83/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 18 јуни 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 43 став 8 од од Законот за градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.53-2001 и 97/2001-исправка).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 43 став 8 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба била неприменлива од причина што Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.225/2001 од 15 јануари 2003 година, го укинал членот 43 став 7 од Законот, односно оспорениот став се надоврзувал на сега укинатата законска одредба поради што не можел самостојно да опстојува во правниот поредок на Република Македонија. На овој начин се нарушувала темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија-владеењето на правото од членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека, според членот 43 став 8 од Законот за градежното земјиште, на експроприраната недвижност од ставот 7 на овој член, општината, односно градот Скопје не плаќа надоместок за закуп во однос на Републиката.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок.

Според член 51, од Уставот, пак, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите.

Во членот 43 став 7 од Законот за градежното земјиште кој беше укунат од Уставниот суд со Одлука У.бр.172/2001 од 10 јули 2002 година беше предвидено дека: „Експропријација на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа на земјиште, згради и други објекти (недвижности), заради изградба на објекти на инфраструктурата предвидени со Програмата за уредување на градежното земјиште, се врши во корист на Републиката, а за сметка на општините, односно градот Скопје.“

На содржината на вака укинатата одреда се надоврзува содржината на оспорениот член 43 став 8 од Законот, кој предвидува на експроприраната недвижност од ставот 7 на членот 43, општината, односно градот Скопје да не плаќа надоместок за закуп во однос на Републиката.

Според содржината на член 31 став 2 од Законот, општините, односно градот Скопје засноваат право на долготраен закуп на градежно земјиште во сопственост на Република Македонија, по пат на непосредна спогодба, без надоместок.
Оттаму, при состојба кога Уставниот суд на Република Македонија во постапката по предметот У.бр.172/2001 утврдил дека членот 73 став 7 од Законот предвидувал обврски за општините и за градот Скопје, односно предвидувал товарот на експропријацијата да падне врз општините и врз градот Скопје што не било во согласност со член 30 од Уставот, произлегува дека опстојувањето на оспорениот член 43 став 8, кој се надоврзува содржински на укинатата одредба се доведува во прашање. Имено, со самото тоа што товарот на експропријацијата не може да падне врз општините и градот Скопје ослободувањето од нивната обврска да плаќаат надомест за закуп во однос на Републиката станува безпредметно. Воедно се имаше предвид и законското решение од членот 31 став 2 од Законот според кое правото на долготраен закуп на градежното земјиште сопственост на Република Македонија општините, односно градот Скопје го засноваат по пат на непосредна спогодба, без надоместок.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, анализата на укинатата одредба и содржината на оспорената одредба од член 43 став 8 од Законот, Судот оцени дека оспорената одредба не може да опстане самостојно во правниот поредок со повикување на содржината на укината одредба, бидејќи со тоа се доведува во прашање начелото на владеењето на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседа­те­лот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.83/2008
18 јуни 2008 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски