103/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 јуни 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за работни односи на Македонската филхарминија од 26 март 1991 година.

2. Панче Докузов, адвокат од Штип на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот акт бил во спротивност со Законот за работните односи, Законот за култура и со Уставот на Република Македонија. Имено, од самата преамбула на оспорениот акт произлегувало дека истиот бил донесен врз основа на закони кои биле укинати, односно не биле повеќе во правна сила. Овој акт не бил усогласен со одредбите на Законот за работни односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005), особено член 269 каде стои обврска за усогласување на овој акт со Законот во рок од 6 месеци од денот на влегувањето во сила на законот. Исто така, овој Правилник бил во спротивност и со член 155 став 1 од Законот за културата, особено на планот на аудиција и реаудиција. Правилникот бил во спротивност и со темелните вредности на Уставот инкорпорирани во членот 8.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот Правилник содржи прашањата по однос на работните одн оси во Македонската филхармонија групирани во осумнаесет глави.

4. Согласно членот 110 алинеја 2 од Уставот на Република Макекдонија, Уставниот суд на Република Макекдонија одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од содржината на оспорениот акт произлегува дека со него се уредуваат правата, обврските, одговорностите на работниците, начинот и постапката за нивното остварување, органите кои одлучуваат за правата, обврските и одговорностите на работниците на Македонската филхарминија и други прашања од работните односи.

Оттаму, Судот оцени дека оспорениот акт има карактер на интерен акт, односно акт што ги уредува внатрешните односи, што значи дека не содржи општи норми на однесување, не уредува односи на субјектие во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото. Според тоа, оспорениот Правилник нема карактер на пропис подобен за уставно судска оцена.

Со оглед на фактот што оспорениот Правилник нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку претставува интерен акт, Судот не е надлежен за оценување на неговата согласност со Уставот и со законите, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.103/2008
11 јуни 2008 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски