттаму, не само сопствениците и имателите на културното наследство туку и државата, нејзините органи и јавни служби, единиците на локалната самоуправа, правните и физички лица кои вршат директни работи за заштита на културното наследство и секој граѓанин со членот 7 од Законот се опфатени како субјекти на заштита на културното наследство и тоа секој со свои законски определени права и должности, со обврска за спроведување и извршување на посебни мерки на заштита.
Притоа од значење е податокот на Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство според кој најголемиот дел од недвижното културно наследство, околу 59% е во приватна сопственост, околу 18% е во сопственост на верските заедници, а околу 23% од вкупно евидентираното културно наследство е во државна сопственост.
Оттаму, приватните сопственици кај кои се наоѓа поголемиот дел од културното наследство, впрочем и како секој друг сопственик имаат должност да го чуваат и одржуваат културното наследство и тоа според пропишани мерки на заштита, како добри домаќини, а кога ќе им бидат предизвикани вонредни трошоци, заради извршување на одредена мерка на заштита, имателот на културното наследство, согласно членот 30 став 4 од Уставот има право на надоместок на вонредните трошоци, определени во членот 124 од Законот. Исто така, имателот на културното наследство има право и на правичен надоместок, од државата, поради трпењето на ограничувањата што произлегуваат од посебниот режим на заштита на културното наследство во негова сопственост или владение, согласно член 125 од Законот. Според тоа оспорената одредба е дел од системот на мерки што ги извршуваат сопствениците и имателите на културното наследство, како едни од субјектите на заштитата, се со цел одржување, чување, почитување и правилно користење на културното наследство.
Имајќи го предвид сето наведено произлегува дека е неоснован наводот во иницијативата во насока дека сопствениците и имателите на културното наследство не можат да бидат субјекти на заштита, како што предидува оспорената одредба, затоа што Републиката со нејзините органи и институции е таа која го гарантира заштитувањето, унапредувањето и збогатувањето на историското и културното наследство. Имено, одговорноста за одржувањето, чувањето, почитувањето и правилното користење на културното наследство од страна на сопствениците и другите иматели на културното наследство, според оспорениот член 7 став 4 од Законот не е еквивалент на заштитата, унапредувањето и збогатувањето на културното наследство како изворни уставни гаранции на Репубиката, според Амандманот IX на Уставот, бидејќи таквата гаранција се однесува без оглед на правниот режим. Впрочем за да таквата гаранција се операционализира свој придонес треба да имаат сите субјекти, меѓу кои и сопствениците и другите иматели на културното наследство.
Врз основа на наведеното Судот оцени дека оспорениот член 7 став 4 од Законот е во согласност со членот 56 и Амандманот IX на Уставот.
г) Согласно членот 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 68 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, меѓу другото, го донесува и изменува Уставот и донесува закони и дава автентично толкување на законите.
Според членот 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките н а Уставот и законите и за својата работа се одговорни пред Владата.
Членот 35 став 8 од Законот се оспорува во делот: „критериумите, условите и“ од причина што според подносителот на иницијативата смета дека во Законот не постоеле рамка и параметри врз основа на кои министерот за култура требал да се придржува при донесувањето на подзаконскиот акт.
Направената анализа на законските одредби го покажа спротивното. Имено, според член 11 точка 4 од Законот, “валоризација” е стручна и научна процена на вредностите и својствата на добрата според утврдени критериуми, во функција на нивно ставање под заштита и подведување под соодветен режим на заштита. Според точката 6 од истиот член од Законот, “категоризација” е определување на степенот на значење на културното наследство во јавен интерес, во функција на пропишување соодветен режим на заштита, утврдување на приоритетите во заштитата, разграничување на надлежностите и примена на ратификуваните меѓународни договори. Според точката 5, “ревалоризација” е стручно и научно преоценување на вредностите и својствата на културното наследство, во функција на потврдување, проширување, засилување или намалување на дејството на заштитата, вклучувајќи и нејзино изземање или престанување. Потоа членот 28 од Законот определува што преставува културно наследство од исклучително значење и културно наследство од особено значење.
Во членот 34 став 1 точки 1 и 2 од Законот е определено дека, заштитна евиденција според одредбите на овој закон се води за: културното наследство и добрата за кои основано се претпоставува дека претставуваат културно наследство и движните добра чија земја на потеклото е Република Македонија, а се наоѓаат во странство по која било основа и без оглед кога се однесени, доколку претставуваат интерес од гледна точка на нивната реституција во земјата (дисперзирано културно наследство) и движните добра кои се дел од културното наследство на друга држава, а се наоѓаат на територијата на Републиката ( странско културно наследство). Според ставот 2 на истиот член од Законот, за наведените добра се води основна, матична и централна евиденција, како и дополнителни и посебни евиденции утврдени со овој и друг закон и со меѓународни договори. Понатаму, одредбата уредува кој ја води евиденцијата според нејзиниот вид, со определба (став 6) дека соодветни субјекти вршат ревизија на наведените видови евиденции.
Во членот 35 од Законот, меѓу другото, е определено што преставува предмет на валоризација и предмет на ревалоризација, кои лица, институции и во какви случаи изработуваат елаборат за валоризација, односно елаборат за ревалоризација.
Имајќи ја предвид содржината на наведените законски одредби во контекст на оспорениот дел од членот 35 став 8 од Законот произлегува дека е неоснован наводот од иницијативата дека во конкретниот случај не постоеле рамка и параметри врз основа на кои министерот за култура требал да се придржува при донесувањето на подзаконскиот акт. Имено, дефинирањето на поимите валоризација, категоризација и равалоризација, како сегменти на стру чната и научна процена на вредноста на културното наследство, потоа определувањето на домашното, дисперзираното и странско културно наследство, дефинирањето на видовите на евиденција и субјектите што ја водат евиденцијата, како и дефинирањето на видовите елаборати и субјектите што ги изготвуваат елаборатите, потоа поделбата на културното наследство на наследство од исклучително и особено значење, според оцена на Судот, се доволна законска рамка и параметар за да врз основа на нив министерот за култура го донесе соодветниот подзаконски акт. Притоа, треба да се има предвид и тоа што поконкретно определување на други показатели и параметри што би ги содржеле валоризација, категоризација, ревалоризација, содржината на елаборатите и начинот на обезбедување на ревизијата практично и не е возможно заради мноштвото на видови културно наследство и карактеристиките на секое едно добро со таков карактер.
Оттаму, овластувањето на министерот за култура врз основа на оспорениот дел од член 35 став 8 од Законот, да ги пропише критериумите, условите и начинот на вршење на валоризација, категоризација и ревалоризација, содржината на елаборатите и начинот на обезбедување на ревизијата е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 4, член 68 став 1 алинеи 1 и 2 и член 96 од Уставот.
Тргнувајќи од напред наведеното, според Судот, произлегува дека оспорениот член 5 став 1, член 5 став 3 во делот: „или кој го создал и во чија сопственост или владение се наоѓа“, член 7 став 4 и член 35 став 8 во делот: „критериумите, условите и“ од Законот за заштита на културното наследство се во согласност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.75/2008
2 јули 2008 година
С к о п ј е
мл
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски