241/2007-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 јуни 2008 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за поделба на Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар – Скопје, број 19-3888/1 од 26 јуни 2007 година, (“Службен весник на Република Македонија” бр.102/2007), донесена од Владата на Република Македонија.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесени иницијативи од Петре Илиевски, адвокат од Скопје, Стамен Филипов од Скопје, проф. д-р Зоран Караџов и проф. д-р Ѓорѓи Оровчанец од Скопје, со Решение У.бр.241/2007 од 5 март 2008 година, поведе постапка за оценување на уставноста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека врз основа на членот 91 став 2 од Законот за здравствена заштита, а во врска со членот 34 ставовите 1 и 2 од Законот за установите, Владата на Република Македонија, донела Одлука за поделба на Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар – Скопје број 19-3888/1 од 26 јуни 2007 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.102/2007).

Со членот 1 од оваа Одлука, Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар – Скопје, се дели на 30 јавни здравствени установи кои се поодделно набројани.

Со членовите 2 – 31 од оваа Одлука, се уредува пооделно дека секој дел од единствената Јавна здравствена установа Универзитетски клинички центар – Скопје, како организациона единица институт или клиника за болничките дејности, понатаму продолжува да работи како посебна јавна здравствена установа за секоја болничка дејност, како и дека продолжува во секоја од нив да се изведува образовната дејност и научно-истражувачката дејност. Воедно, се определуваат и лицата вршители на должноста во одделните јавни здравствени установи.

Во членот 32 од оваа Одлука, посебно е уредено дека се организира и продолжува да работи како посебна Јавна установа за заеднички работи, од претходно постојните делови од Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар – Скопје, Организациона единица – заеднички служби и делот од Организационата единица – заеднички служби на хируршките клиники кој ја опфаќа централната стерилизација и општотехничките работи.

Според членот 33 од оваа Одлука, уписот во Централниот регистар на Република Македонија на јавните здравствени установи од членот 1 и јавната установа од членот 32 од оваа Одлука, ќе се изврши во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на оваа одлука. Со денот на уписот, тие ги преземаат вработените, просторот, опремата, средствата за работа и објектите во кои организационите единици ги вршат дејностите.

Со членот 34 од оваа Одлука, е определено дека во рок од 3 месеци од денот на уписот во Централниот регистар на Република Македонија, ќе се изврши донесувањето на статутот, изборот на членовите на органот на управувањето и именувањето на директорите на јавните здравствени установи.

Според членот 35 од оваа Одлука, средствата за работа на јавните здравствени установи од членот 1 и јавната установа од членот 32 на оваа одлука, ќе се обезбедуваат од Фондот за здравственото осигурување на Македонија врз основа на склучување на договор, како и од сопствени приходи.

Според членот 36, актите на Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар – Скопје, продолжуваат да се применуваат најдоцна до шест месеци од денот на влегувањето во сила на оваа одлука.

Со членот 37 е определено дека јавните здравствени установи ќе склучат договори за уредување на меѓусебните односи со јавната установа од членот 32 на оваа одлука.

Според членот 38 од оваа одлука, со денот на уписот во Централниот регистар на Република Македонија јавната установа од членот 32 од оваа одлука ги презема побарувањата и долговите настанати до денот на уписот на јавните здравствени установи во Централниот регистар на Република Македонија.

Побарувањата и долговите од Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар – Скопје настанати по денот на уписот на јавните здравствени установи и јавната установа, ги преземаат јавните здравствени установи, и јавната установа од член 32.

Со членот 39 од Одлуката е определено дека со денот на влегување во сила на оваа одлука престанува да важи Одлуката за основање на Клинички центар – Скопје (“Службен весник на Република Македонија” број 20/1996) која е донесена од Собранието на Република Македонија.

Според членот 40 оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

Одлуката е објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.102/2007 на 22 август 2007 година и влегла во сила на 23 август 2007 година.

5. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно членот 61 од Уставот, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката, а согласно членот 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт, а своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Законот за здравствена заштита во периодот од неговото донесување во 1991 година до измените и дополнувањата на овој закон во 2004 година, со членот 91 став 1 предвидел дека здравствена организација можат да основаат Републиката, правните и физичките лица, а во ставот 2 предвидел дека јавна здравствена организација може да основа Собранието на Република Македонија.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.10/2004), во членот 91 став 2 зборот “Собранието” се заменува со зборот “Владата”.

Со наведената законска измена е допуштено по влегувањето во сила на Законот, 15 март 2004 година, Владата на Република Македонија да основа јавна здравствена установа. Измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита од 2004 година важат за идни односи, меѓутоа не е уреден нов правен или преоден режим за основачот (Собранието) на претходно основана јавна здравствена организација и нема норми во Законот за статусни промени на правниот субјективитет на јавната здравствена установа чиј основач било Собранието.

Воедно, со членот 49 од овој закон, зборовите “здравствена организација” во текстот на Законот се заменуваат со зборовите “здравствена установа”, а клиничкиот центар како вид на здравствена установа согласно членот 95 од Законот, е дополнет како „Универзитетски клинички центар“.

Со Законот за установите (“Службен весник на Република Македонија” бр.32/2005 и 120/2005) кој како lex generalis има супсидиерна примена и се применува доколку со друг закон поинаку не е уредено, во членот 14 став 1 е предвидено дека јавна установа основа Собранието на Република Македонија со закон, односно Владата на Република Македонија со одлука. Меѓутоа, и во овој закон нема регулатива за нов правен режим на веќе основаните јавни установи пред неговото донесување, и Законот важи за идни односи.

Судот утврди дека во Законот за здравствена заштита не се содржани одредби со кои се уредува статусна промена на правниот субјективитет на јавната здравствена установа која веќе била основана од Собранието на Република Македонија, туку е дозволено по влегувањето во сила на наведените измени и дополнувања на Законот да се основаат јавни здравствени установи од страна на Владата на Република Македонија.

Со оглед на тоа не е спорно дека со закон не е регулирано прашањето за нови статусни промени на правниот субјективитет на јавната здравствена установа чиј основач било Собранието. Имено, законодавецот допуштил во правниот поредок да постојат Собранието на Република Македонија и Владата на Република Македонија како основачи на јавни здравствени установи, соодветно дали е тоа пред или по 2004 година.

Врз основа на членот 91 став 2 од Законот за здравствената заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/1991, 46/1993 и 55/1995), Собранието на Република Македонија донело Одлука за основање на Клинички центар – Скопје, број 08-1402/1 од 17 април 1996 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/1996).

Во време на донесување на оваа Одлука, Собранието на Република Македонија било единствено овластено со членот 91 став 2 од Законот за здравствена заштита да биде основач на јавна здравствена установа, и врз основа на овој законски основ и преодната регулатива од одредбите на овој закон, Собранието на Република Македонија со Одлуката од 1996 година станало основач на конкретната јавна здравствена организација – Клинички центар со седиште во Скопје на основата од ООЗТ Клиники.

По влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита во 2004 година е предвидено основач на јавна здравствена установа да биде Владата на Република Македонија, и е даден законски основ во идните односи како основач да биде Владата на Република Македонија. Меѓутоа, со оспорената Одлука за поделба на јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар – Скопје, Владата на Република Македонија се појавува во својство на основач на нови јавни здравствени установи и својство на правен субјект кој укинува постоење на јавна здравствена установа на друг основач (Собранието).

Судот утврди дека правниот основ на кој се заснова оспорената Одлука се членот 91 став 2 од Законот за здравствена заштита, кој се однесува на правото Владата да биде основач, и членот 34 ставови 1 и 2 од Законот за установите, кои го уредуваат правото основачот да одлучува установата да се пропои кон друга установа, две или повеќе установи да се спојат во една установа или установата да се подели на две или повеќе установи, како и основачот да може да одлучи дел од установата (организациона единица) да се припои кон друга установа или да се организира како самостојна установа.

Со членот 34 од Законот за установите за идните односи е утврдено тоа право на основачот на установата, а во ставот 3 е определено дека само со закон и статут на установата може да се уреди начинот на донесувањето на одлуката за статусни промени.

Во случајов врз основа на Одлуката од 1996 година Собранието е основач на Клиничкиот центар – Скопје, а со членот 39 од оспорената Одлука Владата утврдила дека со денот на влегување во сила на оваа одлука престанала да важи Одлуката за основање на Клинички центар – Скопје донесена од Собранието на Република Македонија.

Оваа Одлука не се заснова на закон за уредување на статусните промени односно укинување на јавната здравствена установа основана во поранешен период, и Одлуката не е донесена од основачот на установата, односно од Собранието на Република Македонија.

Оттука, Судот утврди дека Владата спротивно на уставно утврдените принципи пристапила кон донесување и ја донела оспорената Одлука, со која го укинала постоењето на порано основаната јавна здравствена установа на која таа не била оснивач и на нејзината материјална база одлучила да биде основач на нови јавни здравствени установи. Ваквите дејствија Владата ги спровела со подзаконски акт и без законски правен или преоден режим на уредување на односите кои настанале и постоеле од претходниот период. Поради тоа, Одлуката на Владата на Република Македонија уредува права и односи кои се законска, а не подзаконска материја и е акт на одлучување кој не е донесен од основачот на установата, ниту пак има конкретно овластување од Собранието како основач на таквата установа.

Судот утврди дека со оспорената одлука Владата на Република Македонија како носител на извршната власт одлучувала за права и обврски кои се однесуваат на Собранието на Република Македонија а кои се непосредно поврзани со укинувањето на јавната здравствена установа основана од Собранието на Република Македонија, таа ја дерогирала односно отстранила од правниот поредок Одлуката на Собранието на Република Македонија, и со тоа дирекно ги повредила уставните принципи на владеењето на правото и поделбата на власта, со мешање на извршната во законодавната власт спротивно на одредбите од членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.241/2007
11 јуни 2008 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски