Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 јуни 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста член 15 ставовите 1 и 3 од Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело и финансирање на тероризам („Службен весник на Република Македонија“ бр. 4/2008)
2. Манчо Манчев, адвокат од Кавадарци на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 15 ставови 1 и 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените ставови 1 и 3 на член 15 од Законот, не биле во согласност со членовите 12, 13 и 14 од Уставот на Република Македонија, затоа што со предвидувањето на можноста субјектите наведени во член 5 од истиот закон да го задржат клиентот, крајниот сопственик и ополномоштувачот се ограничувала слободата на човекот, на индивидуата без судска одлука спротивно на одредбите од Законот за кривичната постапка, а посебно на одредбата од член 144 од наведениот закон. Имено, оспорената одредба предвидува можност граѓанинот да биде задржан без да биде запознат со причините поради кои е задржан, односно лишен од слобода.
Според тоа, задржувањето преставувало и соодветна казна која не била последица на судска одлука и на со закон спроведена постапка.
3. Судот на седницата утврди дека со Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело и финансирање на тероризам („Службен весник на Република Македонија“ бр. 4/2008) се утврдени мерките и дејствијата за откривање и спречување на перење пари и други приноси од казниво дело и финансирање на тероризам (член 1).
Во членот 2 од Законот е утврдено значењето на одделни изрази употребени во овој закон, меѓу кои е утврдено и значењето на поимите: перење на пари и други приноси од казниво дело; финансирање на тероризам; принос од казниво дело; клиент; краен сопственик; привремени мерки и други.
Во членот 5 од Законот се утврдени субјектите кои имаат обврска да ги преземаат мерките и дејствијата за спречување и откривање на перење пари и финансирање на тероризам, а тоа се:
1) Финансиски институции и службените и одговорните лица во нив, вклучувајќи и:
а.) преставништва, подружници, филијали и делови на странски финансиски институции кои согласно со прописите вршат дејност во Република Македонија
б.) преставништва, подружници, филијали и делови на финансиски институции со седиште во Република Македонија кои согласно со прописите вршат дејност во друга земја.
2) Правните и физичките лица кои ги вршат следниве активности:
а.) дејност на промет со недвижности;
б.) ревизија и сметководство;
в.) нотарски, адвокатски и други правни услуги што се однесуваат на: во продажба на недвижности или фирми, тргување и управување со пари и хартии од вредност, отварање и располагање со банкарски сметки, сефови и други сметки, основање или учество во управувањето или работењето на правни лица, застапување на клиенти во финансиски трансакции и промет со недвижности;
г.) дејности на промет со акцизни стоки, и
д.) други слични активности со кои се стекнува имот и други видови располагања;
3) Друштва за приредување на игри на среќа во играчници (казино).
4) Даватели на услуги на правни лица, и
5) Здруженија на граѓани.
Согласно членот 6 од наведниот закон, како мерки и дејствија што ги преземаат субјектите од членот 5 на овој закон, за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам се: анализа на своите клиенти, следење на одредени трансакции, собирање, чување и доставување на податоци за трансакциите и клиентите кои ги вршат и воведување на внатрешни програми за имплементација на мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.
Во членовите 8 и 9 од Законот е предвидено во кои случаи субјектите од членот 5 се должни да спроведат процедура на анализа на клиентот и што опфаќа процедурата на анализа на клиентот (идентификација на клиентот и верификување на неговиот идентитет, идентификација на крајниот сопственик и ополномоштувачот и верификување на неговиот идентит, сопственичката и управувачката структура и друго).
Во членовите 10, 11 и 12 од Законот е утврден начинот на идентификација на клиентот, крајниот сопственик и ополномоштувачот.
Во оспорениот став 1 на членот 15 од Законот поместен во насловот „Одбивање да се изврши или задржување на трансакцијата“ е предвидено дека: „ Ако клиентот, крајниот сопственик и ополномоштувачот не се идентификувани во случаите на задолжителна трансакција, субјектот е должен да го одбие извршувањето на трансакцијата или деловниот или друг однос или правна работа, или ако е во тек да ја задржи и веднаш писмено да ја извести Управата за задржувањето, односно одбивањето да се изврши трансакцијата.„
Во ставот 2 на членот 15 од Законот е предвидено дека: „ Со известувањето од ставот 1 на овој член, субјектот доставува до управата податоци за видот на трансакцијата, деловниот или друг однос односно правна работа и други податоци и сознанија со кои располага заради идентификација на клиентот односно трансакцијата.„
Во оспорениот став 3 на наведениот член е предвидено дека: „ Задржувањето може да трае сé додека не биде идентификуван клиентот, односно трансакцијата, или не бидат одредени мерки предвидени за сомнителна трансакција утврдени во членовите 36, 37, 38 и 39 од овој закон.„
Во членовите 36, 37, 38 и 39 од Законот е уредено постапувањето на Управата за спречување на перење пари ….., јавниот обвинител и истражниот судија кој во кратки рокови (24 часа) преземаат активности од својата надлежност по сознането односно предлогот за определување на привремени мерки кои се состојат во запирање на трансакцијата и привремена заплена на парите или имотот.
Притоа, задржувањето на трансакцијата трае до донесување на судска одлука по предлогот, а најдолго 72 часа од задржувањето на трансакцијата.
4. Согласно член 12 став 1 од Уставот на Република Македонија, слободата на човекот е неприкосновена, а во ставот 2 од овој член е утврдено дека никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон.
Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
Лицето незаконски лишено од слобода, притворено или незаконски осудено, има право на надомест на штета и други права утврдени со закон (став 2).
Во членот 14 став 1 од Уставот е предвидено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис, како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Тргнувајќи од наведените законски одредби како и целината на Законот, произлегува дека со него се регулира системот на превентивни мерки и дејствија против перењето пари и финансирање на тероризам како глобални феномени, кои ги поткопуваат темелите на владеењето на правото и финансискиот систем на државата. Предвидувањето на широкиот дијапазон на субјекти кои имаат обврска да преземаат мерки и дејствија за спречување и откривање на перење пари и финансирање на тероризам, даваат доволно јасна престава за грижата на државата колку што е можно повеќе да ги сузбие овие феномени.
Оттука, имајќи го предвид наведеното, Судот смета дека оспорените ставови 1 и 3 на член 15 од Законот не можат да бидат предмет на оцена, по однос на нивната согласност со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата. Според Судот, подносителот на иницијативата погрешно ги толкува оспорените ставови наведувајќи дека субјектите од членот 5 од Законот го задржуваат клиентот, крајниот сопственик и ополномоштувачот, додека не биде идентификуван клиентот, што не е точно, затоа што не се задржуваат лицата, туку се запира вршењето на трансакцијата.
Имено, овие одредби предвидуваат можност во случаите кога клиентот крајниот сопственик и ополномоштувачот, според Законот треба да бидат идентификувани, а тоа не е направено да ја запрат започната или воопшто да не ја активираат трансакцијата, што значи не се задржуваат наведените лица туку се запира одредена финансиска трансакција кога постојат основи на сомнение дека парите од таа трансакција ќе бидат употребени за дејствија кои согласно Кривичниот законик се предвидени како казниви дела.
Со оглед на наведеното, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените ставови 1 и 3 на член 15 од Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело и финансирање на тероризам со членовите 12, 13 и 14 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.32/2008
11 јуни 2008 година
С к о п ј е
лк/сд
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски