Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 јуни 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 7-б и член 9 од Законот за продажба на станови во општествена сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/1990, 62/1992, 7/1998 и 24/2003).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката за евидентирање на станови како државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр. 94/2001) донесена од Владата на Република Македонија.
3. Петар Баришиќ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од Законот и оспорената Одлука не биле во согласност со членот 30 од Уставот, бидејќи на сопствениците на становите и на нивните правни следбеници им се одземале правото на сопственост и правото на праведен надомест во случај на одземање на сопственоста.
4. Судот на седницата утврди дека Законот за продажба на станови во општествена сопственост предвидел во член 7-б дека становите изградени со здружени средства по било кој основ, а кои се заведени на поранешни претпријатија или установи, како и становите на претпријатијата кои се ликвидирани, приватизирани или се во стечај и деловите од заедничките простории адаптирани во станбен простор, се државна сопственост.
Со становите од ставот 1 на овој член, управува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија.
Владата на Република Македонија ги евидентира становите и лицата што ги користат становите од ставот 1 на овој член.
Со членот 9 од Законот е предвидено дека средствата остварени од продажба на становите се приход на Буџетот на Република Македонија.
5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Со членот 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.
Законот за продажба на станови во општествена сопственост ги уредува условите, начинот и постапката за продажба на становите во општествена соспственост.
Според оспорените одредби од членот 7-б и членот 9 од овој закон, како државна сопственост претставуваат становите изградени со здружени средства и заведени на општествени претпријатија кои престанале да постојат (поранешни, ликвидирани, приватизирани, под стечај итн.), потоа со овие станови во државна сопственост управува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија и Владата ги евидентира, што значи со Законот веќе има определен титулар од кој носителите на станарско право можат да ги купат становите, а средствата се приход на Буџетот на Република Македонија.
Со оспорените одредби од Законот се уредени имотни односи кои произлегуваат од општествената сопственост, со цел продажба на становите и стекнување на право на сопственост на носителите на станарско право при што државата не располага со имот на кој постои право на сопственост на правни и физички лица.
Со оглед на тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето на уставноста на оспорените одредби од Законот, од причините изнесени во иницијативата.
6. Во однос на оспорената Одлука, Судот со Решение У.бр.5/2003 од 2 јули 2003 година утврдил дека таа не е во правниот поредок и престанала со Одлука на Владата на Република Македонија од 9 јули 2003 година, за престанување на важноста на Одлуката за евидентирање на станови како државна сопственост, поради што поднесената иницијатива во тој предмет, ја отфрлил.
Согласно членот 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со оглед на тоа, во случајов за оспорената Одлука се настапени условите за отфрлање на иницијативата.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.70/2008
18 јуни 2008 година
С к о п ј е
лк/сд
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски