85/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 02 јули 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за избор на судии на Основниот суд Гостивар бр.07-307/1 од 11.02.2008 година, и Одлуката за избор на судии на Основниот суд Гостивар бр.07-714/1 од 30.03.2008 година, и двете донесени од Судскиот Совет на Република Македонија.

2. Милко Јовановски од Гостивар, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законистоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иниција­тивата, иако на конкурсот за избор на судии во Основниот суд во Гостивар поднеле пријава околу 32 учесници од Македонската националност и околу 15 учесници од Албанската националност, Судот за албанските судии веднаш и без пречки одлучувал според списокот кој бил даден од владеачката партија Демократската Партија на Албанците која била во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

Подносителот на иницијативата наведува дека, исто така, за македонците бил доставен список од ВМРО – ДПМНЕ Гостивар само за тројца кандидати. Притоа, овие три членови биле ставени на гласање и додека другите едноставно биле отфрлени при гласањето и со примена на бадинтер не ги добиле потребните гласови така што Судскиот совет врз основа на тоа го поништил првиот и распишал втор конкурс.

Според иницијативата, ако едно лице било ставено на гласање и не добило потребен број на гласови, тогаш немало повторно право на избор, бидејќи од постоечките 32 кандидати требало да се продолжи со изборот од останатите, а не да се поништи конкурсот, што било спортивно на Законот за судови и Законот за судски совет, односно позитивните законски прописи.

Поради наведените причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одлуки.

3. Судот на седницата утврди дека Судскиот Совет на Република Македонија на седницата одржана на 6 февруари 2008 година донесе Одлука за избор на судии на Основниот суд Гостивар. Во точката 1 од оспорената одлука е утврдено дека за судии на Основен суд Гостивар се избрани: Африм Јакупи-стручен соработник во Основниот суд Гостивар; Јетмир Хамзаи-соработник за правни работи АД „МАК“; Сејфула Османи-стручен соработник во Основен суд Гостивар; Агим Мислими-адвокат; Бесим Реџепи-адвокат; Рафис Идризи-виш советник во СВР Гостивар и Себаедин Даути-инспектор во СВР Гостивар, а во точката 2 од оспорената одлука е утврдено дека таа влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија“.

Судот на седницата, исто така, утврди дека Судскиот Совет на Република Македонија на седницата одржана на 31 март 2008 година донесе Одлука за избор на судии на Основниот суд Гостивар. Во точката 1 од оспорената одлука е утврдено дека за судии на Основниот суд Гостивар се избрани: Ќирко Михајлоски, адвокат од Гостивар, и Весна Попоска, адвокат од Гостивар. а во точката 2 од оспорената одлука е утврдено дека таа влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија“.

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од називот и содржината на оспорените одлуки неспорно произлегува дека се поединечни акти со кои се избираат судии на Основниот суд во Гостивар, а не се прописи со кои на општ начин се уредуваат определени односи, односно прашања на неопределен број на субјекти во правото, што е карактеристично за секој вид на пропис.
Со оглед на тоа што оспорените одлуки не се пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку се поединечни, односно конкретни акти, Судот оцени дека не е надлежен да ја оценува нивната согласност со Уставот и Законот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.85/2008
02 јули 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски