59/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 11 јуни 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 34 точка 1 од Законот за одбрана („Службен весник на Република Македонија„ бр.42/2001, 5/2003 и 58/2006) и

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 20 став 1 точка 15 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот за одбрана, означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите од иницијативата ако се имале предвид член 18 точка 5, 8 и 9 и член 26 точка 4 од Законот за одбрана, според кој во извршувањето на работите и задачите од членот 25 став 1 од Законот, Генералштабот извршувал мобилизација на Армијата, ќе се утврдело дека оспорените одредби не биле во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 51, членот 79 став 2 и членот 122 став 1 од Уставот на Република Македонија. Исто така, оспорените одредби не можеле повеќе да постојат во уставно-правниот поредок и поради тоа што Уставниот суд со Одлука У.бр.135/2001 и 155/2001 од 18 септември 2002 година го укинал членот 28 став 2 од Законот.

При ваква состојба, доколку оспорените одредби останеле во сила и понатаму ќе се доведувало во прашање практичното спроведување на одредбите од членот 28 од Законот, според кој претседателот на Републиката е врховен командант на Армијата. Со единиците на Армијата непосредно командува началникот на Генералштабот на Армијата и командантите на воедните единици и установи, во согласност со прописите за командување донесени од претседателот на Републиката (член 18 точка 9). Командувањето во Армијата се заснова врз принципите на едностарешинството, субординацијата и единството во командувањето при употреба на силите и средствата. Во спротивно би имале посредно и двојно командување со Армијата и ќе се вршела поделба на функцијата на претседателот на Републиката како Врховен командант на вооружените сили и министерот за одбрана како старешина на органот на државната управа, а со самото тоа и до ограничување на ингеренциите на Врховниот командант во наредувањето, организирањето и спроведу-вањето на мобилизацијата на Армијата.

4. Судот на седницата утврди дека, според оспорениот член 20 став 1 точка 15 од Законот за одбрана, во остварувањето на одбраната Министерството за одбрана, меѓу другото, организира и спроведува мобилизација на Армијата.

Според оспорениот член 34 точка 1 од Законот, за подго-твување, спроведување и извршување на мобилизацијата на Армијата, меѓу другите, министерот за одбрана е одговорен за организирање и спроведување на мобилизацијата на Армијата. Во следните точки од истата одредба од Законот следува пропишување на одговорноста на началникот на Генералштабот по однос на подготвување и извршување на мобилизацијата на Армијата (точка 2) и на воените старешини во постојаниот состав на Армијата по однос на подготвување и извршување на мобилизација на формациските состави со кои командуваат (точка 3).

5. Согласно член 79 став 2 од Уставот на Република Македонија, претседателот на Република Македонија е врховен командант на вооружените сили на Македонија.

Според член 122 од Уставот, вооружените сили на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката (став 1). Одбраната на Република Македонија се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници (став 2)

Според член 1 од Законот за одбрана, одбраната на Република Македонија (во натамошниот текст: Републиката) се органи-зира како систем за одбрана на независноста и територијалниот интегритет на Републиката (став 1). Според ставот 2 на истиот член од Законот, одбраната на Републиката ја остваруваат граѓаните, органите на државната власт и вооружените сили како Армија на Република Македонија (во натамошниот текст: Армијата).

Во главата III од Законот, со наслов: „Надлежности на органите на државната власт“ е содржан членот 16, според чиј став 1, раководењето со одбраната се остварува во согласност со Уставот на Република Македонија и закон. Според ставот 2 од истата одредба од Законот, раководењето со одбраната го остваруваат Собранието на Република Македонија, претседателот на Републиката, Владата и министерот кој раководи со Министерството за одбрана.

Според член 18 став 1 точка 8 од Законот, претседателот на Република Македонија и врховен командант на армијата, во остварувањето на одбраната, меѓу другото, наредува мобилизација на Армијата.

Во главата IV со наслов: „Армија на Република Македонија“ е содржан членот 22, според чиј став 1, Армијата е вооружена сила на сите граѓани на Републиката. Според ставот 2 од истата одредба, Армијата има постојан и резервен состав.

Во членот 30 од истата глава од Законот е определено дека, подготовката на Армијата опфаќа преземање организациски, безбедносни, воено-стручни и други мерки и постапки потребни за успешното остварување на борбените задачи.

Понатаму, според членот 31 од Законот, со мобилизација Армијата се доведува во состојба на готовност за извршување на борбени задачи според документите за употреба на Армијата (што треба да се постигне со мобилизацијата).

Членот 32 од Законот определува дека мобилизацијата на Армијата може да биде општа или делумна (став 1), Притоа, општата мобилизација ја опфаќа целата Армија, а делумната, нејзините одделни формациски состави (став 2).

Според членот 33 од Законот, мобилизацијата на Армијата се организира во согласност со документите за употреба, а се извршува според документите за мобилизација.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека согласно уставната определба утврдена во членот 79 став 2 и членот 122 став 2 од Уставот на Република Македонија, претседателот на Република Македонија е врховен командант на вооружените сили на Македонија, а со Законот за одбрана се утврдува организирањето на одбраната на Република Македонија како ситем кој го сочинуваат граѓаните на Република Македонија, органите на државната власт и Армијата со точно утврдени надлежности.

Врз основа на наведеното може да се констатира дека сите чинители кои се вклучени во системот за одбраната на Републиката имаат точно определени надлежности. Имено, претседателот на Републиката како врховен командант на вооружените сили на Република Македонија, во остварувањето на одбраната, меѓу другото, наредува мобилизација на Армијата. Министерот за одбрана, пак, според оспорената одредба, како старешина на орган на државната управа е одговорен за организирање и спроведување на мобилиза-цијата на Армијата. Вака определените надлежности се со цел Армијата, преку мобилизацијата да се доведе во состојба на готовност за извршување на борбени задачи според документите за употреба на Армијата. Поставените одговорности на вака предвидениот начин не ги нарушуваат принципите на едностарешинството, субординацијата и единството во командувањето при употреба на силите и средствата.

Според тоа, министерот за одбрана, врз основа на оспорената законската одредба, по повод издадена наредба за мобилизација од страна на претседателот на Републиката како врховен командант, презема дејствија во функција на извршување на така дадената наредба во насока на организирање и успешно спроведување на мобилизацијата.

Оттаму, министерот за одбрана, како старешина на орган на државната управа, како дел од системот за одбрана на Републиката, во остварувањето на одбраната има посебни одговорности кои се утврдени со Законот за одбрана, како и за сите други учесници во системот на одбраната. Меѓутоа, со тоа законодавецот не му пренесува на министерот дел од надлежностите на претседателот на Република Македонија како врховен командант на Армијата, туку напротив со оспорената одредба се овозможува операционализација на издадената наредба за мобилизација.

Преку утврдувањето на конкретните одговорности во реализацијата на мобилизацијата на Армијата во Републиката во која, меѓу другите, се вклучени претседателот на Републиката и министерот за одбрана, според оцена на Судот, не се доведува во прашање уставно утврдената позиција на претседателот на Републиката како врховен командант на Армијата, ниту се доведува во прашање уставната определба за уредување на одбраната на Републиката со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Во контекст на наведеното, произлегува дека е неоснован и наводот од иницијативата дека оспорената одредба не можела повеќе да постои во уставно-правниот поредок поради тоа што Уставниот суд со Одлука У.бр.135/2001 и 155/2001 од 18 септември 2002 година го укинал членот 28 став 2 од Законот за одбрана. Имено, во таа постапка Судот утврди дека со спроведувањето на командувањето со Армијата преку министерот за одбрана се врши поделба на функцијата меѓу претседателот на Републиката, како Врховен командант на вооруже-ните сили и министерот за одбрана како старешина на орган на управа, а со самото тоа и до ограничување на ингеренциите на Врховниот командант, што сега не е случај, заради јасното раграничување на нивните овластувања во делот на процесот на мобилизација.

Оттаму, Судот оцени дека оспорениот член 34 точка 1 од Законот е во согласност со член 79 став 2 и член 122 став 1 од Уставот, како и со останатите уставни одредби на кои се заснова поднесената иницијатива.

6. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со закон.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што оспорениот член 20 став 1 точка 15 од Законот бил предмет на оценување пред Уставниот суд на Република Македонија, кој со Решение У.бр.15/2002 од 18 декември 2002 година, Судот, меѓу другото, по повод иницијатива на Стамен Филипов, не повел постапка за оценување уставноста на член 20 став 1 точка 15 Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2001), Судот оцени дека се исполнети деловничките услови за отфрлање на иницијативата во овој дел.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа­те­лот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.59/2008
11 јуни 2008 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски