11/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 јуни 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 107 и 108 од Законот за лекови и медицински помагала („Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2007).

2. Стамен Филипов од Скопје, и Богољуб Софрониевски, адвокат од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точка 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата на Стамен Филипов од Скопје со членот 108 ставови 5 и 10 од Законот за лековите и медицинските помагала се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претрпиемништвото од членот 8 став 1 алинеи 3, 5 и 7 како и членовите 30, 51, 54 и 55 од Уставот.

Во членот 30 став 4 од Уставот, се предвидувало дека во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Членот 55 од Уставот, меѓу другото предвидувал обезбедување на еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, а слободата на пазарот и претприемништвото можеле да се ограничат само со закон, единствено заради одбраната на Републиката, зачувување на природата, животната средина или здравјето на луѓето. Меѓутоа, со оспорените законски одредби, според подносителот на иницијативата се вршела повреда на загарантираното право на сопственост и ограничување на пазарот на начин што цената на лекот се определувала пониско од пазарната вредност на кој начин се повредувала еднаквата правна положба на субјектите на пазарот. Со тоа, се вршело изедначување на цените на лекот со производните цени на лекот што од уставно правен аспект е недопуштено бидејќи вредноста на лекот се создавала во производството во зависнот од многу фактори, како што се: соодветни простории, технологија, опрема, кадар за производство и друго (член 68 од Законот).

Оттука, производителот на лекот би требало да има неприкосновено право на својот производ слободно да ја формира и пазарната вредност без посредство на Агенцијата за лекови.

Со иницијативата се бара Судот да донесе решение за запирање на извршување на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорените законски одредби.

Според наводите во иницијативата на Богољуб Софрониевски од Скопје, оспорените одредби на членовите 107 и 108 од Законот, не биле во согласност со Уставот на Република Македонија бидејќи државата само во услови на епидемија, елементарни непогоди или вонредна состојба можела да ги утврдува и контролира цените на лековите.

Начинот на формирање на цените дефиниран во оспорените одредби, според наводите во иницијативата не бил во согласност со Уставот на Република Македонија односно со член 8 став 1 алинеи 6 и 7 и член 55 од Уставот, од причина што Законот само декларативно утврдувал дека цените се формирале слободно, а всушност биле под директна контрола и определување од страна на државата. Од слободното формирање на цените на лековите исклучени биле само лековите што се издаваат на рецепт и оние кои биле на листа на есенцијални лекови во кои влегувале најголем број на лекови. Ова ако се има во вид фактот дека за оние лекови кои не се издавале на рецепт и кои не биле на листата на есенцијални лекови важел начинот на формирање на цените според член 108 од Законот, односно на производната цена се додавала определена маржа.

Оттука, произлегувало дека начинот на формирање на цените бил нејасен и противречен бидејќи ги мешал поимите цена на производство и произовдна цена и истовремено бил дискриминаторски затоа што применувал различни маржи на одделни лекови во зависност од нивната производна цена. Имено, ставот 9 на членот 108 од оспорениот закон предвидувал ниска маржа за промет на големо во процентуален износ и истиот ограничувал со одреден апсолутен износ до 500 денари за промет на големо, односно до 1000 денари за промет на мало.

Од изнесените причини, според подносителот на иницијативата се повредувало начелото на слобода на пазарот при формирањето на цените на лековите, а кое по основ на слободна конкуренција требало да обезбеди што пониски цени со што се повредувало и правото на здравствена заштита на граѓаните кога преку овој начин на формирање на цените граѓаните не можеле да дојдат до неопходните лекови чија производна цена била релативно висока, а поради ниската маржа, производителите, односно дистрибутерите не биле заинтересирани да ги понудат на овој пазар. На овој начин преку пропишаниот начин на формирање на цените на лековите се обезвреднувало и загарантираното право на граѓаните на здравствена заштита со член 39 од Уставот. Предлага Уставниот суд да ги укине оспорените членови од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 107 од Законот за лекови и медицински помагала цените на лековите се формираат слободно освен за лековвите што се издаваат на рецепт и лековите што се на листата на есенцијални лекови.
Лековите што се издаваат на рецепт, односно лековите што се на листата на есенцијални лекови, можат да бидат во промет ако имаат формирана цена во согласност со овој закон.
Министерот за здравство донесува листа на есенцијални лекови неопходни за спроведување на здравствената заштита.

Според член 108 од истиот закон формирањето на цените на лековите се врши на начин што не е дискриминаторен и не дозволува дампинг.
Цената на лекот се формира од следниве елементи:
1) цена на производителот (во натамошниот текст: производна цена), изгразена во денари;
2) маржа за промет на големо и
3) маржа за промет на мало.

Цената на лековите во прометот на големо се пресметува како збир на елементите од ставот 2 точки 1 и 2 на овој член.
Цената на лековите во прометот на мало се пресметува како збир на елементите од ставот 2 на овој член.
Ако производителот ги снабдува здравствените установи со лекови од сопствената производна програма директно или преку сопствена веледрогерија согласно со членот 73 став 4 на овој закон, цената на лекот е идентична со производната цена на лекот.
Ако производната цена е во границите од 1,00 до 200,00 денари маржата за промет на големо изнесува до 15%, а маржата за промет на мало изнесува до 30% од производната цена.
Ако производната цена е во границите од 200,10 до 1.000,00 денари маржата за промет на големо изнесува до 13%, а маржата за промет на мало изнесува до 25% од производната цена.
Ако производната цена е во границите од 1.000,00 до 5.000,00 денари маржата за промет на големо изнесува до 11%, а маржата за промет на мало изнесува до 20% од производната цена.
Ако производната цена е над 5.000,10 денари маржата за промет на големо изнесува до 9% од производната цена, но не повеќе од 500,00 денари, а маржата за промет на мало изнесува до 15% од производната цена, но не повеќе од 1.000,00 денари.
Субјектите од членот 18 став 2 на овој закон и увозниците на лекови се должни да ја достават до Агенцијата производната цена на лекот.
Цената се одобрува од Агенцијата во рок од 20 дена од приемот на барањето.
Подносителот на барањето има право на жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението од ставот 6 на овој член до второстепената комисија за решавање во управна постапка од обаста на здравството при Владата на Република Македонија.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото.

Со членот 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понисок од пазарната вредност.

Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Законот за лековите и медицинските помагала ги уредува лековите и медицинските помагала за употреба во хуманата медицина, условите и начинот за обезбедување на нивниот квалитет, безбедност и ефикасност, начинот и постапките за нивно производство, испитување, ставање во промет, промет, формирање на цени, контрола на квалитет, огласување на инспекциски надзор (член 1 став 1).

Оспорените членови 107 и 108 од Законот, се содржани во Главата III од Законот, со наслов „Лекови“ и точката III.11 со поднаслов „Формирање на цени“.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека Уставот, определувајќи се за слобода на пазарот и претприемништвото и заштита на еднаквата правна положба на субјектите на пазарот како темелни вредности на уставниот поредок, а заради поттикнување на економскиот развој и благосостојба на потрошувачите, обезбедува слободна конкуренција на домашниот пазар и презема мерки за спречување на ограничување на конкуренцијата.

Имено, од изнесеното произлегува дека гарантираната слобода на пазарот и претприемништвото е една од темелните ввредности на уставниотт поредок на Република Македонија, која отвара широки можности за заживување на стопанството и приватната иницијатива во сите области на стопанскиот систем. Меѓутоа, слободата на пазарот и претприемништвото не може да се сфати како работа само на субјекти на пазарот бидејќи и државата како гарант на оваа слобода има значајна улога како регулатор на економските текови во стопанството воопшто.

Принципот на еднаквост на пазарните субјекти претпоставува еднаква правна положба на субјектите во вршењето на својата дејност. Во овој контекст државата е должна да презема определени мерки со цел да се спречи монополска положба и монполско однесување на пазарот, заштитувајќи ги на тој начин правилата на пазарот, конкуренцијата од една страна и обезбедување еднакви можности за сите субјекти да вршат определена дејност од друга страна.

Во насока на обезбедување на наведениот принцип во Законот за лековите и медицинските помагала се регулирани начинот и постапката за производство на лековите, нивниот промет и формирањето на цените на лековите кои се издаваат на рецепт.

Тргнувајќи од уставното начело на достапност на здравствената заштита, со Законот за лековите и медицинските помагала се регулира цената на лековите и се дефинира маржата на веледрогериите и аптеките. Според оспорениот член 107 од Законот, лековите што се издаваат на рецепт, односно лековите што се на листата на есенцијални лекови можат да бидат во промет ако имаат формирано цена во согласност со овој закон.

Од анализата на целината на Законот, а во контекст на наводите во иницијативите според Судот, произлегува дека право е на производителот да ја определи својата производствена цена, со што всушност Законот овозможува лојална конкуренција на ниво на производители.

Законското решение, Агенцијата за лекови како самостоен орган на државната управа, да ја одобри цената на лековите, според Судот, е во согласност со членот 55 од Уставот, од причина што со формирањето на цената на лековите од елементите децидно наведени во членот 108 од Законот, како и определувањето на процентот на маржата, се овозможува државата да ја контролира цената на лековите кои што се издаваат на рецепт, што е во смисла на уставната обврска предвидена во членот 55 став 2 од Уставот, односно Републиката да обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти и обврската Републиката да презема мерки против монополската положба и однесување на пазарот. Токму формирањето на цените на начинот предвиден во оспорениот член 108 од Законот, е една од мерките што државата ги презема заради обезбедување на еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и спречување на монополската положба и однесување на пазарот.

Имено, содржината на оспорениот член од Законот е одраз на улогата на државата во воспоставувањето на правилата на субјектите на пазарот со цел почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот како темелни вредности на уставниот поредок.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов, а по однос на член 108 став 9 од Законот решението е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.11/2008
11 јуни 2008 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски