214/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 јуни 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 104 од Законот за полицијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.114/2006).

2. Петре Илиевски, адвокат од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 104 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената законска одредба била нејасна и непрецизна и не била во согласност со принципот на владеењето на правото и принципот на поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како и со членот 51 од Уставот на Република Македонија. Имено, вршењето на дополнителната или самостојната стопанска дејност, определени работи или професионална дејност, можело да се утврди само со закон и за истото не можел да одлучува министерот. За да конфузноста биде поголема, ставот 2 од истиов член појаснувал дека согласноста ќе се давала на начин и под услови утврдени со прописите за работните односи. Така ставот 3 од член 104 од Законот за полиција, бил нејасен со тоа што појаснувал дека дејноста од став 1 на овој член, полицискиот службеник бил должен да ја врши надвор од работното време во Министерството, и на начин тоа вршење да не влијаело врз законското и правилно извршување на полициските работи.

Повикувањето на прописите од работните односи, каде биле регулирани начините и условите за давање согласнот од министерот, биле крајно нејасни и непрецизни, а подносителот на иницијативата смета дека прописи што регулираат вакви прашања не постојат.

Поради изнесеното, според иницијативата оспорениот член 104 од Законот за полиција, не бил во согласност со членовите 8 и 51 од Уставот на Република Македонија, поради што предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 104 од Законот за полиција.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 104 од Законот, полицискиот службеник, по претходна согласност од министерот, а на предлог од посебна комисија во Министерството може да извршува определени работи, самостојна или дополнителна стопанска или професионална дејност што не се во судир со полициските работи.

Согласноста од ставот 1 на овој член, министерот ја дава на начин и под условите утврдени со прописите за работни односи.

Полицискиот службеник дејноста од ставот 1 на овој член е должен да ја врши надвор од работното време во Министерството и на начин, вршењето на таа дејност да не влијае врз законското правилно извршување на полициските работи.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Според член 91 алинеја 1 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршување на законите.

Според член 96 од Уставот органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Во Делот II „Полициски работи“е поместен членот 5 од Законот кој ги утврдува работите кои се во надлежност на полицијата која е во состав на Министерството за внатрешни работи, при што покрај децидно наведените работи што се однесуваат на делувањето на полициските службеници, во алинеја 10 од наведениот член е утврдено дека полициските службеници вршат и други работи утврдени со закон.

Според член 104 од Законот, полицискиот службеник по претходна согласност на министерот, а на предлог на посебна комисија во Министерството може да извршува определени работи, самостојно или дополнителна стопанска или професионална дејност што не е во судир со полициските работи.

Согласноста од став 1 на овој член, министерот ја дава на начин и под услови утврдени со прописите за работни односи.

Полицискиот службеник дејноста од ставот 1 на овој член е должен да ја врши надвор од работното време во Министерството и на начин, вршењето на таа дејност да не влијае врз законското и правилно извршување на полициските работи.

Согласно член 128 став 1 алинеја 1 и 7 министерот донесува подзаконски пропис за начинот на вршење на полициските работи, како и работите и дејностите што се во судир со полициските работи.

Со Законот за спречување на корупцијата се утврдуваат мерки и активности за спречување на корупцијата во вршење на власта, јавните овластувања, службената должност и мерките и активностите за спречување на судир на интереси, мерки и активности за спречување на корупцијата при вршењето на јавни овластувања како и мерки и активности за спречување на корупција во трговските друштва.

Во делот од одредбите на Глава III од наведениот Закон „Забрана за вршење на други дејности“ покрај другото е предвидено (член 22 став 2) дека службено лице не може да врши никаква друга дејност поврзана со остварување на профит и што е неспоиво со неговата службена должност.

Други работи и дејности службеното лице може да врши само по претходно одобрение од функционерот кој раководи со органот.

Од наведените одредби произлегува дека полицискиот службеник по претходна согласност на министерот односно по спроведена претходна постапка согласно прописите од работните односи може да врши дополнителна стопанска или професионална дејност, при што таа дејност или професија не смее да биде во судир со полициските работи. Притоа законодавецот утврдил дека вршењето на дополнителната активност на полицискиот службеник било тоа да е стопанска и професионална не може да се врши во текот на работното време во Министерството и вршењето на таа дејност да не влијае на законитото и правилно извршување на полициските работи.

Тргнувајќи од содржината на уставните одредби кои се однесуваат на надлежностите на органите на управата, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба од член 104 во корелација со членот 128 став 1 алинеја 1 од Законот според кој министерот е овластен да донесе подзаконски пропис за начинот на вршењето на полициските работи, според Судот, даденото законско овластување е во согласност со Уставот. Имено, органите на државната управа можат да бидат овластени да донесуваат прописи со кои се разработуват законски одредби заради нивно извршување, при што законот за чие извршување се донесуваат подзаконските прописи мора да содржи основи за уредување на односите и рамки на овластувањето на органот.

Со оглед на фактот што од Законот за полицијата може да се утврди дека тој содржи основи и правила за тоа кои се полициски работи ги извршуваат полициските службеници, а со подзаконскиот акт министерот е овластен да го определи начинот на нивното извршување, Судот смета дека даденото овластување е во насока на операционализација на Законот за полиција, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на член 104 од Законот со наведените уставни одредби.

Тргнувајќи од тоа што Законот за полицијата и Законот за спречување на корупцијата содржат рамки во кои треба да се движи министерот при утврдување на работите и дејностите кои полицискиот работник може да ги врши како дополнителна активност, а кои не се во судир со полициските работи, Судот оцени дека министерот за внатрешни работи согласно членот 49 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000 и 44/2002), го претставува Министерството, кој пак согласно членот 121 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005) е овластен да даде претходна согласност за склучување на договор за вработување со скратено работно време со друг работодавач.

Имено, во ставот 1 на овој член од Законот е утврдено дека работникот, кој работи полно работно време, може по исклучок да склучи договор за вработување со скратено работно време со друг работодвач, меѓутоа најмногу за десет часа неделно, со претходна согласност на работодавачите, каде што е вработен со полно работно време.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека наводите на подносителот на иницијативата дека одредбите со кои е регулиран начинот и условите за давање согласност на министерот биле крајно нејасни и дека министерот немал право да дава таква согласност, не се основани од причина што правото на министерот да дава согласност за склучлување на договор за вработување со скратено работно време со друг работодавач произлегува од членот 47 став 1 од Законот за организација и работа на органите на дражавната управа, како и од членот 121 од Законот за работните односи, поради што не може да се постави прашањето на согласноста на оспорениот член 104 од Законот за полицијата со принципите на владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, утврдени во членот 8 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.214/2007
11 јуни 2008 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски