Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 јуни 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Решението за избор на заменик на Градоначалникот на општина Аеродром, бр. 07-3121/3 од 7 мај 2008 година, донесено од Советот на општина Аеродром, („Службен гласник на општина Аеродром“ број 7/2008).
2. Марија Тодоровска од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспореното решение не било во согласност со членот 36 од Законот за локалната самоуправа поради тоа што со одредбите од овој закон, ниту со друг закон, не било предвидено советот на општината да избира заменик на градоначалникот на општината.
3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Аеродром, го донел оспореното решение, со кое во членот 1 утврдил дека со ова решение се врши избор на заменик на Градоначалникот на општина Аеродром.
Со членот 2 од ова решение е утврдено дека за заменик на Градоначалникот на општина Аеродром се избира членот на советот на општина Аеродром, проф. д-р Југослав Зибероски, а во членот 3 е определено дека на избраното лице му мирува функцијата член на Советот за времето кога го заменува Градоначалникот.
Со членот 4 е определено дека ова решение стапува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на општина Аеродром“.
4. Согласно членот 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Судот оцени дека со оспореното решение се врши избор на определено лице за конкретна функција во општина Аеродром. Со оглед на тоа, оспореното решение има карактер на конкретен акт со кој се уредуваат внатрешни односи во општината Аеродром, и не се содржани општи норми со кои се уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин. Поради тоа, оспореното решение нема карактер на пропис подобен за уставносудска оцена и Судот не е надлежен да одлучува за неговата законитост, поради што се исполнети условите од членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и Игор Спировски.
У.бр.121/2008
18 јуни 2008 година
С к о п ј е
лк/сд
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски