Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 мај 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 105 став 5 од Законот за странци (“Службен весник на Република Македонија” бр.35/2006 и 66/2007).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 105 став 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите на подносителот на иницијатвата оспорениот член не бил во согласност со член 8 алинеи 1, 3 и 11, член 29, член 51 и член 54 став 1 од Уставот, како и со Амандман 21 од Уставот на Република Македонија. Ова затоа што изречената казна или прекршочна санкција протерување на странец од земјата веднаш се извршувала и ако одлуката со која е изречена таа санкција се уште не станала правосилна и извршна.
Ваквиот заклучок подносителот на иницијативата го заснова на одделни одредби од Законот за прекршоците и Законот за извршување на санкции според кои странец на кој му е изречена казна или прекршочна санкција протерување може присилно да се отстрани од Република Македонија откако одлуката станала правосилана, исто како што законодавецот тоа го предвидел во ставот 4 на член 105 од Законот за странци.
3. Судот на седницата утврди дека според член 105 став 5 од Законот за странци, странец на кој му е изречена казна или прекршочна санкција протерување на странец од земјата веднаш присилно се отстранува од државата.
4. Согласно член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 11 од Уставот на Република Македонија како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
Според член 29 став 1 од Уставот, странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори.
Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите.
Согласно член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Со Законот за странци (“Службен весник на Република Македонија” бр.35/2006 и 66/2007) се уредуваат условите за влез, напуштање и престој на странци во Република Македонија, како и нивните права и должности (член 1).
Според член 2 став 1 од наведениот закон странец во смисла на овој закон е лице кое не е државјанин на Република Македонија, а според став 2, странец е лице и без државјанство, односно лице кое во ниедна држава по сила на својот закон не го смета за свој државјанин.
Странците за време на нивниот законски престој во Република Македонија ги имаат истите права и обврски како и државјаните на Република Македонија, освен ако поинаку не е определено со закон.
За време на престој во Република Македонија странците се должни да се придржуваат кон Уставот на Република Македонија, законите, другите прописи и актите на органите на државната власт, како и во согласност со обврските утврдени со ратификуваните меѓународни договори.
Во Глава V од Законот “Протерување и присилно отстранување на странец” се уредени прашањата кои се однесуваат на причините за протерување на странец, протерување на странци кои уживаат посебна заштита, надлежност на Министерството за внатрешни работи да донесе решение за протерување на странец, забрана за влез, добровлно враќање на странец и негово присилно отстранување, спроведување на присилно отстранување, забрана за присилно отстранување на странец, привремено задржување во прифатниот центар за странци на Министерството за внатрешни работи, трошоци за присилно отстранување како и посебните правила за непридружуваните малолетни странци.
Во членот 105 од Законот “Доброволно враќање на странец и негово присилно отстранување” е предвидено дека странец кој со решение на Министерството за внатрешни работи е задолжен да ја напушти територијата на Република Македонија, должен е доброволно да излезе од територијата на Република Македонија веднаш или во рокот кој му е определен.
Доброволното враќање на странец, во смисла на овој закон е помогнато или самостојно враќање на странецот во земјата на потекло, транзит или во трета земја, кое се заснова на слободна и информирана одлука на странецот кој се враќа без оглед што алтернативата на оваа одлука е присилно враќање.
Странецот кој нема да постапи согласно со ставот 1 на овој член или ако постојат околности кои укажуваат дека странецот нема да ја напушти територијата на Република Македонија, доброволно, присилно се отстранува од територијата на Република Македонија.
Странец може присилно да се отстрани од територијата на Република Македонија само ако решението врз основа на кое е должен да ја напушти државата е извршно (став 4).
Во оспорениот став 5 на овој член е предвидено дека странец на кој му е изречена казна или прекршочна санкција протерување на странец од земјата веднаш присилно се отстранува од државата.
Во членот 106 од Законот е предвидено дека странец кој согласно со овој закон мора присилно да се отстрани од државата, овластеното службено лице на Министерството за внатрешни работи го спроведува до државната граница, го упатува преку граница, го предава на претставници на странска држава чии државјанин е странецот или на претставници на странска држава од која дошол.
Кога постојат оправдани причини за тоа, странецот може да биде пренесен во трета држава, а не на државата чии државјанин е.
Пред спроведување на присилно отстранување странецот подлежи на медицинска проверка на неговата здравствена состојба.
Според член 33 став 1 од Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004 и 81/2005) за кривично дело на кривично одоговорните сторители може да им се изречат следните казни: казна затвор, парична казна, забрна за вршење на професија, дејност или должност, забрана за управување со моторно возило и протерување странец од земјата.
Според став 7 на член 33 од овој законик, казните забрана за управување со моторно возило и протерување странец од земјата можат да се изречат ако на странецот му е изречена казна затвор или парична казна, условна осуда или судска опомена.
Според член 38-г од Законикот, судот може на странецот кој не е државјанин на Република Македонија да му изрече казна протерување од земјата кога ќе оцени дека природата на делата, побудите на сторителот и околностите под кои е сторено укажуваат на непожелност за натамошен престој на сторителот во земјата.
Казната од ставот 1 може да трае од една до десет години или засекогаш и започнува од денот на протерување на сторителот од територијата на Република Македонија.
Според член 13 од Законот за прекршоците (“Службен весник на Република Македонија” бр.6/2006) за прекршоци на прекршочно одговорни полнолетни сторители може да им се изречат следниве санкции: глоба, опомена, престанок на важење на возачка дозвола, забрана за управување со моторно возило, забрана за вршење на професија, дејност или должност, протерување на странец од земјата и задолжително лекување на алкохоличари и наркомани.
Според член 14 став 5 од Законот, протерувањето странец од земјата се изрекува заедно со глоба, опомена или како самостојна санкција во случаите определени со закон. Според член 23, пак, судот може на странецот кој не е државјанин на Република Македонија да му изрече санкција протерување од земјата кога ќе оцени дека природата на прекршокот, побудите на сторителот и околностите под кои е сторен, укажуваат на непожелност за натамошен престој на странецот во земјата.
Протерување на странец од земјата може да трае од една до десет години или засекогаш и започнува да се смета од денот на протерувањето на сторителот од територијата на Република Македонија.
Протерувањето од ставот 1 на овој член не може да се изрече на сторителот што ужива заштита во согланост со ратификуваните меѓународни договори.
Со Законот за извршување на санкциите (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2006) се уредува извршувањето на санкциите изречени за кривични дела и прекршоци (Казниви дела) член 1 став 1.
Според член 2 од наведениот Закон, санкциите изречени за казниви дела се извршуваат кога одлуката со која е изречена санкцијата ќе стане правосилна и кога не постојат законски пречки за нејзино извршување.
Со извршувањето на одделни санкции може да се почне и пред правосилноста на одлуката со која санкцијата е изречена, само кога тоа е определно со закон.
Според член 7 став 1 од Законот, санкциите ги извршуваат органите определени со овој Закон.
Според став 3 од член 7 од Законот, одлуката станува извршна кога по нејзината правосилност не постојат пречки определени со овој закон за извршување на санкциите.
Според член 224 од Законот, правосилната пресуда со која е изречна казната протерување на странец од земјата, надлежниот суд му ја доставува на извршување на Министерството за внатрешни работи.
Казната од ставот 1 на овој член се извршува според одредбите на законот со кој се регулира движењето и престојот на странци.
Тргнувајќи од наведеното, а посебно од анализата на Законот за странци во целина и член 105 од истиот закон, произлегува дека во конкретниов случај во суштина се работи за две различни ситуации кога странецот треба да биде протеран од земјата. Имено, првата ситуација се однесува кога странецот треба да биде протеран од земјата од причини наведени во Законот за странци, а врз основа на решение кое го носи Министерството за внатрешни работи против кое странецот има право на жалба до надлежната комисија на Владата на Република Македонија, а против решението на комисијата странецот има право да поведе управен спор што значи странецот ќе биде протеран откако решението ќе стане правосилно односно извршно (член 105 став 4). Втората ситуација, пак, се однесува на случаите кога странец треба да биде протеран врз основа на судска пресуда, при што Министерството за внатрешни работи не донесува посебно решение за протерување, туку само ја извршува одлуката на судот за протерување која станала правосилна што е услов предвиден и во Законот за извршување на санкции и доколку не постојат законски пречки за извршување.
Според мислењето на Судот, подносителот на иницијативата погрешно ги толкува, компарира и изедначува двете различни ситуации утврдени во член 105 во ставот 4 и во ставот 5 од Законот за странци, односно бара оспорената одредба да содржи норма за правосилност односно извршност при состојба кога правосилноста односно извршноста за судската одлука за протерување на странци е содржана и е услов за извршување согласно Законот за извршување на санкции.
Со оглед на наведеното Судот смета дека не се основани наводите на подносителот на иницијативата дека со оспорениот член 105 став 5 од Законот за странци се доведуваат во прашање уставните начела и уставните одредби на кои тој се повикува, поради што не го постави прашањето за неговата согласност со Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.179/2007
28 мај 2008 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски