Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и членoт 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 11 јуни 2008 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ ПОНИШТУВААТ
– делот „на возраст до 40 години“ од **Индикации:-АРТ на кодот „G03GA01-Chronic gonadotropin (human i rekombinanten)** и
– делот: „на возраст до 40 години“ од ***Индикации:-АРТ на кодот: „G03GA06-Folitropin beta***, од насловот „Лекови кои делуваат на генитоуринарниот тракт и полови хормони“ од Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија„ бр.102/2007 и 104/2007-исправка).
2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се донесени, односно преземени врз основа на деловите од актот означени во точката 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.
4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативи на Снежана Ивановска и Валентина Талевска, двете од Битола со Реѓение У.бр.249/2007 од 2 април 2008 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на деловите од Листата означена во точката 1 од оваа одлука бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 34 и членот 39 од Уставот, како и со членовите 9 и 10 од Законот за здравственото осигурување.
5. Судот на седницата утврди дека, Листата на лекови е составена во форма на табеларен преглед и истата, меѓу другото, го содржи насловот: „Лекови кои делуваат на генитоуринарниот тракт и полови хормони“ со поднаслов: „Полови хормони и други лекови со дејство на генитален систем“ во кој се содржани оспорените делови, предмет на уставно-судска оцена. Табеларниот преглед по однос на овие делови е сочинет на следниов начин:
G03GA01 Chronic gonadotropin (human i rekombinanten)** 250U P инјекции СРЈ *
G03GA02 Human menopausal gonadotropin*** 30U P инјекции СРЈ *
G03GA04 Urofolitropin*** 75U P инјекции СРЈ *
G03GA05 Folitropin slfa*** 75U P инјекции СРЈ *
G03GA06 Folitropin beta*** 75U P инјекции СРЈ *
**Индикации:
– АРТ до три обиди за лекување на жена на возраст до 40 години
Кај крипторхизам вкупно три инјекции (1 неделно 1500-5000U)
***Индикации:
– АРТ до три обиди за лекување на жена на возраст до 40 години
Во наведениот наслов, како и кај другите наслови, се утврдени лековите за третирање на одделни заболувања според нивниот код, генеричко име, единица мерка, начин на примена, фармацевстка докажана форма, јачина и режим на препишување. Ознаката „*“ ставена кај кодовите G03GA01, G03GA02, G03GA04, G03GA05 и G03GA06 (инјекции) според легендата на Листата определува дека станува збор за лек што се применува во болнички услови. Оспорените делови, гласат: „на возраст до 40 години“.
6. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, поли-тичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
Според членот 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а според членот 39 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.
Правото на здравствено осигурување е уредено со Законот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006 и 36/2007).
Според членот 1, со овој закон се уредува здравственото осигурување на граѓаните, правата и обврските од здравственото осигурување, како и начинот на спроведување на здравственото осигурување.
Во точката 1. Основни здравствени услуги е содржан членот 9, според чиј став 1 а) точка 8 од Законот, во примарната здравствена заштита како основна здравствена услуга спаѓаат лекови според листата на лекови што со општ акт ја утврдува Фондот, како купувач на здравствени услуги, на кој министерот за здравство дава согласност. Според ставот 1 в) точка 2, како основна здравствена услуга во болничката (краткотрајна и долготрајна) здравствена заштита спаѓаат лекови според листата на лекови што со општ акт ја утврдува Фондот, како купувач на здравствени услуги, на кој министерот за здравство дава согласност, како и помошни материјали кои служат за примена на лековите и санитетскиот и друг материјал потребен за лекување.
Во точката 2. Здравствени услуги кои не се опфатени со задолжителното здравствено осигурување е содржан членот 10 од Законот. Во точката 11 од оваа одредба од Законот е определено дека со задолжителното здравствено осигурување не се опфатени, меѓу другите, здравствената услуга-вештачко оплодување по трет неуспешен обид за оплодување.
Во одредбите од Закон за здравствената заштита (“Службен весник на Република Македонија” број 38/91, 46/93, 55/95, 10/2004, 84/2005, 111/2005, 65/2006 и 5/2007) не се среќаваат одредби во кои остварувањето на правото на основна здравствена заштита по однос на било кое заболување е ограничено со возраста на осигуреникот-пациент.
Тргнувајќи од содржината на членот 34 од Уставот произлегува дека правото на здравствена заштита на граѓаните се обезбедува преку систем на здравствено осигурување како дел од социјалното осигурување во поширока смисла и дека правата што произлегуваат од тоа се уредуваат со закон и со колективен договор.
Имајќи го предвид членот 39 од Уставот, со кој на секој граѓанин му се гарантира право на здравствена заштита, произлегува дека право е на државата, односно законодавецот да ги определи условите, начинот и средствата за задоволување на здравствените потреби на граѓаните, односно да ја вреднува општествената целисхо-дност на едно или друго решение и да создаде нормативна претпо-ставка за остварување на уставно загарантираните права на здра-вствена заштита.
Оттаму, пред Судот се јави неопходно како претходно прашање да утврди дали Листата на лекови може да биде норма-тивната претспоставка за остварување на загарантираните права на здравствена заштита и здравствено осигурување. Имено, од анализата на целината на Листата на лекови произлегува дека истата е сочинета во форма на тебеларен преглед, а според својата содржина и функција истата треба да преставува детализиран список на лекови кои паѓаат на товат на Фондот со означување на кодот, генеричкото име, едини-цата мерка и други податоци специфични за секој одделен вид лек, групирани според заболувањата кои се третираат со нив.
Тргнувајќи од називот на актот во кој се наоѓаат оспорените делови и намената за која тој треба да служи произлезегува дека Листата на лекови во принцип не може да има карактер на нормативен акт, туку треба да има карактер на технички акт, или акт за работење на здравствените работници (лекарите и аптекарите), како и акт врз основа на кој граѓаните добиваат сознание дали одделен лек паѓа на товар на Фондот или не, со цел да се обезбеди негова унифицирана примена од страна на органите кои се должни да го обезбедат нејзиното спроведување. До истиот заклучок се доаѓа и по однос на формата во која е донесен актот (табеларен преглед) и неговата содржина.
Меѓутоа, конкретната листа очигледно не се задржала на вака изнесениот начин на техничко определување, туку според оцена на Судот навлегла во уредување на правата на граѓаните преку внесување на деловите означени како „Индикации“, односно условот-граница на возраста на осигиреникот, кој како таков не е предвиден со закон. Притоа, како единствени законски услови за остварување на правото на здравствената услуга вештачко оплодување се утврдени статусот на осигуреникот и три неуспешни обиди за вештачко оплодување.
Според наведеното, произлегува дека за навлегувањето во нормативното уредување не постои овластување и основ во цитира-ните законски одредби, ниту пак правно е возможно во ваков вид на технички акти да се направи уредување на правата на граѓаните од каде се доведува во прашање владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна и извршна како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени во членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот.
Оспорените делови од актот, исто така, според оцена на Судот не се во согласност со членот 34 од Уставот, според кој граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, бидејќи во овој случај правото на социјално осигурување е уредено со акт, во кој не можат да се уредуваат или пак операционализираат права на граѓаните.
Понатаму, од цитираните одредби од Законот за здравстве-ното осигурување, неговата целина, како и целината на одредбите од Законот за здравствената заштита произлегува дека во нив не се среќаваат одредби кои го условуваат правото на здравствената услуга-вештачко оплодување со возраста на пациентот.
Според тоа, поради одсуство на возрасната граница како услов за остварување на наведеното право на осигурување постои и несогласност на оспорените делови од Листата со членовите 9 и 10 од Законот за здравственото осигурување.
Одредби за условување на правото на здравствената услуга-вештачко оплодување, според возрасната граница на пациентот, не се среќаваат ниту во Законот за генетски модифицирани организми („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2008) и Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување („Службен весник на Репу-блика Македонија“ бр.35/2008) како закони кои имаат допирни точки со зачнувањето по вештачки пат.
Врз основа на наведеното Судот оцени дека оспорените делови од Листата не се во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 34 и членот 39 од Уставот, како и со членовите 9 и 10 од Законот за здравственото осигурување.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Ова одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.249/2007
11 јуни 2008 година
С к о п ј е
мл
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски